Градоначалникот на Рафа ги повика цивилите да не се враќаат во градот бидејќи и натаму е опасно
- Градоначалникот на Рафа, Ахмед Ал Суфи апелираше до палестинските цивили раселени поради конфликтот да не се обидуваат да се вратат во градот, и покрај повлекувањето на израелските сили од центарот на градот, бидејќи тој и понатаму е „екстремно опасен“, објави Гардијан.
Рафа, 28 јануари 2025 (МИА) - Градоначалникот на Рафа, Ахмед Ал Суфи апелираше до палестинските цивили раселени поради конфликтот да не се обидуваат да се вратат во градот, и покрај повлекувањето на израелските сили од центарот на градот, бидејќи тој и понатаму е „екстремно опасен“, објави Гардијан.
Иако израелските војници се повлекоа од централниот дел на градот, градоначалникот предупреди дека Рафа и понатаму е опасен поради присуството на израелски војници долж границата, која минува меѓу Газа и Египет. Израелската војска ги предупреди цивилите да не се приближуваат до областа на 700 метри од границата, означувајќи ја како „црвена зона“.
Градоначалникот додаде дека градот останува многу опасен дури и надвор од таа зона и така ќе остане додека израелските сили целосно не се повлечат.
Тој посочи дека централните и јужните делови на градот, кои беа тешко уништени за време на бомбардирањето, во моментов се недостапни, додека северозападниот, северниот и источниот дел, иако релативно побезбедни, сè уште се ранливи на израелски оган. Рафа претрпе голема штета за време на израелските напади, при што беа уништени многу домови, продавници и здравствени установи.
Според градоначалникот, граѓаните не треба да се враќаат додека градот не биде целосно безбеден. мс/
фото: МИА архива