• среда, 29 јануари 2025

Бразилската влада нема да ги користи сопствените авиони за депортација на бразилски мигранти од САД

Бразилската влада нема да ги користи сопствените авиони за депортација на бразилски мигранти од САД

Бразилија, 29 јануари 2025 (МИА) - Бразилската влада нема да ги користи авионите на своите воздухопловни сили за да помогне во депортирањето на бразилските мигранти од САД, изјави денеска бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виеира.

Бразилски авион ги превезувал мигрантите на вториот дел од патувањето, откако тие пријавиле нехумано постапување врз нив од американски агенти, а Бразил потоа отвори истрага. На летот од Луизијана до Амазонас имало 88 бразилски државјани, кои пријавиле дека климата во авионот што ја изнајмила американската влада била расипана и дека биле тепани од американски агенти, пренесува Глобо.

Според нив, агентите не им дале храна и во текот на 50-те часа од патувањето рацете им биле врзани со лисици, a разни делови од телото им биле во синџири. „Не тепаа додека ни ставија лисици. Ни ставија лисици и не тепаа затоа што ни беше жешко и не сакавме да останеме во авионот“, изјави 21-годишниот Витор Густаво да Силва.

„Неселективната употреба на лисици и синџири ги прекршува условите од договорот со Соединетите Американски Држави, кој предвидува достоинствен, почитуван и хуман третман на повратниците“, соопшти бразилското Министерство за надворешни работи. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан