• сабота, 11 мај 2024
МИА Флеш

18 март 2024

 

Скопје - Собранието ќе има активности до крајот на март имајќи предвид дека кампањата за претседателските избори почнува на 4 април, а потоа следува и кампањата за пратеници за изборите на 24 април и 8 мај. На денешната координативна средба во Собранието спикерот Јован Митрески, како што брифираат од неговиот Кабинет, најавил дека врз основа на непишаното правило, во текот на изборна кампања Собранието нема да има активности, со цел да се спречи евентуална злоупотреба на говорницата. Собранието, како што посочуваат, ќе има активности до крајот на март.

Скопје – Кога има докази дека е прекршен Етичкиот кодекс е постапено, досега не е добиен доказ, одговори вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска на новинарско прашање дали ќе поведат постапка по допрен глас за политичарите кои со службени возила се потпишувале за претседателските кандидати. -Досега не сме добиле фактичка состојба да видиме со аргумент дека е тоа така. Знаете дека и досега секогаш кога сме имале аргументи и доказ којшто укажува на тоа дека е прекршен Етичкиот кодекс сме постапиле, без разлика на тоа за кого станува збор. Така ќе биде и во овој случај. И токму како предупредување испративме пред извесно време отворено писмо до јавноста, до сите политички субјекти, без разлика на тоа на кое ниво на власт се, дека треба да водат сметка за јасно разграничување на партиските и државните активности и да нема злоупотреба на државни ресурси и капацитети за време на политичка кампања, изјави Грковска пред трибината за улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура.

Скопје - Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа и Министерството за внатрешни работи запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблици управувани од македонски државјани, соопшти денеска Царинската управа.-Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив, четири патнички моторни возила се марка „Мерцедес“, три патнички моторни возила се марка „Ауди“, две патнички моторни возила се марка „БМВ“, едно патничко товарно возило е марка „Тесла“ и др., а сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на Република Северна Македонија повеќе од шест месеци, се наведува во соопштението.

Скопје - Во СВР Битола синоќа во 20.00 часот од Казнено – поправната установа Затвор Битола било пријавено дека при претрес во просторијата во која биле сместени осудениците М.Б.(28) од Битола, А.Т.(32) од Прилеп, А.Ф.(32) од Прилеп, Е.С.(27) од Скопје и Е.М.(30) од Битола биле пронајдени и одземени марихуана, повеќе различни таблети и мобилен телефон, соопштија од МВР.

Скопје – Вработените во Македонска пошта денеска го изразија својот револт поради ненавремената исплата на платата за февруари. Претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов, посочи дека протестот на вработените е израз на загриженост за опстанокот на Македонска пошта, како и зачувувањето на нивните работни места. Покрај тоа што 80 отсто од вработени во Македонска пошта се со просек на минимална плата, Велигденов вели, работодавачот не ја исполнил законската обврска да ги исплати платите во законски предвидениот рок. Поради лошата финансиска состојба на Македонска пошта, Велигденов истакна дека вработените стравуваат дека во наредниот период нема да има редовна исплата на плати.

Скопје – Претставници на младинските тела на политичките партии во земјава и претставници на граѓански организации денеска учествуваа на трибина „Улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура“  со цел градење култура на дијалог и демократска атмосфера во пресрет на изборите. Трибината ја организираше вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, која изјави дека не се насочени на политичките и партиските разлики, туку разговараат за прашања добри за сите, за вистинските вредности кои сите би сакале да ги видиме во нашето општество.

Скопје - СДСМ има многу јасна визија за Северна Македонија како земја членка на ЕУ, имаме многу јасен план како тоа да го направиме. Од друга страна, ВМРО – ДПМНЕ не нуди никаков план за напредок во европските интеграции дури напротив, може да се слушнат нивни изјави дека и 100 години не треба да станеме, а можеби и никогаш. Ова го изјавил претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за Слободен печат. 

Скопје - Министерството за животна средина ја прифати иницијативата за отпочнување на процесот за репрогласување на Демиркаписка клисура и околна територија, за заштитено подрачје и ја постави на својот годишен план за 2024 година. Ова беше кажано, меѓу другото, на денешниот брифинг со новинари во Скопје, организиран од Центарот за истражување и информирање за животната средина, „Еко-свест“. - Во април започнуваме со маркирање на подрачјето, студија за валоризација на вредностите и социо-економска студија, што ќе доведат понатаму до процесот на прогласување, информираше Ѓорѓи Митревски, програмски координатор за води. Тој се осврна уште на еден проект, за поддршка на националните паркови, за мониторинг и управување со реките и речните еко-системи.

Тирана – Албанскиот премиер, Еди Рама, реагираше за текот на процесот на дијалог меѓу Косово и Србија, потсетувајќи на суштинското значење на имплементацијата на Договорот и анексот за спроведување. - Како што се приближуваме до состанокот на Советот на Европа на 21 март, од суштинско значење е да се потсетиме дека имплементацијата на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, заедно со неговиот анекс за спроведување, е од големо значење за одржување на безбедноста, стабилноста и мир на Западен Балкан, објави Рама на платформата Икс. Според него, за да се успее во овој процес, Договорот и Анексот за имплементација мора да бидат „официјално вклучени како составен дел на соодветните процеси за членство на Косово и Србија во Европска Унија“.

Брисел – Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок изјави дека изборите во Русија не биле вистински избори. Гласањето во Русија беше гласање без реален избор, изјави Бербок пред седницата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ. Таа најави и дека ЕУ ќе воведе нови санкции кон Русија. Според 60,01 отсто преброени ливчиња од претседателските избори во Русија, Владимир Путин доби уште еден шестгодишен мандат со освоени 87,26 отсто од гласовите. 

Амстердам – Холандскиот Национален институт за јавно здравје и животна средина (РИВМ) во најновиот извештај наведува дека околу пет проценти од младите лица на возраст од 12 до 25 години и три отсто од луѓето над 25 години имаат „долг Ковид“ по инфекцијата со коронавирусот. Еден од четири млади луѓе и еден од пет возрасни лица се соочуваат со „долг Ковид“, познат и како синдром на постковид. Тие изјавиле дека симптомите се доволно сериозни за да влијаат врз секојдневниот живот.

Вашингтон - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин „веројатно“ бил вмешан во смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина минатиот месец во казнена колонија на Арктикот, објави Политико. - Не знам, можеби, мислам дека е можно, би рекол веројатно, изјави неповрзано републиканскиот претседателски кандидат во интервју за Фокс њуз на прашањето дали Путин е одговорен за смртта на Навални. „Тој е млад човек, па статистички требаше да биде жив долго време... се случило нешто необично“, додаде Трамп.

Вашингтон - Кампањата на американскиот претседател Џо Бајден досега собра 155 милиони долари во готовина, што е многу повеќе од паричните донации за неговиот републикански противник Доналд Трамп, објавија американските медиуми. Само изминатиот месец, Бајден собра 53 милиони долари, што е најсилниот месец за локално прибирање средства. -Добиваме вистински ентузијазам додека одиме низ земјата. Собравме цел куп пари. Имаме 1,5 милиони донатори, вклучително и 500 илјади кои се сосема нови, ова се мали донатори; 97 отсто од донациите се под 200 долари, рече Бајден минатата недела во интервју за локална радио станица во Висконсин.

Рим - Моника Белучи и на самиот праг од седмото десетлетие од својот живот има совршена фигура, па ја открива тајната на својот изглед што, според многумина, сѐ уште е на незавидно ниво. Италијанската глумица, имено, истакна дека не практикува вежбање, освен пливање и јога коишто едвај се вклопуваат во нејзиното напорно секојдневие, но јаде умерено. Таа, на пр., плива четири пати неделно по 45 минути и е убедена дека тоа е најдобриот начин да се одржи во форма.

Вик - Сместен во идиличната северна Шкотска, живописниот приморски град Вик има богата историја како поранешно норманско село коешто гордо ја носело и титулата на едно од најпрометните пристаништа во Европа во 19. век. Овој шкотски град денес може да се пофали и со богата културна сцена - театар, уметнички галерии... Бил познат и по текстилната индустрија - некогаш имал и сопствена фабрика за волна. Покрај сѐ тоа, светската јавност уште еднаш слушна за него, кога во 2006 година Гинисовата книга на рекорди ја призна „Ебенезер плејс“ (Ebenezer Place) како најкуса улица во светот. 

Тагови

Остани поврзан