• сабота, 21 декември 2024
МИА Флеш

6 декември 2024 

Скопје - Утре ќе има врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во источните делови (20л/м2). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег, најавуваат од УХМР.

Попладне, почнувајќи од запад облачноста ќе се намали, врнежите ќе престануваат и ќе започне да дува умерен, вдолж Повардарието засилен ветер од северен правец.

Во недела кон крајот на денот и во текот на ноќта кон понеделник ќе има нови врнежи од дожд, пообилни во западните делови. Потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремен локален дожд и снег. Од недела до среда по котлините ќе има услови за појава на магла.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска замоли да им бидат дадени неколку дена на институциите за решавање на случајот со малолетникот и бојкотирањето на наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“ укажувајќи дека на ваков начин се стигматизира детето во јавноста.  

- Ве молам да дозволите неколку дена веќе работиме тимски. МОН, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади го решаваме проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки, посериозни активности и постапки коишто ќе бидат во корист на детето и решавањето на целиот случај, изјави министерката Јаневска пред почетокот на свечената заклетва на новите членови на Мировниот корпус.

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека исплатата на правата од социјална и детска заштита за ноември е започната вчера, 5 декември, а продолжува и денеска. Со исплатата се опфатени правата од социјална заштита гарантирана минимална помош, додаток за домување, траен надомест, еднократна парична помош, право на социјална сигурност за старите лица-социјална пензија, парична помош за азиланти-домување и цивилна инвалиднина.

Како што информираат од Министерството, исплатата е во тек и за правата од детски заштита - гарантиран детски додаток, посебен додаток, родителски додаток за трето дете, родителски додаток за четврто дете, единствен родителски додаток, паричен надомест за образование-студирање и еднократна парична помош за новороденче.

Скопје - Стапката на невработеност во третото тримесечје од 2024 година е 12.3 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Бројот на активно население во земјава е 796 733 лица, од кои вработени се 698 411, а 98 322 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 52.6, стапката на вработеност 46.1 процент.

Скопје - Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Кавадарци вчера ги лишиле од слобода З.З.(41) и неговата 37-годишна сопруга Ф.М.З. од Кавадарци и Џ.Н.(32) и Л.М.(56), двајцата од Велес.

- При претрес во домот на З.З. во Кавадарци, извршен со судска наредба, лицата биле затекнати како користат наркотична дрога, по што во домот биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, зелена растителна материја, жолта прашкаста материја и други предмети со остатоци од дрога, соопшти МВР.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвиненија против четири лица кои во различни настани во изминатите денови извршиле дејствија кои содржат елементи на кривичното дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, за четворицата на кои во текот на претходната постапка им беше определен притвор, јавните обвинители побараа од Основниот кривичен суд Скопје да им ја продолжи притворската мерка.

Женева - Во борбите меѓу бунтовниците и сириските сили раселени се 280.000 луѓе од 27 ноември и брзото напредување на исламистичките групи во Сирија, објавија денеска Обединетите нации, изразувајќи стравувања дека бројката може да се искачи на 1,5 милиони.

-Бројката што ја имаме е 280.000 луѓе заклучно со 27 ноември. Тоа е ажурирана бројка од синоќа. Не го вклучува бројот на луѓе кои избегаа од Либан за време на неодамнешната ескалација на борбите меѓу Хезболах и Израел, рече денеска директорот на итна координација на Светската програма за бегалци, Самер Абдел Џабер, на прес-конференција во Женева.

Масовното раселување на населението се случува откако бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) започнаа блиц-офанзива пред нешто повеќе од една недела.

Дамаск - Лидерот на сириската бунтовничка алијанса, Абу Мохамед ал-Џулани, изјави дека нивната цел е да го соборат сирискиот претседател Башар ал Асад и да формираат нова влада.

-Режимот што Иранците и Русите се обидоа да го оживеат е мртов, рече Ал-Џулани за Си-Ен-Ен.

Ал-Џулани рече дека планира да воспостави систем на владеење во Сирија заснован на институции, а не систем во кој еден владетел носи, како што рече, произволни одлуки.

Ал-Џулани е водач на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) која водеше ненадејна офанзива против силите на Ал Асад минатата недела, што повторно ја разгоре сириската граѓанска војна по години ќор-сокак.

Берн - И покрај начелната одлука да се откаже од нуклеарната енергија во иднина, Швајцарија одлучи да ги затвори двата реактори на нуклеарната централа Бецнау дури во 2032 и 2033 година.

Операторот на нуклеарната централа, компанијата Акспо (Axpo), која е 100 проценти во сопственост на североисточните швајцарски кантони, објави дека одлуката ја донела по детално испитување и дека во електраната до конечното затворање ќе инвестира уште 350 милиони швајцарски франци.

Москва - Русија и Белорусија ќе потпишат договор за меѓусебни безбедносни гаранции во интерес на двете земји, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе учествува на денешниот состанок на Врховниот совет на сојузната држава во Минск, чиј домаќин е неговиот белоруски колега Александар Лукашенко. 

-Ова е иницијатива со апсолутна еднаквост, рече Песков по повод договорот. „Логиката во развојот на настаните ја диктира потребата од таков документ“, додаде тој. 

Лос Анџелес - Американската компанија „Опен-АИ“ (OpenAI) пушти нова верзија на популарниот чет-бот „Чет-ГПТ“ (ChatGPT) со месечна претплата од 200 долари. Новата алатка е наменета за инженерските области и за истражување. Целта на компанијата е да ја прошири индустриската примена на својата технологија.

Новото ниво наречено „Чет-ГПТ про“ (ChatGPT Pro) е додадено на постоечките претплати, коишто вклучуваат „Чет-ГПТ плус“, „Тим“ и „Ентерпрајз“. Тоа ги нагласува и амбициите на компанијата што го поттикна „Бумот на вештачката интелигенција“, за натамошна комерцијализација на својата технологија.

Тагови

Остани поврзан