• сабота, 18 мај 2024

Одобрени се финансиски средства за целосна реконструкција на кумановскиот театар

Одобрени се финансиски средства за целосна реконструкција на кумановскиот театар

Куманово, 1 февруари 2024 (МИА) - Одобрени се финансиски средства за реконструкција на кумановскиот театар, соопштија денеска надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово. Театарот ќе продолжи да се реконструира во наредните три години, за тековната одвоени се десет милиони денари, 60 за наредната 2025 и над 83 милиони денари за 2026-та година.

- Годинава добивме согласност од Влада на РСМ и Министерство за култура дека се одобрени комплетни финансиски средства за реконструкција и целосно завршување на зграда на Театар Куманово. Одобрени се вкупно 153.475.165,00 денари според следната динамика на плаќање: 10 милиони денари за 2024 година, 60 милиони денари за 2025 година и 83.674,165,00 денари за 2026 година, изјави директорот на НУЦК, „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодорвски.

Вкупно за трите години одвоени се 2.494.710 евра. Оваа година има десет милиони денари, тие ќе се употребат согласно насоките на проектантот.

- Информирани сме дека од идната година во следните две години ќе можеме со претходно барање во Министерство за култура во месец јануари да ги побараме и останатите средства за 2025 и 2026 година кои се влезени и обезбедени во програма на Влада на РСМ. Задоволни сме од одобрените вкупни средства и очекуваме дека согласно динамиката со која ќе се работи при крајот на 2026 година доколку не се појават неочекувани проблеми, да имаме нов модерен и функционален Театар и ќе може да уживаме во театарската уметност и претставите кои ќе се подготвуваат. Сигурен сум дека храмот на уметноста, Театар Куманово ќе остане и ќе стане и понатаму расадник на убавите работи, на уметноста и главна точка на културата во град Куманово, вели Тодоровски.

И претходните две години со пари од Министерството за култура се реконструираше театарот. Последната фаза заврши во септември лани, кога беа опфатени дворот, пристапни рампи на двата влеза, партерно уредување, дел од атмосферска мрежа која не постоеше во театарот. Претходно,за првата фаза Министерството одвои 10 милиони, втората, седум, во третата 2,8 милиони денари. Вработените од македонската и албанската драма од почетокот на реконструкцијата се сместени во просториите на Центарот за култура. Објектот постои над седум децении. ам/цр


Фото: МИА архива

Остани поврзан