• петок, 17 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

30 април 2024

 

Скопје - Поради празникот 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, утре јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред.

Од ЈСП Скопје информираат дека жичницата ќе работи со вообичаено работо време, а дежурни ќе бидат две билетарници. Од 7 до 14 часот ќе работат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

Од јавното претпријатие додаваат дека жичницата ќе работи два часа повеќе од досега, односно од 10 до 20 часот.

-Во период од 19-19.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 19.45 часот е последно возење од врвот надолу, велат од ЈСП Скопје. 

Работното време е согласно со Одлуката за работно време на Жичарницата во период мај – септември.

Скопје - На територија на град Скопје вчера се изречени вкупно 125 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 16 санкции, 15 мерки за непочитување на брзината на движење, осум мерки за користење мобилен телефон при возење, три санкции за некористење сигурносен појас.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, соопшти МВР.

Скопје - Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.

Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600  и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
 
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.

Скопје - Во насока на обезбедување на квалитетни и ефикасни комунални услуги за потребите на граѓаните, општина Илинден континуирано работи на опремување и модернизирање на јавните општински комунални претпријатија.

За поквалитетно одржување на јавната чистота, одржување на јавните зелени површини и паркови набавена е професионална опрема: моторни коси, моторна дувалка, моторни ножици за кастрење жива ограда и моторен телескопски режач за жива ограда..

Со континуираното модернизирање и обновување на опремата на јавните комунални претпријатија се овозможува поквалитетна, побрза и поефикасна комунална јавна услуга за граѓаните, но и придонес општина Илинден денес да биде една од најчистите општина во државата и во регионот.

ЈКП “Илинден” е ангажирано за собирање, изнесување и депонирање на комунален отпад од населението и индустријата, одржување на јавната чистота, чистење на јавни површини, уредување на паркови, зеленило, парк-шуми, садење на ниска и висока вегетација, уредување и одржување на улици, сообраќајници и пешачки патеки, одржување на јавно осветлување, стопанисување со спортските објекти на територијата на општина Илинден, како и оџачарски услуги и управување и одржување на гробишта.

Делчево - Во пресрет на велигденските празници, Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево синоќа го одржа најавениот Велигденски концерт. 

На концертот настапија Фолклорната група при НУЦК ,, Никола Јонков Вапцаров “ Делчево и нивните долгогодишни соработници Културно уметничко друштво ,, Вера Јоциќ “ од Македонска Каменица. 

Директорот на установата, Љупчо Петровски изрази задоволство од посетата на публиката која ја наполни салата во Спомен дом АСНОМ, напоменувајки дека изведбата била на едно големо ниво, со која играорците покажале дека во Делчево фолклорот се негува и развива.

- Играрците покажаа и дека Делчево е еден од најпознатите фолклорни градови во Македонија. Благодарност и до кореогеафот Кристијан Трајановски кој што ги подготвува овие деца и се надевам ова ќе продолжи и понатаму. Се надевам дека не само на овој Велигденски концерт, туку ќе има уште многу концерти на кои што младите фолклористи ќе можат да ги покажат своите знаења. Во оваа пригода би сакал да им ги честитам Велигденските празници на сите верници и да им посакам добро здравје, среќа и успех, рече Петеовски.

 За стручниот соработник за фолклорна и сценска дејност Кристијан Трајановски неизмерна беше радоста од настапот на играорните групи пред делчевската публика.

- Најпрвин сакам да се заблагодарам на гостите од Македонска Каменица, тие ни се долгогодишни соработници, се надевам тоа така и ќе продолжи. Исто така да се заблагодарам на верната публика што секогаш е со нас и најголемо благодарам на сите овие прекрасни дечиња, додаде Трајановски.

Групата во наредниот период ја очекува гостување на реномираниот фолклорен фестивал во Валона, Албанија.

- Веќе и водителката најави дека еден од најзначајните настани ни е фолклорниот фестивал во Валона. Таму со највозрасната група гостуваме од 25 до 28 мај со највозрасната група, еден од најеминентите фестивали на кој учествуваат повеќе земји од Европа, потенцираше програмскиот директор на Центарот за култура Методи Толевски.

Ова беше последна активност на НУЦК ,,Никола Јонков Вапцаров" - Делчево за месец април, а културните збиднувања во  Делчево продолжуваат и во текот на месец мај. 

Остани поврзан