• четврток, 25 април 2024
МИА Флеш

3 февруари 2023

Скопје – Судскиот совет на денешната 429-та седница донесе одлука со која за вршител на должност претседател на Апелацискиот суд Скопје се определува Мери Дика Георгиевска, судија од Апелационен суд Скопје.

Судскиот совет, на денешната седница, претходно донесе одлука за престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија на Лидија Димчевска, која од март 2018 година беше в.д. претседател на скопска Апелација.

 

Скопје - Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше телефонски разговор со сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, иформираат од кабинетот на претседателот. 

Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните политички процеси во Република Северна Македонија и во поширокиот регион, со особен акцент на дијалогот Белград-Приштина.

 

Скопје - Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на новинарско прашање да даде коментар за усвоената Декларација од бугарското Собрание со која се „осудува антибугарската реторика во Северна Македонија“, вели дека тоа не е во согласност со договорената политика за унапредување на меѓусебните односи.

- МНР имаше официјална реакција. Прво, со жалење и Министерството и јас констатирам дека собраниската декларација за наводна ескалација на агресивни антибугарски активности во Северна Македонија што се усвои на последниот ден од работата на Собранието на Бугарија, пред распишување на парламентарните избори не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство и волја за нејзино спроведување, рече Ковачевски.  

 

Скопје - Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска беа во посета на компанијата за производство и продажба на здрава храна „Виталиа“ во Скопје. Компанијата годинава одбележува 30 години постоење.

- Денеска ми е драго што сме во посета на една од нашите најуспешни компании во нашата држава. „Виталиа“ годинава слави 30 години постоење. Кога прошетав низ погоните, видов дека оваа компанија низ годините вложила многу во иновативноста и одржување на високо ниво на квалитет на своите производи. Доколку не е тој висок квалитет на производите, нивните производи сигурно не би можеле да бидат на рафтовите во земји на Европската Унија, посочи Ковачевски.

 

Скопје - Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, во рамки на работната посета на САД  оствари средба со Џејсон Орландо, директор на Канцеларијата за техничка асистенција при Министерството за финансии на САД.

На состанокот, како што информираат од владината прес-служба, се разговарало за веќе отпочнатата меѓусебна соработка иницирана од вицепремиерката Грковска и министерот за финансии Фатмир Бесими, со цел да се обезбеди поддршка во градењето на капацитетите, особено во справувањето со проблемите како што се перење пари, финансиски истраги, како и донесување на закон за перење пари. 

 

Скопје - Полицијата ги контролира пристапите до црквата Свети Спас, во рамки на засилените безбедносни мерки пред утрешното одбележување 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Целосно се затворени за сообраќај улиците „Самоилова“ и другите сообраќајници околу скопското Кале.

Полициски сили се распоредени во поширокиот реон околу цркавата Свети Спас и по целата должина на улиците кои водат до неа. Приспап имаат само лица со дозволи.

 

Скопје – Граѓаните на 40 општини, во наредните неколку години, преку учество на Форуми во заедницата директно ќе одлучуваат какви проекти да се реализираат во нивното место на живеење.

Како што информираат од Програмата за развој на Обединетите нации, станува збор за алатка за граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво, која е воспоставена и успешно функционира во земјава подолго од една деценија, а сега се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Програма е со вкупна вредност од 6,6 милиони долари, финансирана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

 

Скопје – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) апелира до граѓаните дека не е потребен адвокат за доставување пријава до ДКСК и дека тоа можат да го направат сами, лично, по пошта или електронски.

Некои од членовите на ДКСК, меѓу другото на денешната 81 седница, информираа дека често до нив пријави доставуваат адвокати, иако тие би требало да знаат дека ДКСК не постапува и одлучува по поединечни акти.

 

Скопје - Новинарката и филмска критичарка Гена Теодосиевска е избрана за претседател на четирите жирија на меѓународната филмска критика Фипресци (Fipresci) на 73.Берлински филмски фестивал, што годинава ќе се одржува од 16-26 месецов.

Теодосиевска е позната како ТВ новинар, критичар, фестивалски селектор и познавач на филмските и визуелните уметности. Таа беше селектор, уметнички директор и директор на ИФФК „ Браќа Манаки“ од 2008 до 2020, а од 2022 година е назначена за уметнички директор на ИФФ КИНЕНОВА . Како соработник и продуцент се појавува во 23 кратки видео дела во продукција на МТВ, а беше извршен продуцент на филмот „Судијата“, прикажан на над 30-тина филмски фестивали низ светот, вклучително премиерно и на Венецискиот филмски фестивал во 2001 година.

 

Охрид – Во рамките на одбележувањето на 130-годишнината од смртта на македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев денеска во Охрид беше промовирана Монографија по повод 70 години од основањето на Народната библиотека во Охрид што го носи неговото име.

Авторот на Монографијата, м-р Милчо Јованоски, истакна дека одбележувањето 70 години траење, издигнување и работа во континуитет на една библиотека е јубилеј што заслужува респект, почит и внимание.

 

Делчево - Во организација на Јавната локална библиотека ,,Илинден" и Општина Делчево промовирана е монографијата „Дејноста на МРО во Пијанец од создавањето до крајот на Илинденското востание“ од роднокрајниот автор Спиридон Митевски. Книгата е посветена на великанот на Македонската револуционерна борба Гоце Делчев, создадена по повод 150 години од неговото раѓање и 120 години од неговото убиство.
Во самото дело авторот Митевски на 136 страници носи на виделина важни податоци за улогата на МРО и улогата на Гоце Делчев во активностите во Пијанец и Малешевијата и, како што истакна промоторот на книгата, историчарот Ванчо Новоселски, во трудот се поместени и 17 фотографии на учесници и поддржувачи на МРО и две шифрирани писма.
 
 
 
Скопје – Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја повика денеска Владата да го разреши од должноста претседателот на Агенција за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски поради незаконско работење при распределбата на финансиски средства на спортски федерации и екипи, и „итно да ја замрзне постапката за доделување спортски ваучери која е во тек за 2023 година“.

Претходно денеска Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Мојсовски и членовите на централната комисија на АМС поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година.

 

Марсеј – Олимпискиот факел за Игрите 2024 во Париз ќе биде донесен во земјата домаќин со брод од Грција, каде свечено ќе биде запален во древната Олимпија, а прва станица на француската рута ќе биде градот Марсеј, соопштија денеска организаторите.

„Тоа беше прилично природен и очигледен избор“, изјави претседателот на организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз, Тони Естенге, потсетувајќи на поврзаноста на Марсеј со Грција, како колонија која под името Масалија ја формирале древните Грци во 600. година пред новата ера.

 

Белград -  Српскиот претседател Александар Вучиќ на седницата за извештајот за напредокот на преговорите со Приштина денеска изјави дека геополитичката ситуација за Србија никогаш не била понеповолна и дека не треба „да се потценуваат потенцијалните закани што доаѓаат од Западот“.

„Ова не е прашање на љубов или идеологија, ова е прашање на опстанокот на нашиот народ и опстанокот на нашата земја“, рече Вучиќ во одговор на прашањата на пратеникот на „Двери“ Иван Костиќ.

 

Зaгреб - Предупредувачки протест пред ресорното министерство во Загреб  беше организиран од Синдикатот на медицинските сестри и здравствените работници денеска поради лошите услови за работа и непочитувањето на колективните договори. Хрватскиот стручен синдикат на медицински сестри и медицински техничари и Самостојниот синдикат за здравствена и социјална заштита организираа мирен собир и најавија можност за штрајк доколку управата продолжи да ги игнорира нивните барања, еднострано да носи одлуки и да не ги почитува нивните права.

„Ќе има штрајк доколку продолжи овој молк на Министерството“, изјави Аница Прашњак, претседател на Главниот совет на синдикатот на медицински сестри и техничари, каде има 10.600 членови. Таа особено го нагласи нерешавањето на проблемот со недостигот на медицински сестри, од кои само во Дубровник има недостиг од 375 медицински сестри.

 

Вашингтон – Турција е блиску до одлука да го одобри приемот на Финска во НАТО следниот месец, додека статусот на шведската апликација за членство во Алијансата останува неизвесен, јави Блумберг повикувајќи се на неименувани извори.

„Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган е блиску до одлуката за одобрување на членството на Финска во НАТО… согласноста од Анкара за пристапување на Финска во НАТО треба да се очекува во средината на март“, наведува Блумберг.

 

Софија - Бугарската техничка Влада денеска положи заклетва пред претседателот на државата Румен Радев, која треба да служи на државата до одржување на предвремени парламентарни избори и назначување редовна влада.

- Пред шест месеци ја презедовте одговорноста за државата во тешко време, прогнозите предвидуваа многу негативни сценарија за економијата, рече Румен Радев на официјалната церемонија на која ги презентираше задачите и приоритетите на преодната влада. - Успеавте да го запрете „слободниот пад“ на државата, им се обрати Радев на владините министри.

 

Дебар - Албанската влада почнува да ги обновува мостовите во земјата во рамки на заедничкиот проект со Светската банка, јави државната агенција, АТА.
 
Канцеларијата на Светска банка во Тирана соопшти дека новиот проект ќе ја подобри инфраструктурата на 30 мостови во Албанија. 
 
 

Копенхаген - Владата на Данска денеска соопшти дека доделила дополнителни две милијарди дански круни (293,7 милиони долари) за справување со предизвиците во здравствениот систем до 2024 година.

Дел од средствата ќе бидат наменети за намалување на долгите листи на чекање во болниците по пандемијата со Ковид-19, соопшти владата. 

 

Берлин - Германската Влада издаде дозвола за извоз на борбени тенкови Леопард 1 во Украина, изјави денеска портпаролот Штефен Хебестрајт во Берлин, без да даде дополнителни детали.

Досега, Владата имаше одлука за одобрение единствено за испорака на модерни главни борбени тенкови Леопард 2 од воената залиха на Бундесверот.

 

Киев – Канцеларијата на главниот обвинител на Украина поднесе кривична пријава против Евгениј Пригожин, водачот на групата платеници Вагнер, кои се борат на руската страна во Украина.

Пригожин е обвинет за посегнување по територијалниот интегритет и неповредливост на Украина и дека водел агресивна војна против Украина, пишува Гардијан.

 

Вашингтон - Новите работни места создадени од американските работодавци се зголемија  за 517.000 во јануари. Растот на новите работни места е изненадувачки силен во услови на агресивни потези на Федералните резерви на САД за  борба со инфлацијата со зголемување на каматните стапки. Стапката на невработеност падна на 3,4 отсто минатиот месец, достигнувајќи го минимумот за половина век.

Најновите податоци покажуваат отпорен пазар на труд со ниска невработеност, релативно малку отпуштања и многу слободни работни места, иако повеќето економисти предвидуваат дека ќче има рецесија.

 

Пекинг – Кина соопшти дека наводниот шпионски балон, забележан над САД, е „цивилен воздушен брод“ што се користи главно за следење на времето, а кој ненамерно излегол од предвидениот курс на движење, јави Би-Би-Си.

Американските претставници од Министерството за одбрана рекоа дека веруваат дека балонот, виден над чувствителните области во последните денови, всушност е уред за „надзор од голема височина“

 

Скопје – Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја повика денеска Владата да го разреши од должноста претседателот на Агенција за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски поради незаконско работење при распределбата на финансиски средства на спортски федерации и екипи, и „итно да ја замрзне постапката за доделување спортски ваучери која е во тек за 2023 година“.

Претходно денеска Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Мојсовски и членовите на централната комисија на АМС поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година.

 

Марсеј – Олимпискиот факел за Игрите 2024 во Париз ќе биде донесен во земјата домаќин со брод од Грција, каде свечено ќе биде запален во древната Олимпија, а прва станица на француската рута ќе биде градот Марсеј, соопштија денеска организаторите.

„Тоа беше прилично природен и очигледен избор“, изјави претседателот на организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз, Тони Естенге, потсетувајќи на поврзаноста на Марсеј со Грција, како колонија која под името Масалија ја формирале древните Грци во 600. година пред новата ера.

 

 

 

Остани поврзан