• петок, 21 февруари 2025
МИА Општински пул

18 февруари 2025

Штип - Рокот за доставување на понуди на меѓународниот тендер за изградба на регионална депонија кај Светиниколското село Мечкуевци се пролонгира, потврди за МИА Ана Мазнева Каранфиловска од Министерството за животна средина и просторно планирање. Таа истакна дека пролонгирањето е поради технички причини, а до кога ќе се продолжи треба да добијат информација од Брисел, бидејќи постапката ја води ЕУ, која и дава средства за реализација на овој проект.

Инаку, до денеска требаше да трае доставувањето на понудите на компаниите, кои се заинтересирани да го градат првиот современ систем за депонирање на отпадот за 18 општини од источниот и североисточниот регион.

Кавадарци - Во Кавадарци ќе се спроведува проект за мерење и следење на физичкиот развој кај ученици. Во просториите на Општината денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот Свети „Кирил и Методиј’“, вонреден проф. д-р Влатко Неделковски, потпишаа Меморандум за соработка. 

- Активностите се во рамките на проектот „Состојбата на физичкиот фитнес, нутритивниот статус и статусот на стапалата кај децата и младите од Општина Кавадарци“. Проектот вклучува мерење и следење на физичкиот развој (откривање на телесни деформитети) на ученици од второ до петто одделение. Во проектот ќе бидат вклучени 1.460 ученици од основните училишта при Општина Кавадарци, појаснија од Кабинетот на градоначалникот. 

Куманово - Во Центарот за јавно здравје Куманово потврден е еден случај на заболен од шуга од Романовце, информираа денеска од јавната здравствена установа. Станува збор за ученик од основно училиште „Кирил и Методиј“ од село Романовце. За останатите, нема потврда дека се заболени од шуга. Епидемиолозите смируваат дека простор за паника нема, во училиштето се преземени сите мерки за дезинфекција.

- Во тек на денешниот ден пристигната е пријава за заразна болест-шуга за еден ученик во училиштето во Романовце. Направен епидемиолошки увид во училиштето каде што се дадени и препораки изолација на заболениот ученик, третирање и лекување до целосно закрепнување, третирање на членовите на семејството, засилена одржување на хигиената. Во просториите на училиштето е спроведена дезинфекција, дезинфекција по епидемиолошки индикации од страна на службата на ЦЈЗ Куманово. Сестрата на ученикот е во изолација, во моментот не е заболена. До нас има само една пријава. Контактирав со родителите на останатите отсутни ученици. Според информации на родителите досега никој од учениците на развил симптоми на болеста, простор за паника-нема, изјави д-р Едита Рамизи, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Куманово.

Крива Паланка - Општина Крива Паланка со комплетно подготвена проектно-техничка документација достави четири приоритетни проекти за реализација согласно повикот за општините од страна на Владата со кој за Крива Паланка на располагање се 154.000.000 денари, додека со три проекти од областа на животна средина се очекува за општината да бидат одобрени 980.000 евра од Европската инвестициска банка преку Министерство за животна средина и просторно планирање.

Сите седум проекти со вкупна вредност од 3.5 милиони евра, денес официјално се доставени до Владата и Министерство за животна средина и во најскоро време се очекува да се реализираат. 

Струга - Во организација на клубот за подводни активности „Норкач“ од Струга на 31 мај ќе се одржи третата еко-акција за подводно чистење на струшкото крајбрежје.

На настанот, како што информира Ристе Талевски од Клубот за подводни активности „Норкач“, најавиле учество нукрачки клубови од Охрид, Скопје, но и соседството, а повикот е отворен и за сите заинтересирани.

Куманово - Мигрант од Сомалија нападнал вработен во транзитен центар Табановце, информираше денеска полицијата.

- Вчера во 08:15часот во СВР Куманово, вработен во транзитниот центар Табановце пријавил дека бил физички нападнат од мигрантот К.С.(27) од Сомалија, информираше полицијата. По целосното документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок

Скопје - Село Трубарево во текот на утрешниот ден ќе остане без вода за пиење, информираат денеска од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Поради изведување приклучок на улицата „20“ број 6 во селото, предвидено е водоснабдувањето да биде прекинато од 10 часот до завршување со работните активности.

Велес - Во тек е јавен повик на Општина Велес за ангажирање лица за извршување јавни работи кои се приматели на гарантирана минимална помош и невработени лица со живеалиште на територијата на Општина Велес, а врз основа на Програмата за активностите на општината во областа на заштита на животната средина во 2025 година.  Согласно планот за јавни работи за 2025 година изготвен од страна на надлежните служби, Општина Велес има потреба од 10 лица за извршување на јавни работи во времетраење од 10 месеци, а месечниот надоместок ќе изнесува 20 илјади денари со вклучен персонален данок за секое ангажирано лице. Јавниот повик трае до крајот на месецов.

Како што информираат од Општина Велес, ангажираните лица ќе спроведуваат јавни работи од типот на чистење на улици, локални патишта, патеки, скали, чистење на водотранспортни објекти, чистење на снег од јавни површини, отстранување на наноси и одрони, фарбање на комунална опрема, чистење на јавни објекти, поставување на опрема, собирање на отпад, чистење на депонии, подигање и одржување на зелени површини и други слични работи по потреба.

Битола - Роми интелектуалци, истражувачи, претставници на граѓанскиот сектор од осум држави во Европа, денеска во Битола учествуваа на промоцијата на првата македонска книга „Сјајни ѕвезди“, збир од ромски бајки публикувани на македонски, ромски и англиски јазик.

Станува збор за 32 ромски приказни од Македонија, Турција, Романија, Србија, Бугарија, Германија, Грција и Унгарија, собрани од возрасни баби и дедовци Роми, истакна Фатма Бајмрам Аземовска, учесник во европскиот проект.

Охрид - Олеснување на пристапот на граѓаните до јавните комунални услуги е целта на Форумот што го организира Општина Охрид, а се одржа во рамки на проектот „Заедно со потрошувачите во дигитализација и модернизација на јавните комунални услуги во Општина Охрид“.

Како што истакна Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), собирот што се одржува согласно договор со Институтот за европски политики е во насока на дигитализирање на јавните комунални услуги, во смисла олеснување на пристапот на граѓаните кон општинските инстутуции.

Скопје - Поради дефект Ф-400мм на булевар „8ми-Септември“ во населба Карпош, утре од 09:00 часот без вода ќе останат корисниците од бул. „Илинден“ до кружниот тек - хотел Александар Палас, базенот и спортскиот центар „Борис Трајковски“, информира ЈП Водовод и каналзиација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Џ.Р. од Битола - вработен во Одделение за заеднички работи во СВР Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.  

Од  секторот за односи со јавност и протокол на МВР сооштија дека на 5 јануари годинава, околу 02.30 часот во ноќен клуб во Битола, пријавениот  агресивно се однесувал и се заканувал на едно лице, а при интервенцијата на лица од обезбедувањето, тој се однесувал агресивно и кон нив. Откако бил отстранет од објектот, исто така, продолжил со агресивното однесување.

Штип - Општина Штип почна со доставата на решенија за данок на имот на речиси 18.000 домаќинства. Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип денеска изјави дека Општината очекува да собере околу 60 милиони денари од данокот за имот за тековната година. Со парите кои Општината ги собира по основ на данок на имот се инвестира во капитални проекти, инфраструктура, патишта, улици, булевари и слично.

-Општина Штип започна со достава на решенијата за данок на имот за 2025 година, ќе се достават 17.900 решенија за физички лица и 437 решенија за правни лица. Вкупно општината очекува од данок на имот оваа година да собере околу 60 милиони денари, изјави Каров.

Кавадарци - Министерството за труд и социјална политика, локалната самоуправа и Црвен крст - Кавадарци, го потпишаа новиот управен договор за подобрување на социјалните услуги во општината. 

- Оваа социјална услуга се реализира веќе четврта година по ред во партнерство со Црвен крст, во својство на давател на услугата. Се обезбедува помош при лична хигиена, облекување, мобилност во домот, хранење, користење тоалет, менување пелени, поддршка при чистење, посредување за поправки, перење, готвење, купување продукти, надворешна мобилност, земање медицинска терапија, активности од секојдневниот живот, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Кавадарци - Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев пријавил закани од страна на сограѓанин, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес. 

- Вчера во 14:05 часот во ОВР - Кавадарци, М.Ј., на возраст од 43 години - градоначалник на општина Кавадарци, пријавил дека Н.Ј. на социјална мрежа и на телефон му упатувал закани. Се работи на расчистување на случајот, појаснија од СВР - Велес.

Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица аплицираше со повеќе значајни проекти на вториот Јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, објавен од Министерството за локална самоуправа.

Аплицираните проекти како што информираше денес градоначалникот Димчо Атанасовски вклучуваат подобрување на локалната патна инфраструктура и олеснување на секојдневниот живот на жителите првенствено во руралните средини од општината.

 

Остани поврзан