• сабота, 18 мај 2024

Регионалната конференција: Младите активно да се вклучат во креирањето политики

Регионалната конференција: Младите активно да се вклучат во креирањето политики

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) – „Младите се иднината“, не треба да биде само празна фраза туку носителите на одлуки на сите нивоа треба да ги чујат нашите пораки и активно да нè вклучат во процесите на креирање политики, особено оние што директно нè засегаат, порачаа околу 50 млади од целиот регион на Регионалната конференција за младински политики и конструктивни наративи на локално ниво, која денеска и утре се одржува во Скопје.

На дводневниот настан „Младински соседски дијалози: Сега за иднината!“, кој го организира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), младите дебатираа на теми како младинско учество на локално ниво, младински простори, мерки за млади во општините.

Целта на конференцијата е да се создаде простор за отворен дијалог и да се споделат регионалните знаења и искуства за поголемо инволвирање на младите во носењето одлуки, но и да се отворат прашањата за говор на омраза, почит кон различностите, социјална вклученост, родова еднаквост и конструктивни наративи кај младите.

- Потребно е да се направат уште многу нешта за младите да бидат вистински партнери на институциите. Нашата држава мора повеќе да се залага за наше учеството во носењето младински политики на локално ниво, да придонесува во градењето нови лидери и на повеќе начини да ги поддржи младите. Институциите мора системски да ги вклучат младите во донесувањето одлуки и заедничкото градење политики, со цел младите да стекнат доверба во системот, порача Емили Митевска, претседателка на младинскиот совет во Општина Велес.

Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија истакна дека младинското учество во носењето одлуки е клучно за обликување на нашето општество и економијата во одржлива насока и градењето подобра иднина во согласност со потребите на младите.

- Тие треба да бидат двигатели на позитивни промени на овој фронт бидејќи младите навистина можат да донесат свежи перспективи, иновативни идеи и енергија за адресирање на социјалните прашања, и да понудат нови решенија. Со нов поглед на долгогодишните прашања, младите можат да ги премостат поделбите, да промовираат мир, да постигнат одржлив развој и да градат отпорни заедници, рече Дуџак.

Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП посочи дека во Северна Македонија заложбата е да се формираат и да напредуваат младинските општински совети, бидејќи, како што вели, локалниот придонес на младите има непроценлива вредност.

- Директното учество на младите во носењето одлуки на локално ниво е клучно заради потенцијалот за промени и иновативни идеи кои тие можат да ги понудат и да придонесат за градење инклузивни, релевантни и одржливи локални политики. Регионално, имаме цел да креираме позитивни наративи и доверба преку активности за зајакнување на капацитетите на младите луѓе да бидат лидери во нивните заедници“, изјави Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.

Во рамки на настанот ќе биде прикажан и документарниот филм „Моите, твоите, нашите улици“, во кој младите од три градови – Битола, Велес и Струга говорат за различностите кои ги делат, но неретко и поврзуваат младите луѓе.

Конференцијата се одржува како дел од регионалниот проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за градење мир на Обединетите нации, кој го имплементираат УНДП, УНФПА, УНЕСКО и UN Women. ир/са/

 

Фото: УНДП

Остани поврзан