Две лица загинаа во руски напади врз Харков, две жртви и во украински напади во Белгородската област
- Две лица загинаа во руски напади врз украинскиот град Харков и неговата околина, а две лица и во напади регистрирани во руската Белгородската област, пренесуваат светските агенции повикувајќи се на официјални извори.
Киев/Москва, 26 март 2026 (МИА) - Две лица загинаа во руски напади врз украинскиот град Харков и неговата околина, а две лица и во напади регистрирани во руската Белгородската област - пренесуваат светските агенции повикувајќи се на официјални извори.
Обвинителството во Харковската област соопшти дека жена повредена во напад врз градот починала во болница, а девет лица биле ранети при напади врз два градски реона. Во друг напад во погранична област руски дрон усмртил лице во неговото возило.
Локалните власти на дунавското пристаниште Измаил соопштија дека во руски напади биле оштетени пристанишни и енергетски објекти.
Од руската страна, гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, изјави дека украински дронови убиле 18-годишно момче на мотоцикл во село во близина на границата, како и жена во автомобил во градот Грајворон.
Белгородската област често е цел на украински напади. Минатата недела четири лица загинаа при гранатирање јавна зграда во Белгород.
Во Москва градоначалникот Сергеј Собјанин изјави дека биле пресретнати и уништени 17 украински дрона насочени кон руската престолнина. аб/ссм
фото/МИА архива