• среда, 29 јануари 2025

ИДФ повторно ги предупреди цивилите да не се враќаат на југот на Либан

ИДФ повторно ги предупреди цивилите да не се враќаат на југот на Либан

Тел Авив, 28 јануари 2025 (МИА) – Израелските одбранбени сили (ИДФ) повторно испратија предупредување до либанските цивили да не се враќаат во селата во јужен Либан, каде што се уште се распоредени војници, бидејќи договорот за прекин на огнот е продолжен за неколку недели.

„Жители на Либан, како што знаете, ИДФ неодамна се прераспореди на различни локации во јужен Либан, во согласност со договорот за прекин на огнот, за постепено да го олесни ефективно распоредување на либанската армија, како и демонтирање и отстранување на терористичката организација Хезболах, заедно со нејзините оперативци и инфраструктура, од јужен Либан“, наведе полковникот Авичај Адраи, портпарол на ИДФ на арапски јазик, на социјалната мрежа Х.

„Ве потсетувам дека периодот на договорот е продолжен и дека силите на ИДФ се уште се распоредени на теренот. Процесот на распоредување е постепен и во некои сектори е одложен и бара повеќе време за да се осигура дека Хезболах не може повторно да ја воспостави својата сила во овие области“, додаде тој.

„Хезболах, како и секогаш, ги става своите тесни интереси над интересите на либанската држава и се обидува да ги крене тензиите преку своите портпароли, иако ова движење е главната причина за уништувањето на југот“, рече Адраи.

Портпаролот на ИДФ, исто така, нагласи дека до следното известување, сите претходно објавени упатства остануваат на сила и дека армијата ќе извести кога е безбедно тие да се вратат во пограничните села. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан