• вторник, 28 јануари 2025

Иран купи руски авиони Су-35

Иран купи руски авиони Су-35

Техеран, 27 јануари 2025 (МИА) – Иран купи руски воени авиони Сухој-35, изјави претставникот на високата команда на Револуционерната гарда, Али Шамдани. Првпат официјален претставник на Исламската Република признава купувањето на воени авиони, но тој не прецизира колку авиони се купени и дали се доставени во Иран.

- Кога е потребно, купуваме воена опрема за зајакнување на нашите воздушни, копнени и поморски сили. Исто така, го забрзавме темпото на воено производство (од нашата одбранбена индустрија), истакна Шамдани.

Во ноември иранската новинска агенција Тасним соопшти дека Техеран го финализира договорот за купување на руски воени авиони.

Во текот на јануари Иран и Русија потпишаа договор за сеопфатна стратешка соработка, во кој не се споменува обезбедување на воена опрема, но во документот експлицитно беше наведено дека двете земји „ќе развијат воено-техничка соработка“.

Иранските воздухопловни сили имаат само неколку десетици напаѓачки авиони, вклучувајќи и авиони од руско производство, но и стари американски модели од пред Исламската револуција во 1979 година.

Револуционерната гарда за време на иранските воени вежби во Персиски Залив, што почнаа минатата недела, тестираше проектили со вештачка интелигенција. Според шефот на морнарицата на Револуционерната гарда, Алиреза Тангсири, станува збор за ракети „Гаем“ и „Алмас“, кои биле лансирани од беспилотни летала „Мохаџер-6“ и „Абабил-5“. За време на маневрите се практикуваат активности за заштита на крајбрежните објекти за производство и рафинирање нафта и нуклеарната централа Бушер. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан