• сабота, 18 мај 2024

Форум во Крива Паланка: Сиромаштијата, насилството, стигмата - причини за депресија и анксиозност кај младите

Форум во Крива Паланка:  Сиромаштијата, насилството, стигмата - причини за депресија и анксиозност кај младите

Крива Паланка, 8 ноември 2023 (МИА) – Здравјето е едно, а грижата менталното здравје не смее да биде одвоена од грижата за физичкото здравје. Постоечките истражувања за менталното здравје на младите во нашата држава укажуваат на големи проблеми со менталното здравје, како депресија и анксиозност кај децата и адолесцентите, што се должи на сиромаштијата, социјална исклученост, изложеноста на семејно насилство и стигмата, беше кажано на синоќешниот форум на заедницата во општина Крива Паланка за подигнување на јавната свест за менталното здравје кај деца, адолесценти и млади во организација на Светската здравствена организација во рамки на заедничката програма на УНИЦЕФ.

На форумот одржан во Европската куќа Крива Паланка, присуствуваа претставници од училиштата, наставници, стручни служби, бројни граѓани, а говореше и претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, која порача дека поголемата грижа и грижливост за менталното здравје на децата, на младите, мора да тргне од секој од нас, зашто ние, како родители, но и како педагози и наставници сме клучната појдовна точка за тоа.

Во обраќањето на Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО, беше истакнато дека целта на рамки на заедничката програма на СЗО и УНИЦЕФ, е младите од земјите опфатени со програмата да доживеат, до 2030 година, намалено страдање и подобрено ментално здравје, психосоцијална добросостојба и развој. За таа цел, вели, воспоставена е соработка со жени-лидерки од одбрани локални заедници за подигнување на јавната свест за важноста на превенцијата и навремениот третман на проблемите поврзани со менталното здравје.

- Во создавањето поволни услови за поддршка на заедницата, клучна е улогата на жените лидерки на локално ниво, кои со организирањето форуми за сите засегнати, ја подигнуваат свесноста за значењето на менталното здравје на децата, адолесцентите и младите лица во Крива Паланка. Се надевам, на овој начин, ќе интервенираме, бидејќи колку порано се открива болеста, шансите за подобро закрепнување се многу, многу поголеми. Ако на децата им го дадеме најдобриот почеток, тие ќе пораснат во посреќни, поздрави, возрасни луѓе, вели Јохансен.

Зурија Медова од Здружение за одржлив развој БИОМ, Скопје, истакна дека според последното истражување спроведено од Универзитетската клиника за психијатрија со поддршка од УНИЦЕФ, околу 30 отсто од адолесцентите имаат умерени до тешки симптоми на депресија, додека скоро половината од нив, односно 48,4 отсто изјавиле дека се чувствувале потиштено или тажно подолг временски период во текот на изминатата година.

Партнерки од општината се пет жени-лидерки, кои, по соодветната обука од стручни лица, продолжија со организација на форуми во своите заедници и отворени разговори во Основното училиште „Јоаким Крчоски“. При посетата на училиштето, жените-лидерки го истакнаа значењето на обете иницијативи како пресвртна точка во начинот на кој ги разбираме образованието и добросостојбата на учениците, додаде Мемедова.

На форумот беше отворена дискусија за распространетите проблеми со ментално здравје кај децата и адолесцентите, а присутните се запознаа со стратегии и решенија за предизвиците на менталното здравје на локално ниво и со ефективните мерки за промовирање на ментално здравје и благосостојба кај децата и адолесцентите, како и поттикнување на вмрежување меѓу жените лидерки во заедницата за колективно решавање на проблемите во општина Крива Паланка.

Говорници на настанот беа професорката Марија Ралева и психолог Александра Димитровска.

Во текот на овој месец, форуми на заедницата ќе се одржат и во Гостивар, Битола и општина Карпош, во Скопје. ид/ир

Фото: МИА

Остани поврзан