• четврток, 25 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

18 април 2024

Скопје - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА најавува дека кандидатите за пратеници на коалицијата „За европска иднина“ во рамки на кампањата за парламентарните избори во сите населени места ќе ја презентираат програмата и нивниот, како што вели, јасен план за државата, која ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање. Оценува дека досегашниот тек на кампањата за претседател до пред неколку дена била демократска и смирена, но оти како се наближува денот на изборите, така и реториката знае да стане пожестока. 

- Но, сепак мислам дека со одредени исклучоци претседателската кампања досега се одива во еден демократски амбиент каде што нашиот претседателски кандидат Стево Пендаровски ја образлага својата програма, својата визија за една европска Македонија. Истото се однесува и на моите настапи во дел од неговите митинзи. Започнува и кампањата за парламентарите избори на која што и кандидатите за пратеници од листата на коалицијата „За европска иднина“ ќе ги поминат сите населени места и каде ќе ја образложиме нашата програма, нашиот јасен план за држава која што ќе биде просперитетна и ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање и држава која ќе стане земја членка на Европската унија, вели претседателот на СДСМ. 

Скопје - Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го посети основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ каде што се реализира образовна програма и мобилност на ученици и наставен кадар преку програмата на ЕУ Еразмус плус.

Како што информира Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата во училиштето, заедно со градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓорѓиевски, раководството на училиштето и наставниците, беа споделени искуства за Еразмус плус програмата која се спроведува во ова училиште и значењето на оваа мобилност за учениците.

Скопје - Штрајкот на докторите приватни специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти. 

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба. 

Скопје – Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска ќе има вонредна седница на Советот на која ќе одлучи за натамошни чекори поради доцнењето на мартовската плата за околу три илјади вработени во дејноста култура. Претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција рече дека веројатно ќе донесат одлука за протест, иако е период на избори, а ако проблемот се продлабочи, рече, веројатно ќе донесат одлука и за генерален штрајк во установите од културата.

На прес-конференцијата, на која присуствуваа и вработени во културата, СОНК изрази незадоволство од доцнењето на платата за март која, според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат до 15-ти односно до 10-ти во месецот.

Скопје - Мнозинството млади луѓе ги одбираат Инстаграм, Фејсбук и Јутуб како најинтересни за следење вести, а вестите за образование, наука и технологија им се најпривлечни. Иако веруваат дека само некои од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а речиси една четвртина се загрижувачки пречесто на социјалните мрежи, за младите активното пребарување и реагирање на информациите не е вообичаено. Се сметаат за способни да препознаат дезинформации во медиумите, но повеќе од половината можеби споделиле дезинформации без да знаат. Според младите, политиката и политичките партии се извор на најмногу неточни или погрешни информации. Додека нивните политичките ставови за општествените случувања во државата се нечујни.

Ова го покажува  анкетата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во пресрет на претседателските и парламентарните избори, чија цел е да се утврдат навиките за користење на медиумите и вестите кај младите луѓе, нивната способност да ги препознаваат дезинформациите во медиумите и како се граѓански и политички ангажирани.

Приштина – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека петмина косовски полицајци се „држат во заложништво“ од Србија, земја која таа ја опиша како „шовинистичка“, јави Радио слободна Европа.

На денешното доделувањето на дипломите на кадетите на косовската полиција, Османи го повика меѓународниот фактор да реагира во врска со ова прашање.

„Ги повикуваме сите наши сојузници да го кренат својот глас и да ги зголемат своите напори за запирање на ваквите шовинистички суровости и дејствија против нашите граѓани и против нашата полиција. Но, убедена сум дека денешната заклетва и сите овие питомци и оваа мултиетничка група е најмоќниот одговор против таквите напори“, рече Османи.

Белград - Српското движење „Taто, ова е за тебе“ денеска соопшти дека ќе учествува на претстојните избори во Белград и ги повика граѓаните да им се придружат, како што наведоа, во политичката борба и на улица, јави Бета.

Со оценка дека белграѓани страдаат поради политички игри, дека народот е лут додека политичарите се борат, движењето „Тато, ова е за тебе“ наведува дека не се откажува од борбата и дека е подготвено да оди на избори.

Лондон- По вчерашните парламентарни избори, Хрватска се соочува со тешки преговори за формирање на владејачко мнозинство или со нестабилен период со малцинска влада, ги пренесува Хина денешните оценки на светските агенции.

Владејачките конзервативци во Хрватска избија на прво место на парламентарните избори одржани во средата, но со нешто помалку мандати од 2020 година, што навестува тешки преговори за формирање мнозинство, пишува француската агенција АФП. Агенцијата посочува се чини дека сите опции се отворени за коалиции во оваа членка на НАТО од 2009 година и на Европската Унија од 2013 година, која се уште е една од најсиромашните земји во ЕУ со просечна месечна плата од 1.240 евра.

Рим - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок истакна денеска дека ги поздравува охрабрувачките сигнали од САД откако германската Влада го повика Вашингтон да продолжи да ја поддржува Украина во војната против Русија.

„Во овие проблематични времиња, охрабрувачки е што сега има сигнали од републиканците во САД дека поддршката за Украина може да продолжи интензивно“, рече Бербок на состанокот со нејзините колеги од Г7 во Италија.

Пиер - Прекин на телефонската линија 911 синоќа имало во најмалку четири американски сојузни држави и тоа во цела Јужна Дакота и делови од Небраска, Невада и Тексас. Проблемот со линијата е решен, но официјалните лица не ги прецизираа причините.

Американското Министерство за домашна безбедност предупреди на зголемен ризик од сајбер напади против системот за итни случаи. Неколку сајбер напади доведоа до негов прекин, при што еден во 2017 година ги парализираше неговите центри во повеќе од десет држави.

Брисел - Економскиот јаз меѓу ЕУ и САД станува се поголем, па затоа Унијата „нема време за губење“, порача претпладнево претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета, кој во придружба на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел пристигна на вториот ден од Специјалниот самит на Унијата. 

Токму, Извештајот за иднината на единствениот европски пазар подготвен од Лета ќе биде главна тема за која ќе расправаат шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на денешното продолжение на Европскиот совет. 

Анкара – Во турскиот град Токат денеска се регистрирани повеќе од 20 земјотреси, а најсилните беа со интензитет од 4,7 и 4,1 степени според Рихтеровата скала.

Најсилниот земјотрес бил во еден часот и шест минути по полноќ на длабочина од 9,97 километри, а вториот во два часот и 35 минути на длабочина од седум километри, соопшти турска Служба за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД).

Вашингтон - Американските сенатори одбија две барања за отповикување на секретарот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас.

Предлозите за импичмент беа изгласани од републиканското мнозинство во Претставничкиот дом на САД во февруари, поради обвинувањата за „намерно и систематско одбивање на Мајоркас да го почитува законот“, на што се спротивставија демократите, тврдејќи дека повиците за импичмент биле политички мотивирани.

 

Остани поврзан