ОН: Болниците во Гома се преполни со повредени, а на улиците има безживотни тела
- Во изминатите 24 часа стотици луѓе побарале помош во болниците во Гома поради повреди од огнено оружје и гранати, а на улиците има мртви луѓе, соопштија Обединетите нации
Киншаса, 28 јануари 2025 (МИА) – Во изминатите 24 часа стотици луѓе побарале помош во болниците во Гома поради повреди од огнено оружје и гранати, а на улиците има мртви луѓе, соопштија Обединетите нации.
Големиот број на загинати и повредени во источниот дел на Демократска Република Конго уследи откако борци на бунтовничкото Движење 23 март (М23) влегоа Гома, град со околу два милиони жители, што е клучен центар за безбедносни и хуманитарни активности.
- И денеска продолжија престрелките во Гома, што резултираше со голем број загинати, чии тела се оставени на улица. Хуманитарната ситуација во и околу Гома и понатаму е исклучително загрижувачка. Болниците во Гома, наводно се пренатрупани со пациенти, изјави портпаролот на хуманитарната канцеларија на ОН, Јенс Лаерке.
Координаторката на Светска здравствена организација за итни интервенции во ДР Конго, Аделхајд Маршанг наведе дека има информации дека се пука и врз здравствените работници и пациентите, меѓу кои има и деца.
М23 е една од околу стоте вооружени групи, кои се борат во источниот дел на ДР Конго, регион богат со минерали. Бунтовничката група, која има поддршка од Руанда, главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. М23 претходно го освои Гома во 2012 година и го контролираше градот повеќе од една недела.
Во повеќе деценискиот конфликт во источниот дел на ДР Конго помеѓу ривалските вооружени групи околу земјиштето и ресурсите, како и нападите врз цивилите, загинаа стотици илјади луѓе, а раселени се над седум милиони.
Мировните сили на ОН се распоредени во ДР Конго пред повеќе од две децении и моментално во земјата се распоредени околу 14.000 војници. ми/
фото: ЕПА