• петок, 17 мај 2024
МИА Радио флеш

30 април 2024 

-Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека интензивно се работи на подготовките за вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај. Даштевски ја објаснува постапката за гласање на изборите имајќи предвид дека за двојните избори гласачите ќе може само еднаш да излезат на гласање. Исто така тој ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас на 8 мај достоинствено и без притисоци и да имаме фер, демократски и слободни избори. -Сега со оглед дека се работи за вториот круг и некои работи веќе се завршени за вториот круг во првиот круг, уште подобро се одвиваат подготовките, дури и за викенд се работеше. Во петокот го утврдивме изгледот на гласачкото ливче кое ќе биде за вториот круг на претседателски избори, а овие другите за парламентарни веќе се печатат, при крај се записниците и другите доверливи материјали, така што веќе сме во добра подготовка, рече Даштевски. 

-Народната банка информира дека во март годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,50 проценти и бележи месечно намалување од 0,02 п.п., додека на годишно ниво е зголемена за 0,46 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, изнесувала 1,80 проценти и забележала месечно и годишно зголемување за 0,04 п.п. и 0,69 п.п., соодветно. Податоците што ги сподели денеска централната банка покажуваат дека просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во март, изнесувала 4,98 проценти и забележала месечно и годишно намалување од 0,37 п.п. и 0,28 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити, пак,  остварила месечен и годишен раст од 0,15 п.п. и 0,42 п.п., соодветно и изнесувала 2,46 проценти. 

-Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) на Македонски Телеком во првиот квартал годинава е зголемена за 4,4 проценти споредено со минатата година, а нето добивката е во пораст од 15,2 проценти. Приходите од продажбата се зголемени за три проценти во споредба со истиот период од претходната година и изнесуваат 2.967 милиони денари, соопшти денеска компанијата. Како што информираат, бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,7  проценти и изнесува 211 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 3,4 проценти. -И во мобилните комуникации се зголеми базата на корисници и достигна 1,266 милиони. Во фиксната телефонија, останавме на водечката позиција со 229 илјади корисници, информира Телеком и посочува дека со првата дигитална програма за наградување и поволности за корисниците - Magenta Moments, достигнале 160 000 корисници.

-Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, продолжува со напорите во новиот изборен законик во оваа земја, да се предвидат гарантирани пратенички места за малцинствата. Во овие заложби им се придружија и партиите на други малцинства во земјата и заедно доставија барање до надлежните албански инститции но и претставниците на меѓународните организации и странски амбасади.

-Со цел да се подобри соработката со деловните субјекти и да се зајакне нивната улога во регионалната економска интеграција, Секретаријатот на ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на шестеземјиод Западен Балкан (WB6 CIF) потпишаа Меморандум за разбирање во Брисел. Овој договор ги поставува основите за посилна соработка и размена на информации кои ќе поттикнат создавање на Заеднички регионален пазар под капата на Берлинскиот процес. На овој начин, двете организации ја покажуваат својата посветеност за промовирање на ефикасни трговски текови меѓу ЦЕФТА страните и поттикнување на регионалната економска интеграција. Со координирање на напорите, Секретаријатот на ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на шестеземјиод Западен Балкан имаат за цел да го поддржат навременото и ефикасно спроведување на Акциониот план за Заедничкиот регионален пазар и новиот План за раст за Западен Балкан, подобрувајќи го усогласувањето со Европската унија.

-Барометарот на корупција на Транспаренси Интернешнл-Македонија за април по нивното следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“, во „бистрите“ настани ги посочува уапсените 17 припадници на затворската полиција поради поврзаност со бегство на затвореник и МВР ќе поднесе две кривични пријави поврзани со изборите. Според  барометарот на Транспаренси Интернешнл-Македонија, стои во соопштението, како „матни“ настани се наведени забечешките од извештајот на Стејт Департментот за сериозна владина корупција и политички унапредувања во судството и обвинителството, како и оценката од Фридом Хаус за назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во Северна Македонија. Посочни се и случаите на Управниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, жалбите од граѓаните кај Омбудсманот за долги предистражни постапки на ОЈО Скопје со што застаруваат кривичните дела и Управниот суд кој поништи над 3.000 решенија за унапредување и вработување во Министерството за финансии и јавниот сектор.

-Повеќе од половина вработени во Уставниот суд пријавени за давање крв во денешната акција што сами ја организираа по повод шестдеценискиот јубилеј. Како што информира утрово претседателката на Судот Добрила Кацарска, со ова институцијата ја покажува и својата хумана страна. -Уставниот суд одбележува 60 години постоење и по повод овој јубилеј најави низа активности. Вработените дадоа идеја една од тие акции да биде и крводарителската, што значи Судот ја покажува и својата хумана храна. Повеќе од половината вработени се пријавија за давање крв или од вкупно 60 повеќе од 30 се согласни да дадат крв, изјави Кацарска.

-Во спроведената акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, вчера се казнети 133 возачи, соопшти денеска МВР. Од нив девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 55 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 78 надвор од населено место. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. 

-Репрезентативна збирка од познатите теракотни икони од Виничкото Кале е претставена на едномесечна изложба во музејот Куслевова куќа во црногорскиот главен град Подгорица, како резултат на воспоставената соработка со музејот „Теракота“ од Виница. Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ при што истакна дека се работи за едно од најавтентичните и најзначајни сведоштва за ранохристијанството на балканските простори. Пред црногорската културна јавност се претставени 12 теракотни икони и осум пишани материјали.

-Претседателот на СНС и мандатар на новата српската Влада, Милош Вучевиќ по седницата на Претседателството на партијата ги презентираше кадровските решенија на новата Влада на Србија. Ивица Дачиќ пак ќе биде министер на полицијата, Вулин се враќа во Владата, нов шеф на дипломатијата е досегашниот српски амбасадор во САД Марко Ѓуриќ, додека Братислав Гашиќ од МВР се сели во министерството за одбрана, јави дописникот на МИА од Белград. -Денеска на седницата на Президиумот на СНС одлучивме за повеќе прашања и теми. Поднесувам барање седницата на Собранието да се одржи утре. Ќе ви го прочитам предлог составот на Влада, рече Вучевиќ.

-Ова е многу важен ден за Европа, бидејќи првпат на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) ќе се соберат не само земјите членки, туку и партнерите со европска перспектива, изјави белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија Хаџа Лабиб пред почетокот на денешното неформално заседание на ГАК. - Тоа е важен сигнал што им го испраќаме денеска дека веќе се дел од нашето семејство, иако треба да продолжат да се реформите, исто како што треба и ние да се реформираме, истакна Лабиб. Според неа, тие реформи пред се треба да се однесуваат на почитувањето на демократските вредности, владеењето на правото и фундаменталните права како основи услови за приближување кон ЕУ. 

-Кралот Чарлс Трети се враќа на јавните должности по позитивниот ефект од лекувањето од рак, пренесе ДПА. Кралот Чарлс од почетокот на февруари се лекува во дневна болница, а извори рекле дека и покрај добрите вести, кралот сè уште има рак и ќе продолжи да се лекува од болеста за која не се откриваат детали. Чарлс и кралицата консорт Камила денеска ќе посетат центар за лекување на рак за да се сретнат со медицински специјалисти и пациенти. Настанот има за цел да ја подигне свеста за важноста на раната дијагноза и да ги истакне иновативните истражувања, поддржани од Cancer Research UK, кои се спроведуваат во болницата.

-Принцот Хари пристигнува во Лондон, но се чини, нема да се сретне со својот татко, британскиот крал Чарлс. Веројатноста за подолга средба е многу мала, како што пишуваат британските медиуми, наводно бидејќи распоредот на кралот Чарлс е прилично густ. Хари патува за Велика Британија по повод свеченоста за 10-годишнината од „Инвиктус игрите“. Тој утре ќе биде на богослужбата на благодарност во лондонската катедрала „Сент Пол“, каде што се очекува и принцот да одржи говор. „Телеграф“ пишува дека кралот најверојатно нема да го прими принцот бидејќи неговата посета се совпаѓа со враќањето на кралот на јавните должности. А, на денот кога Хари ќе дојде во Лондон, Чарлс има средба со премиерот на Англија.

-Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Херзи Халеви ги одобри конечните планови за воена операција во градот Рафа и во бегалските кампови во Појасот Газа, пишува Ynet Њуз. Без да го наведе изворот на информацијата, сајтот тврди дека израелски тенкови се на границата на Газа и се подготвени да почнат операција со која Израел сака да ја искорени милитантната група Хамас, пишува Тајмс оф Израел. Во извештајот се вели дека планот за инвазијата се состои од неколку фази, а инвазијата може да биде суспендирана или одложена доколку се постигне напредок во разговорите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

-Товарен брод во грчка сопственост што плови под знамето на Малта бил на мета на напад од Хутите во Црвеното море, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. Според истите информации товарниот брод „Кикладес“ бил нападнат со три проектили и дронови, но продолжил да плови. Паралелно, на мета на напад на Хутите биле и уште еден товарен брод, како и два американски воени бродови. 

 САД планираат и иницираат воени конфликти ширум светот: против Русија, Палестина, Кина, изјави венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

-„САД планираа серија воени конфликти, а за тоа сведочи издвојувањето на 95 милијарди долари за овие цели. Војната на Украина против Русија беше планирана најмалку 20 години за да ја уништи моќта на Русија, но САД не успеаја да го направат тоа. Денес Русија е посилна економски, политички, социјално, технолошки и воено“, изјави венецуелскиот лидер во авторската емисија „Со Мадуро плус“. Војната во Палестина се води за да се „консолидира моќта на ционизмот на Блискиот Исток“, истакна Мадуро и посочи дека САД „денес се обидуваат да започнат војна во Тајван против братската Кина“.

Остани поврзан