• четврток, 02 мај 2024
МИА Флеш

16 април 2024

Скопје - Министерството за надворешни работи соопшти дека реагирало до Европскиот парламент за употребата на придавката „северномакедонски“ и дека грешката е веќе отстранета од веб страницата на Европарламентот.

- Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија континуирано укажува на точната употреба на уставното име на државата и државјанството на граѓаните на Северна Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, етнитети итн., кои погрешно употребиле било кој од наведените термини, така реагиравме и до Европскиот парламент за конкретниот случај, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите Нации. Дополнително, би сакале да потврдиме дека по нашата реакција грешката беше веднаш корегирана, посочуваат од МНР.

На веб страницата на Европскиот парламент, вчера, беше објавен документ во кој се анализира евроинтегративен пат на Северна Македонија и Договорот од Преспа, а владата е наречена „северномакедонска“. 

Скопје - Децата во земјава на возраст од 7 до 15 години најчесто имаат проблем со вниманието, концетрацијата и брзината на реакција, покажува истражувањето „Когнитивно функционирање на децата на возраст од 7 до 15 години“ на проф. д-р. Слаѓана Анѓелкоска, универзитетски професор, психолог и психотерапевт.

Истражувањето е спроведено од февруари 2023 година до декември 2023 година на територијата на целата наша држава, во сите осум региони (Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски), а се опфатени 2032 ученици по случаен избор на возраст 7 до 15 години.

Скопје - Синдикатот во „Македонска пошта“ ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата на Поштата, која, како што рече денеска синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција, а се доведени во прашање над 2000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.

Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

Скопје - Можности за соработка и идна координација меѓу Јавното обвинителство и Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, беа темите на разговор на денешната средба меѓу двете институции претставени од Јавниот обвинител  Љупчо Коцевски и претседателот на Комитетот Зоран Илиевски.

- Во таа насока беше договорено да отпочне постапката за усогласување и потпишување на меморандум меѓу Јавното обвинителство и Комитетот со кој ваквата соработка и начинот на постапување во иднина дополнително ќе се унапредат, информираат од ЈО.

Скопје - Полициски службеници ноќеска уапсиле малолетник во Тетово, кој украл возило „фолксваген пасат“. Возилото и е вратено на сопственичката, а против малолетникот ќе биде поднесена соодветна пријава.

- Ноќеска, во 02.05 часот во Тетово, полициски службеници лишиле од слобода малолетник. Тој се сомничи дека околу 01.00 часот од ул. „Благоја Тоска“ во Тетово одзел патничко возило „фолксваген пасат“ со тетовски регистарски ознаки, сопственост на тетовката М.С.(46), по што бегајќи со возилото оштетил друго патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, сопственост на тетовецот Ш.С.(45), информираат од МВР.

 

Загреб - Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска упати протестна нота до Србија во врска со физичкиот напад врз четворица хрватски државјани минатиот викенд во Панчево, соопштено е денеска во Загреб.

„Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска упати протестна нота до Република Србија во врска со неиспровоцираниот тежок физички напад што се случи на 13 април во Панчево, врз четворица хрватски државјани, како и врз двајца српски државјани кои дошле во нивна одбрана“, се вели во соопштението на министерството.

Белград - Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска го осуди физичкиот напад врз четворица хрватски државјани во Панчево минатиот викенд и додаде дека надлежните органи ќе направат сè за да ги гонат одговорните за тој инцидент.

„Тоа е недозволиво, никаде не смее да се случи такво нешто, ниту кај нас, ниту во регионот“, рече претседателот на Србија на отворањето на Бизнис саемот во Мостар.

Белград - Пратениците од коалицијата „Србија против насилството“ на претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ и доставија предлог за измени на Уставниот закон, со кои се предлага локалните и белградските избори да се одржат истовремено, на есен оваа година.

Во документот испратен до Брнабиќ, се наведува дека Србија се наоѓа во сложена уставна криза, која има своја меѓународна димензија идека изборите во претходните години беа систематски поделени на термини во кои се избираат собранија на единиците на локалната самоуправа и затоа нивниот предлог е сите избори за единиците на локалната самоуправа да се одржат во ист ден, во 2024 година. 

Белград- Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил изјави дека блокадата на Филозофскиот факултет што ја организира Студентскиот парламент на Универзитетот во Нови Сад со ултиматум дека професорот од катедрата за медиумски студии Динко Грухоњиќ мора да биде разрешен поради наводен говор на омраза не е начин да се спротивставиме на „нешто што некој го кажал“.

„Луѓето имаат право да го кажат она што сакаат да го кажат и најдобриот начин да се спротивстави на нешто што некој го кажал е да имаат подобар аргумент. Јас не поддржувам физички дејствија насочени кон повреда на нечие право на говор. Мислам дека клучот тука е чувство на толеранција Сите мораме да се справиме подобро на тоа поле“, изјави Хил во интервју за студентскиот портал „Универзитетско ехо“ од Нови Сад.

Женева - Обединетоте нации денеска изразија голема загриженост поради ескалацијата на насилството на Западниот Брег, барајќи израелските безбедносни сили „веднаш да го запрат своето активно учество и поддршка за нападите на доселениците“ врз тамошните Палестинци.

„Израелските власти наместо тоа, мора да спречат понатамошни напади, вклучително и со повикување на одговорност на сторителите“, изјави за новинарите во Женева Равина Шамдасани, портпаролка на канцеларијата за човекови права при Обединетите нации. 

Во последниве години, насилството извршено од израелски доселеници врз Палестинците на Западниот Брег е во пораст. Во просек, три инциденти дневно поврзани со доселениците се случувале во првите осум месеци од 2023 година, во споредба со просечните два на ден во 2022 година и еден дневно годината претходно.

Рим - Италија ќе биде подготвена да испрати војници како дел од мировната мисија со други земји доколку се формира меѓународно призната палестинска држава, изјави италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани.

„Италијанската влада е многу заинтересирана за мир“, истакна тој на форумот организиран од италијанската новинска агенција АНСА. „Ние сме пријатели на Израел, но сакаме да работиме за мир, вклучително и со евентуално испраќање војници, заедно со сили од други земји, ако биде формирана палестинска држава.

Мадрид - Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез, кој собира поддршка ширум Европа за признавањето на независноста на палестинската држава, ги придоби Ирска и Норвешка, но не и Португалија откако конзервативците дојдоа на власт таму, објави шпанската јавна телевизија ТВЕ.

„Она што се случи овој викенд потврдува дека она што го заговараме со месеци е неопходно. Сега има два патишта отворени пред нас. Едниот води кон ескалација на војната, а другиот до прекин на огнот од сите страни. Од почетокот на оваа криза, Шпанија се залага за мировен процес со решение со две држави, а со тоа и взаемно признавање на Палестина и Израел“, рече Санчез на прес-конференцијата на која присуствуваше со новиот португалски премиер Луис Монтенегро.

Лондон - Британскиот премиер Риши Сунак се соочува со нов бунт во неговата партија поради плановите да им се забрани на младите да пушат цигари.

Доколку се усвои законот за тутун и електронски цигари, би било прекршок да се продаваат тутунски производи на секој роден по 1 јануари 2009 година, јави „Скај њуз“.

Тоа значи дека оние кои сега имаат 15 или помалку години никогаш нема да можат легално да купат цигари.

Пекинг – Претседателот на Кина, Си Џинпинг на денешната средба со германскиот канцелар Олаф Шолц предложи четири принципи со цел да се спречи прелевање на украинската криза и што побрзо да се воспостави мир.

- Прво приоритет треба да биде поддршка на мирот и стабилноста, воздржувајќи се од барање себични цели. Второ, треба да ја смириме ситуацијата и да не долеваме масло на огнот. Трето, треба да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од понатамошна ескалација на тензиите. Четврто, треба да го намалиме негативното влијание врз светската економија и да се воздржиме од поткопување на стабилноста на глобалната индустрија и синџирите на снабдување, наведе Си.

Тој посочи дека за постигнување на целите потребно е сите страни заедно да работат на воспоставување на мирот што е можно побрзо. 

Остани поврзан