МИА Општински пул
- 14 февруари 2025

14 февруари 2025
Дебар - Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, минатата година произведени се над 233 милиони киловат часови електрична енергија, а моментно во акумулацијата има резерва на вода за производство на над 6 милиони киловат часови.
- Вкупното производство за 2024 година е 233.045.000 киловат часови електрична енергија што претставува 87 отсто реализација на годишниот план. Просечен доток во изминатите денови од Црн Дрим е околу 21 кубен метар во секунда, a од локален слив околу 17 м3/сек. Моментната кота во акумулацијата на Дебарско Езеро е 563,75 метри што претставува резерва за производство на над 6,1 милион киловат часови, потврдија за МИА, од ЕСМ.
Скопје - Заклучно со вчера има поднесено околу 20-тина апликативни формулари за 20-тина проекти од три локални самоуправи на вториот повик за доделување финансиска помош за општините за реализација на инфраструктурни проекти, информира министерот за локална самоуправа Златко Перински кој денеска заедно со неговиот заменик Ерџан Селим е во посета на Општина Гази Баба како дел од караванот „Каде што срцето е дома“.
-Тоа е добро зашто локалните самоуправи мора да пополнат апликативни формулари и да ја досредат целата документација за да аплицираат. Само во првиот ден добивме 20-тина апликации што навистина е добро и покажува дека градоначалниците подготвено го дочекаа вториот јавен повик, посочи Перински во одговор на новинарско прашање и додаде дека искуството од првиот повик ќе им помогне на општините сега правилно да аплицираат и да немаат проблеми како што имаа дел од нив на првиот јавен повик.
Скопје - ЈП Водовод и Kанализација-Скопје информира дека поради уличен дефект на ул. „Смилевска“ бр.16 денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на улиците „Смилевска“, „Радушка“, „Гостиварска“ и дел од „4 јули“, во општина Ѓорче Петров.
Прекинот во водоснабдувањето ќе започне од 10:30 часот до завршување на дефектот.
Струмица - Синоќа во 21:15 часот изгоре куќа во село Иловица, струмичко. Според информацијата од ТППЕ Струмица во гаснењето на пожарот учествувале три противпожарни возила и 10 пожарникари
-Пожарот во поголем дел беше изгаснат од месното население. По пристигнувањето извршена е контрола и изгаснати се некои жаришта низ просториите на куќата, се наведува во информацијата од струмичките пожарникари.
Струга - Со презентација на извештај од супер вештачењето во Основниот суд во Струга денеска треба да продолжи судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи, матка, јајник и бубрег на родилката од Дебар Јилдз Веапоска.
Ова е прво рочиште по април минатата година поради чекање на супер вештачењето, кое требаше да го направи судско медицински одбор при Медицинскиот факултет од Скопје. Одлуката ја донесе судијата Јордан Јованов на 23 април минатата година, поради неусогласување на вештачењата на вешти лица од Судска медицина побарано од Обвинителството и на техничкиот советник на барање на обвинетите.
Велес - Општина Велес и годинава приредува заедничко одбележување на празникот на лозјето и виното Свети Трифун на отворено во Младинскиот парк.
Како што информираат од Општина Велес, граѓаните ќе имаат можност да дегустираат добри вина од локалните винарии и да вкусат традиционални велешки специјалитети. За забавата да биде на високо ниво ќе се погрижат учениците од отсекот за традиционални инструменти при Општинското Основно Музичко Училиште „Стефан Гајдов“, а свој настап ќе имаат и Иван Милевски и Fantasy Band, Тринити Бенд и Чалгија Саунд Систем.