Во Грција минатата година за 30 отсто се зголемиле мигрантските бранови
- За околу 30 отсто се зголемиле мигрантските бранови кон Грција во 2024 година, споредбено со една година претходно, според министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос, кој во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ посочи дека веќе е развиена нова рута јужно од Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 28 јануари 2025 (МИА) – За околу 30 отсто се зголемиле мигрантските бранови кон Грција во 2024 година, споредбено со една година претходно, според министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос, кој во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ посочи дека веќе е развиена нова рута јужно од Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
- На грчка и европска територија (во 2024 година) нелегално влегоа над 50.000 луѓе, нелегални мигранти, над 12.000-13.000, можеби и повеќе од претходната година. Имаме развој на нов коридор од југ, односно од брегот на Либија преку Гавдос до Крит и од таму до внатрешноста на земјата, а оттаму брановите донекаде се зголемени, објасни надлежниот грчки министер.
За притисокот врз центрите за прием и идентификација во Грција, рече дека на островите Самос и Кос капацитетите се 100 отсто исполнети и потребно е префрлање во објекти во континенталниот дел на земјата.
Панајотопулос истакна дека на маса во ЕУ е и прашањето за враќање во трети земји, на оние чие барање за азил е одбиено, прашање за кое рече дека ќе се дискутира на следниот министерски состанок, а паралелно објасни дека не знаат колку вакви случаи има во Грција, но дека сигурно се неколку илјади.
- Тие или остануваат во земјава, бидејќи службата за азил ја следи процедурата за известување на полицијата за да ги лоцира, што не е секогаш така лесно, или заминуваат. Заминуваат самоиницијативно за да стигнат до нивната крајна дестинација, некоја земја во северна Европа. Според законот, тие треба да бидат пронајдени и вратени, бидејќи не го добиле азилот што го побарале во Грција, во земјата на влез, во Европската унија. Ова не е секогаш така лесно. Сметам дека со дискусијата што сега започнува, Европската унија ќе го промени својот став и ќе се обиде да ги лоцира и реши ваквите случаи, односно во смисла дека оние кои се одбиени како баратели на азил и не добиваат азил, ќе треба на некој начин да бидат лоцирани и вратени, рече Панајотопулос.
Во однос на соработката со Турција во управувањето со миграцијата, министерот објасни дека носи резултати на копнената граница и може да се подобри во поморските области, како што се островите во југоисточниот дел на Егејското Море и ја истакна потребата да се интензивира соработката во борбата против мрежите на криумчарите. ср/ми/