• сабота, 18 мај 2024

Одбележување на Светскиот ден на менталното здравје под мотото „Нашето психичко здравје – Наше право!“

Одбележување на Светскиот ден на менталното здравје под мотото „Нашето психичко здравје – Наше право!“

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Светскиот ден на менталното здравје оваа година се одбележува под мотото „Нашето психичко здравје – Наше право!“. Северна Македонија ќе го одбележи овој ден во Градскиот парк во Скопје, придружувајќи се кон иницијативата „Менталното здравје како универзално човеково право“, предводена од Светската здравствена организација. Овој ден е прилика за општествено обединување со цел подигање на свесноста, споделување на знаeње и делување во интерес на подобро ментално здравје и добросостојба во заедницата, се наведува во соопштението на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје.

Секоја индивидуа, независно од разликите, заслужува да ужива ментално-здравствени услуги по највисоки стандарди. Овие права ги опфаќаат заштитеноста од ризици, достапноста на високо-квалитетна здравствена нега како и слободата за лична независност во рамки на општеството, стои во соопштението на Клиниката.

Сепак, додаваат оттаму, и покрај тоа што менталното здравје би требало да биде интегрален дел од холистичкиот здравствен пристап, статистичките податоци покажуваат дека дури еден од осум луѓе страда од потешкотии со психичкото здравје. Овие предизвици не ја афектираат само психичката добросостојба,туку нивното влијание се одразува и на социјалното и професионално функционирање на личноста, а оттаму и на општеството во целост.

Дијагнозата, посочуваат од Клиниката, на нарушено ментално здравје никогаш не би смеела да води до ускратување на човековите права или личната автономија.

-Сепак, за жал, сведоци сме дека ширум светот мноштво индивидуи со потешкотии на план на психичкото здравје се соочуваат со дискриминација, општествена отфрленост и кршење на некои од базичните човекови права и потреби. Многу од нив се лишени од нужна ментално-здравствена грижа, или пак се субјект на третмани кои ги загрозуваат нивните човекови права. Придружи се кон оваа кампања на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија и Здружението на психијатри на Македонија, како продолжеток на иницијативата на Светската Здравствена Организација, за да научиме заедно како да ги препознаеме и чуваме нашите права за ментално здравје и добросостојба!, стои во соопштението на Клиниката. 

Се додава дека тинејџерите и адолесцентите се особено ранлива категорија, според податоците од најновите истражувања во Северна Македонија кај 29,2 отсто од младите се регистрирани клинички симптоми на депресија додека кај 23,7 отсто се присутни клинички симптоми на анксиозност во периодот после пандемијата со КОВИД-19, а девојчињата се позасегнати од анксиозност и депресивни симптоми во споредба со момчињата.

Натаму се посочува дека менталното здравје кај жените за време на бременоста и после породувањето е столб на оптималниот развој и здравје на децата. Податоците од најновите истражувања во Северна Македонија покажуваат дека една третина од мајките страдаат од симптоми на депресија, додека кај 28 отсто од нив се регистрира анксиозност во периодот после пандемијата со КОВИД-19. нд/аа/

 

Остани поврзан