• петок, 17 мај 2024

Федерацијата за планинарство на Северна Македонија и Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ потпишаа Меморандум за соработка

Федерацијата за планинарство на Северна Македонија и Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ потпишаа Меморандум за соработка

Скопје, 21 февруари 2024

Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и Федерацијата за планинарство на Северна Македонија со задоволство објавуваат дека на ден 21 февруари 2024 година потпишаа Меморандум за соработка. Овој меморандум има за цел воспоставување на соработка помеѓу двете организации во областите на креирање и промовирање на планинарската култура, развој на еколошката свест, стимулирање на здрави навики кај младите луѓе и поддршка на децата без родител(и).

Според договорот, активностите ќе се фокусираат на организација и имплементација на еднодневни планинарски тури во Македонија, со акцент на најживописните планини и предели. Овие тури ќе бидат од рекреативен и едукативен карактер, промовирајќи грижа за околината и активен начин на живот.

Според Меморандумот, Федерацијата за планинарство ќе биде одговорна за подготовка на календар на тури, обезбедување искусни, сертифицирани планинарски водичи и медицинско осигурување. Сите заинтересирани учесници ќе имаат можност за приклучување на турите преку донирање симболичен финансиски износ а сите обезбедени средства ќе бидат употребени за школување на деца без родители и за други едукативни проекти на Фондацијата, вклучувајќи теми од област на грижа за околината и безбедност при планинарски активности.

Оваа соработка претставува важен чекор напред во поддршката на активниот начин на живот, заштитата на животната средина и поддршката на децата без родител(и). Веруваме дека заедничките напори на двете организации ќе допринесат кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и зачувување на природните богатства на нашата земја.

Федерација за планинарство на Северна Македонија

Фондација Ѓорѓи Марјановиќ

 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан