• сабота, 21 декември 2024
МИА Флеш

  29 ноември 2024

 

Подгорица – Да не не туркаат нас во решавање на проблеми врзани за вето од соседите и да не градиме во уставите решенија нешто што никаде го нема. За влез во едно семејство треба да сте компатибилни, значи да делите исти вредности и принципи, истакна претседателкста Гордана Сиљановска Давкова денеска на предавањето на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Подгорица, таа посочи дека земјите од регионот се соочуваат со еден трнлив пат кон евроинтеграцијата, а вината е во отсуство на стратегија на Европската унија.

Скопје - Уапсени се засега осум лица кои учествувале во вчерашните инциденти кога по повод прославата на Денот на албанското знаме беше осквернавено македонското знаме. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во изјава за медиумите рече дека четворица од нив се сомничат согласно член 319 од Кривичниот законик за кое кривично дело е предвидена казна затвор од минимум една година. 

Тошковски рече дека сите се млади лица, а еден од нив е и малолетник. Еден од нив е фатен како го пали македонското знаме, а еден како го симнува знамето. Останатите четири лица кои се приведени се уапсени затоа што учествувале во тепачка. 

Куманово - Кумановската полиција привела дваесетгодишен жител на Липково поради непочитување на наредби, изрекла 20 мерки по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и една од Закон за возачка дозвола, во текот на вчерашниот ден при прославата на Денот на албанското знаме, соопшти денеска СВР Куманово.Инаку, вчера на градскиот плоштад со пригодна културно – уметничка програма, беше одбележан Денот на албанското знаме, во организација на здружението ,,Недела на албанската култура” – Куманово, со поддршка на Општината.

Скопје – Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија го разгледа Годишниот извештај на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје и основните јавни обвинителства од подрачјето на ВЈО Скопје за 2023 година.

Во извештајот, меѓу другото, беше истакнато дека во извештајната година ОЈО Скопје, ОЈО Куманово, ОЈО Гевгелија и ОЈО Крива Паланка работеле со дефицит на обвинители и други админстративни кадри неопходни за ефикасност на работата.

Скопје - Еден од најголемите проблеми на автопатот Охрид - Кичево се косините на трасата бидејќи навреме не се испитувала геологијата на земјиштето. Но, решение има и до март следната година ќе имаме комплетни технички решенија за сите косини по трасата на автопатот, потенцира вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во гостувањето во поткастот „Бизнис муабети”.     
 
Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, Николоски порачал дека мора да има решенија со цел автопатот да биде функционален кога ќе биде пуштен.

Скопје - Синоптичарите најавуваат дела во деновите од викендот времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 60 l/m2). На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка.

Скопје - АМСМ информира дека од 12:10 часот има забрана за сообраќај на товарни моторни возила на патот Маврово-Дебар поради обилни врнежи од снег.

Скопје - Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители во врска со забелешките за работата на правосудниот систем и конкретно на Обвинителството, како и дали очекува негова смена истакна дека тој ќе продолжи да работи професионално и согласно законите, а доколку евентуално направил грешка, условите за негово разрешување се согласно Законот за јавно обвинителство. 

Скопје - Крешник Бектеши од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на денешната прес-конференција истакна дека ги осудува индивидуалните акти што вчера ги направија одредени граѓани со палењето на македонското знаме на чествувањето на Денот на албанското знаме.

-Во делот на индивидуалните акти секако дека се за осуда за сите страни кои се вклучени, а треба и да бидеме искрени јавно да ги кажуваме одредени работи во овој дел. Индивидуалните акти ги осудуваме и сакаме да дадеме позитивни пораки за зацврстување на меѓуетничките односи и заемно почитување на сите етнички припадници во нашата држава. Ние вакви настани во последните седум-десет години речиси немавме во нашата држава, а за жал во последните неколку месеци се почесто се случуваат вакви настани, а тоа јас како Крешник Бектеши можам да го кажам дека се однесува на пораките што ги даваат одредени политичари, рече тој.

Демир Хисар - Градоначалникот на Општина Демир Хисар Никола Најдовски, избран е за нов претседател на Советот на пелагонискиот плански регион.

Во мандатниот период Најдовски ќе се фокусира на комуникациската стратегија на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион 2024-2026 година, информираа од Општина Демир Хисар.

Кочани – Членовите на Здружението на граѓани „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска организираа собир и дефиле со знамиња на современата македонска држава и на поранешната СФРЈ, со што ја одбележаа осумдесет и првата годишнина од одржувањето на историското Второ заседание на АВНОЈ и формирањето на титовка)(Титова Југославија.

На собирот им оддадоа почит на поранешните партизански борци кои во виорот на Втората светска војна ги поставиле темелите на заедничката држава, при што нагласија дека постоењето на македонската независна држава денес е директно поврзано со формирањето на поранешната федерација.

Скопје - Податоците на Народната банка покажуваат дека просечната каматна стапка на вкупните депозити во октомври бележи годишен пораст од 0,40 процентни поени, додека кај вкупните кредити има пад од 0,11 процентни поени.

Според податоците на централната банка, просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,07 проценти, а на вкупните кредити 5,38 проценти.

Кај корпоративниот сектор, забележан е месечен пад на каматната стапка на новоодобрените кредити за 0,13 процентни поени при што надолна промена има кај каматните стапки на денарските кредити, а раст кај кредитите во странска валута. 

Скопје – Енергетскиот сектор како еден од најважните предуслови за економски и сеопшт напредок на секоја држава, е тема на дискусија на седмата Меѓународна  конференција за енергетика на тема „За независна енергетска држава“ што од денеска се одржува во Скопје.На собирот оганизиран од Стопанската комора за енергетика, претставници на повеќе државни институции, домашни и странски компании, експерти од областа на енергетиката, ќе дискутираат за сите аспекти на енергетскиот сектор, најмногу во напорите кон создавање енергетски независна држава, притоа следејќи ги светските трендови и следејќи ги заложбите за производство на еколошки чиста енергија.

Охрид - Две лице го загубија животот во сообраќајна несреќа што денеска се случи на магистралниот патен правец Охрид- Кичево, во близина на селото Ботун.

До несреќата дошло при превртување на возило што се движело од насока од Кичево кон Охрид, на девијацијата на патот во изградба, пред селото Ботун.

На тоа место моментално се работи на изградбата на новиот автопат, а сообраќајот се одвива со девијации односно со пренасочување на возилата од една на друга автопатска лента.

Истанбул – Македонската кошаркарска федерација ќе го организира Европското првенство 2025 во кадетска конкуренција.

Одлуката, како што е соопштено, ја донесе извршниот одбор на ФИФА Европа на состанокот во Истанбул.

Европското првенство Б дивизија за кадети ќе се одржи во Скопје од 7 до 16 август.

Меѓу другите одлуки кои ФИБА Европа ги донесе на вчерашниот состанок воедно е потврден и датумот на жрепката за Евробаскетот 2025. Извлекувањето на групите е закажано за 27 март идната година во Рига.

Брисел - Белгиските власти изработуваат кризен план за справување со закани поврзани со Русија, објавија локалните медиуми. Во земјата има само неколку засолништа за случај на воен напад, но повеќето од нив во моментот се неупотребливи.

Поранешниот државен секретар Тео Франкен, кој се очекува да го преземе Министерството за одбрана, изјави дека Белгија треба да преземе мерки слични на оние во Германија, Шведска и Финска и да ги подготви постоечките бункери и да ги информира граѓаните преку брошури за постапките во случај на напад. Според него, Антверпен има три бункери, од кои еден е неупотреблив, а во Брисел засолништата се предвидени за Федералниот парламент, но тунелите до нив се затворени. Од трите подземни армиски командни пунктови, еден е музеј, а друг е затворен пред три години.

Лондон - Британската министерка за транспорт Луиз Хеј поднесе оставка откако призна дека ја измамила полицијата во врска со службен телефон за кој лажно пријавила дека е украден.

Хеј во писмо до премиерот Киер Стармер изјави дека во 2013 година пријавила дека телефонот бил украден за време на „ужасен грабеж“, но подоцна сфатила дека го заборавила дома.

„Инцидентот беше вистинска грешка од која немав никаква корист,“ напиша Хеј, додавајќи дека оставката е потребна за да се избегнат одвлекувања од работата на владата.

Лондон – Фудбалерите кои ќе играат на Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико би можеле да се соочат со сериозни здравствени ризици од екстремните горештини, покажува новата студија објавена во списанието Scientific Reports.

Имајќи предвид дека стадионите на кои ќе се одржи Мундијалот2026 се распространети низ северноамериканскиот континент, студијата предупредува дека значителните разлики во географската ширина, надморска височина и климата ќе бидат предизвик за играчите и нивната способност „брзо да се адаптираат на различни локални клими“.

Брисел – Советот на ЕУ ја именуваше новата Европска комисија со мандат за периодот од 1 декември 2024 до 31 октомври 2029 година, отако претходно во средата таа беше одобрена и од Европскиот парламент со 370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“.

Со ова заврши и формалната процедура за изборот на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен, со што таа ќе може официјално да стапи на должност в недела.

Новата Еврокомисија ја сочинуваат 27 члена – по еден од секоја земја-членка на ЕУ - претседателката Фон дер Лајен, шестмина потпретседатели и 20 еврокомесари. 

Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп упати честитка за Денот на благодарност, обраќајќи се и до „радикално левите лудаци“.

„Среќен Ден на благодарност за сите, вклучувајќи ги радикално левите лудаци кои толку напорно работеа да ја уништат нашата земја, но не успеаја, и никогаш нема да успеат, бидејќи нивните идеи и политики се безнадежно лоши,“ напиша Трамп на мрежата Икс, користејќи го својот познат слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA).

Тбилиси - Повеќе од 100 грузиски дипломати во активна служба потпишаа отворено писмо во кое ја осудуваат одлуката на грузиската влада за замрзнување на преговорите за членство во ЕУ до 2028 година.

Досега, писмото го потпишале 114 службеници на Министерството за надворешни работи, кои работат во Грузија и дипломатските мисии во странство.

Пјонгјанг - Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов пристигна денеска во официјална посета на Северна Кореја.

Во Пјонгјанг тој изјави дека воената соработка меѓу двете земји брзо се проширува, соопшти прес-службата на руското министерство за одбрана.

Посетата се одвива во контекст на зголеменото приближување меѓу Русија и Северна Кореја. Северна Кореја испрати војници во делумно окупираната руска Курска област, што предизвика осуда од Украина, Јужна Кореја и Западот.

Сеул - Единаесет кинески и руски воени авиони денеска навлегоа во зоната на воздушна одбрана на Јужна Кореја во период од четири часа, што ја натера Јужна Кореја да подигне борбени авиони, соопшти јужнокорејската војска.

Според Здружениот штаб на Јужна Кореја, леталата влегле во зоната еден по друг во период од четири часа, но ја напуштиле без да предизвикаат инциденти или да навлезат во воздушниот простор на земјата.

„Сите авиони беа идентификувани пред да влезат во зоната, а нашите авиони изведоа тактички маневри како одговор“, соопшти Здружениот штаб.

Тагови

Остани поврзан