• сабота, 18 мај 2024

Навремено и без проблеми почна изборниот процес во Прилеп

Навремено и без проблеми почна изборниот процес во Прилеп

Прилеп, 8 мај 2024 (МИА) - Гласањето во Прилеп почна навреме и тече непречено и без проблеми, потврдуваат од општинската изборна комисија. Своето право на глас денеска може да го остварат 62 169 избирачи за претседателските избори и 62 271 гласач на парламентарните избори.

-Точно во 7 часот се отворени 142-те избирачки места во Прилеп. Изборниот процес почна без проблеми. Гласачкиот материјал изборачките одбори навреме го подигнаа, изјави Валентин Божиноски, претседател на ОИК Прилеп.

Според првичните информации од комисиите, гласањето почна навремено и во Кривогаштани, Долнении во Крушево.

Во Крушево денеска може да гласаат 7 775 граѓани со прави на глас на претседателските или 7 795 избирачи на парламентарните избори кои гласачкото право може да го остварат на 22 гласачки места.

Во Кривогаштани на 13 избирачки места своето право на глас го остваруваат 4 428 гласачи за претседателските, а 4 434 избирачи се запишани во единствениот избирачки список за парламентарните избори.

Во Долнени денеска може да гласаат 11 730 жители со право на глас за претседателските, а 11 748 избирачи за парламентарните избори. Се гласа на 40 избирачки места.

Во Прилеп вчера правото на глас го остваруваа болните и немоќните, штитениците во Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ и осудениците во прилепскиот затвор. Од 455 болни, правото на глас го искористиле 430 за претседателските, а 432 граѓани за парламентарните избори. Во Домот за стари лица, од 68 запишани избирачи од 21 општина гласале 48, а во прилепскиот затвор од 104 осуденици со право на глас, за претседателските избори гласале 77, а за парламентарните 81 лице. ем/цр

Фото: МИА

Остани поврзан