• среда, 24 април 2024

Работилница „Институции за граѓаните’ - трансформација на јавната администрација во непристрасна и отчетна

Работилница „Институции за граѓаните’ - трансформација на јавната администрација во непристрасна и отчетна

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) – Воспоставувањето принципи за добро владеење е основата за ефикасно и функционално работење на јавната администрација за да овозможува соодветни услуги на граѓаните и да биде ’рбет на непристрасноста, беше истакната денеска на работилницата „Институции за граѓаните“.

Таа се одржува во рамки на проектот „Преосмислување на управувањето“, кој Центарот за управување со промени (ЦОП) го спроведува во соработка со нашата Влада и со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.

На работилницата беа презентирани вредностите и стандардите што ја сочинуваат концепцијата на добро управување, а кои сега се вклучуваат како интегрален дел на работата на јавната администрација. Беше претставен нов метод на планирање и следење на јавните политики преку јасни цели и мерливи индикатори. Методот е веќе тестиран во секторите јавна администрација, земјоделство и економија.

Според вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, тоа што се очекува од проектот е комплетно менување на институционалната култура и начинот на креирање на, како што рече, јасни планови, меѓутоа и на мeрливи критериуми коишто понатаму ќе бидат индикатори за мерењето на успешноста на сите институции, меѓу другото и на Владата и на јавната администрација. 

-Тоа е неопходно заради тоа што, од една страна, тоа ќе биде добро за раководните органи нa институциите за да може да го следат исполнувањето на програмите што го ветиле пред граѓаните, а од друга страна е прашање на транспарентност спрема граѓаните заради коишто во суштина институциите постојат. И би требало како резултат на тоа да видиме промена на свеста дека институциите функционираат да бидат сервис на граѓаните и дека се тука за граѓаните, а не обратно, и дека податоците и информациите што ги поседуваат институциите им припаѓаат на граѓаните, а не на институциите, изјави Грковска.

Амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон укажа дека е многу важно  да се воспостават системи „на здрави нозе“ и  да бидат во можност да функционираат независно од политичките циклуси, да продолжат низ сите транзиции, без разлика која влада е на власт, администрацијата да овозможува соодветни услуги како ’рбет на непристрасноста. 

Нагласи дека доброто владеење има централно место во трансформацијата на јавната администрација и нејзината функционалност и дека тоа е, рече, „еден вид искра“ за секој јавен службеник, па и за секој граѓанин – „да размислува за доброто владеење и да се предизвикаат самите себе да испорачаат непристрасни, транспарентни и квалитетни услуги за граѓаните“

 Лосон се осврна на Нолановите принципи кои се дел од кодексот за добро однесување на централно и на локално ниво и се применуваат за сите вработени во јавниот сектор во Велика Британија. Посочи дека тие се многу едноставни и применливи секаде.

-Најпрвин, јавните службеници треба да работат исклучиво во јавниот интерес. Тие имаат интегритет и тие постапуваат само во јавен интерес. Нивната цел е да донесуваат одлуки врз основа на заслуги и да делуваат непристрасно.  Тие се отчетни за своите одлуки и, исто така, се отворени и делуваат на транспарентен начин. Поврзано со тоа, јавните службеници мора да бидат искрени... Овие принципи се уште се добра основа за доброто владеење и добрите стандарди во јавната служба на Велика Британија  и го насочуваат нивното работење, истакна амбасадорот Лосон и додаде дека тие принципи се суштински дел од трансформацијата која, рече, се обидуваме и тука да ја оствариме.  

Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени (ЦОП) ја истакна важноста за редефинирање на начинот на којшто се следат јавните политики односно се следи Програмата за работа на Владата, особено сега, во период кога очекуваме избори. 

Целта е, рече, врз примерот на  Велика Британија, да се воспостават клучни индикатори во разни сфери, како образование, здравство, социјална заштита итн.,  на тој начин што тоа ќе биде видливо и јасно за граѓаните да можат да утврдат кои се приоритетите на Владата и да можат полесно да го следат степенот на реализација на активностите.

-Доколку го воспоставиме овој систем, мислам дека тоа е исчекор во однос на сите концепти на подобрено управување насочено кон резултати каде што Владата и сите други влади ќе бидат отчетни за резултатите коишто треба да ги постигнат, каде што граѓаните ќе можат многу поблиску да ја следат програмата, и да знаат кои се приоритетите. Бидејќи имаме мноштво документи во јавната администрација. Имаме околу 60-70 стратегии и некојпат на граѓаните не им е јасно кои се приоритетите. Со редефинирање по примерот на Велика Британија, заедно со Владата, се надеваме дека ќе се подобри и транспарентноста во однос на испораката на резултати и отчетноста на Владата и на владите воопшто и ќе може да биде поблиску до граѓаните концептот на што е она што треба да се испорача како резултат, изјави Малеска-Сачмароска.

Според неа, институциите во земјава се транспарентни во однос на почитување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но дека е „тешка“ следливоста што се должи на мноштвото документи и неможноста да се разбере што е тоа што институциите треба да испорачаат како надлежност.

-Низ еден ваков систем мислам дека ќе биде многу појасно и за граѓаните и за притисок на институциите да испорачаат резултати кон Владата, но и Владата кон граѓаните да го испорача она што го ветила на избори, додаде извршната директорка на ЦОП. 

Во однос на забелешките на ЕК за администрацијата во годинашниот извештај и неносењето на клучните закони, вицепремиерката Грковска на новинарско прашање одговори дека очекува тие „во брзо време да бидат предложени“ поради реакциите, но и од заклучоците што произлегле од јавна расправа.

Таа се согласува дека застојот се должи и на честото менување министри во МИОА, кое е надлежно за јавната администрација, но го пофали залагањето на актуелниот министер Азир Алиу. 

-За жал, пречестото менување на министри на одредени министерства има влијание на динамиката на реализацијата на клучните потреби на државата.  Морам да кажам дека министерот Алиу направи прилично голем исчекор, не само на овие закони, туку и на други законски решенија коишто се очекуваше да бидат брзо предложени, додаде Грковска. хс/са/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан