• петок, 05 декември 2025

Судирите во јужна Сирија влегоа во трет ден, хуманитарната криза се продлабочува

Судирите во јужна Сирија влегоа во трет ден, хуманитарната криза се продлабочува

Дамаск, 16 јули 2025 (МИА) – Судирите во јужна Сирија продолжуваат веќе трет ден по ред, и покрај објавеното примирје. Досега животот го загубија најмалку 260 лица, а хуманитарната состојба драстично се влошува во провинцијата Свеида и околните подрачја, јави ДПА.

Според наводите на  Сириската опсерваторија за мониторинг на човекови права, бројот на загинати достигна 260, меѓу кои има најмалку 22 цивили, кои биле егзекутирани од припадници поврзани со сириските Министерства за одбрана и внатрешни работи.

Од загинатите, 82 се локални жители, меѓу кои четири жени и четири деца. Најголемиот број на загинати – 156 – се припадници на сириските сили за одбрана и јавна безбедност, меѓу кои и 18 бедуински борци.

Судирите започнаа во неделата меѓу сунитски бедуински племиња и припадници на друската заедница, по што властите во Дамаск испратија воени трупи во Свеида за да воспостават контрола.

Насилството ескалираше синоќа, со употреба на артилерија и минофрлачи врз градот Свеида и околните села.

Националната болница во Свеида работи под екстремно тешки услови веќе повеќе од 72 часа, без струја, вода и медицински материјали, соопштија локалните власти. Медицинскиот персонал работи непрекинато, соочен со акутен недостиг од основни ресурси и предупредувања за претстојна катастрофа.

Болницата е речиси останата без храна и вода, а снајперска стрелба го прави пристапот до објектот речиси невозможен, наведува мониторинг организацијата со седиште во Велика Британија.

Локалното население соопшти дека електричната енергија и интернет услугите се целосно прекинати во регионот, што ги стави пумпните станици за вода вон функција и остави илјадници жители без основни услови за живот. Главните продавници се затворени, а од градовите на првата линија, како ал-Мазраа, Канакер и ал-Тала, е регистрирано масовно раселување.

Во меѓувреме, израелските сили извршија нови напади врз сириски цели, ветувајќи заштита на Друзите.

Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, изјави дека Израел „нема да ја напушти“ друската заедница и најави засилени напади доколку сириските сили останат во Свеида.

Иако вчера сирискиот министер за одбрана, Мурхaф Абу Касра, објави договор за прекин на огнот, борбите се обновија веднаш по повлекувањето на владините трупи. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан