Три лица повредени во пожарот на грчкиот остров Крит, ситуацијата е подобрена, но огнените јазици не се ставени под контрола
- Три лица, од кои едно потешко се повредени во шумскиот пожар во близина на градот Иерапетра во југоисточниот дел на грчкиот остров Крит, а утрово превентивно беа евакуирани жителите на четири населени места, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 6 април 2024 (МИА) – Три лица, од кои едно потешко се повредени во шумскиот пожар во близина на градот Иерапетра во југоисточниот дел на грчкиот остров Крит, а утрово превентивно беа евакуирани жителите на четири населени места, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис за грчката телевизија ЕРТ рече дека ситуацијата со пожарот попладнево е подобрена, иако огнените јазици сè уште не се ставени под контрола, а силниот ветер го отежнува гаснењето.
Во пожарот интервенираат 169 пожарникари со 12 пешадиски тима, 38 возила и четири хеликоптери, од кои еден е за координација.
Преку европскиот број за итни случаи 112 до жителите на четири населени места во близина на пожарот утрово беа испратени пораки за евакуација.
Од повредените три лица, две се со лесни повреди, додека пак 74-годишен маж, според локалните медиуми со сериозни изгореници е пренесен во болница и во е сериозна состојба.
Градоначалникот на Иерапетра Манолис Фрагулис за грчката телевизија ЕРТ, утрово објасни дека пожарот е високо на планината, на непроодно место, а „најлошото е што ветерот е многу силен“. ср/мс/
фото: МИА архива