• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

Скопје - За починатиот пациент на Државна кардиохирургија ќе има одговорност, доколку имало пропуст или грешка околу неговото лекување, рече министерот за здравство Арбен Таравари во денешната изјава за медиуми за време на Втората Ренална експертска академија што се одржува во Скопје.

Тој рече дека сѐ уште не го видел извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Инспекторатот во текот на вчерашниот ден спроведе вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ УК за државна кардиохирургија  - Скопје, по издадена наредба од министерот Таравари, а во врска со третманот и лекувањето на сега починатиот пациент T.A од Скопје.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, е избран за Млад глобален лидер (Young Global Leader – YGL) на Светскиот економски форум (World Economic Forum – WEF) за 2025 година. Ова престижно признание се доделува на исклучителни личности под 40 години кои демонстрирале извонредни лидерски способности и силна посветеност кон подобрување на состојбите во светот, соопшти Министерот за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНД).

Форумот на млади глобални лидери претставува заедница посветена на обликување одговорни лидери кои активно придонесуваат за подобрување на глобалните околности. Секоја година, Светскиот економски форум, преку селекциски процес кој вклучува одлука на специјализирана комисија и консултации со бројни експерти, избира група од приближно 100 лидери под 40 години од целиот свет (од кои 10 се од Европа) кои го добиваат ова признание.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку објава на Фејсбук се огласи со реакција за, како што вели, координираните оркестрирани напади кон него од ДУИ, СДСМ и Левица, со цел, според него, да фрлат сенка врз расчистувањето на криминалот и корупцијата.

-Три партии, различни во својата форма, а слични во својата природа, вчера се здружија во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост. Три партии, кои наводно се борат една против друга, вчера покажаа дека нивниот заеднички интерес е посилен од сите нивни привидни разлики. ДУИ – партијата која во долгите години на владеење заедно со СДСМ создаде заробена држава, со систем во кој криминалот не беше исклучок, туку правило. Партијата која остави зад себе пустош од корумпирано судство, нефункционално образование без учебници, здравство кое наместо лекови произведуваше трагедии, загаден воздух кој го труе секој граѓанин и институции заробени од партиски војници наместо од професионалци, напиша Тошковски.

Скопје - Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на земјава за членство во ЕУ и оти тоа не е билатералност туку спроведување на европскиот консензус.

-Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не е единствен услов. Односно, не е добро да се испушта во целиот тој разговор, со евентуална цел - за која се надевам дека не е така, ако впишувањето се случи и се исполни условот за уставни измени согласно европскиот консензус, некој да рече: „ете ви кажавме дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“, изјави Георгиев за емисијата „Брисел 1“.

Тој оцени дека освен уставните измени, европски консензус има и спроведување на Договорот за добрососедство во Бугарија и протоколите кои произлегуваат до него, како и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата.

Скопје - Маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел од петок ќе мора да ги објавуваат цените на своите производи на официјална веб-страница.  Обврската е согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи што стапуваат во сила на 18. месецов (петок) откако по нивното усвојување во Собранието и објавата во Службен весник на 4. минатиот месец Министерството за економија во предвидениот рок од 45 дена изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало. 

Во Правилникот е наведено дека малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените (Ценовник).

Скопје - На ниво на држава, од 1.031 испитаник од Скопје и Југоисточниот регион, кај 28,5 проценти беше детектирана хронична бубрежна болест (ХББ). Информацијата денеска ја сподели Надица Мисовска, медицински директор на „Диаверум“, специјалист интернист, супспецијалист нефролог, за време на Втората Ренална експертска академија што се одржува во Скопје.

- Од минатогодишниот скрининг, што беше изведен во соработка со Министерството за здравство и Агенцијата за електронско здравство - „Мој термин“, „Диаверум“ изведе прегледи на 1.031 граѓанин од Скопје и Југоисточниот регион. Пациентите кои беа повикани на скринингот, беа во ризик од бубрежно заболување. Дваесет и два отсто е преваленцата на ХББ помеѓу лицата со ризик фактор од Скопје, а 33 проценти помеѓу лицата од внатрешноста, информираше Мисовска.

Скопје - Јавното претпријатие за комунално - производни и услужни работи „Исар“ Штип се соочува со 60 отсто загуба на произведената вода, недостиг од дозвола за депонирање и третман на отпадот, како и доцнење во плаќањето на 25,2 милиони денари по спогодба со Министерството за финансии, со што претпријатието е пред значајни предизвици кои може да имаат сериозни последици за неговото функционирање и животната средина, соопшти денеска Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на усогласеност на ЈП „Исар“ – Штип за 2023 година.

Ревизорите констатирале неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Скопје - Здружението за уметност и култура „Дијалог“ ја објави книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“ по повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Раде Силјан.

-Книгата е поделена на три целини, при што во првиот дел се поместени критики што се однесуваат на севкупното поетско творештво на Силјан до одредени различни периоди или, пак, критики во кои прочитот/анализата на одделна поетска книга поттикнал нови согледби и воопшто за спецификите на Силјановата поезија осврнувајќи се и на неговото творештво што претходи на книгата што била првичен предизвик за критичка рецепција на некој од авторите. Во вториот дел на книгата се поместени критки за одделни поетски книги во кои се издвојуваат специфики и на одделни развојни фази/кругови на творештвото на поетот, додека третиот дел е избор од странската критика за поезијата на Силјан, соопшти „Дијалог“  за изданието.

Белград - Посебната седница на Народното собрание на Србија на која ќе се разгледува изборот на новата Влада почна  по 10 часот, каде мандатарот Ѓуро Мацут ја презентира владината програма и составот на кабинетот што ќе го предводи, јави дописникот на МИА од Белград.
Во салата се присутни 173 пратеници од вкупно 250.
Дел од опозицијата не присуствува на седницата за избор на новата влада на Србија - пратениците на коалицијата НАДА, Демократската партија и Еколошкото востание.

Во дел од експозето што се уште трае тој нагласи дека мора да се знае кој е ученик, кој студент, а кој професор.

Атина – Таксистите во Атина во шест часот утрово започнаа 24-часовен штрајк, со што грчката метропола денеска ќе биде без такси превоз, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот е организиран од синдикатот на такси превозници (САТА) и бараат дозвола возилата да сообраќаат во специјалните сообраќајни ленти наменети за автобусите.

Од синдикатот соопштија дека по изјавата на заменик-министерот за транспорт дека ја исклучува можноста такси возилата да сообраќаат во автобуските ленти, управниот одбор свика вонреден состанок на кој беше одлучен денешниот штрајк. 

Брисел - Девет месеци по одржувањето на регионалните избори, белгискиот главен град Брисел сè уште нема формирано влада, што, според локалните медиуми, доведува до сериозни финансиски и безбедносни проблеми. Според „Политико“, градот, кој е седиште на европските институции, се соочува со раст на насилството, институционална парализа и финансиски дефицит од околу четири милиони евра дневно.

Според белгискиот весник „Бруз“, јавниот долг на регионот Брисел надминува 14 милијарди евра, а се очекува да порасне за уште 1,6 милијарди во текот на 2025 година. Замрзнати се субвенциите за добротворни и културни организации, а под прашање е и финансирањето на полицијата, социјалните служби и општинските власти.

Брисел - Европската комисија подготвува документ со кој ќе предложи седум држави да бидат прогласени за „безбедни трети земји на потекло“ во кои членките на ЕУ ќе можат да ги префрлаат барателите на азил, јави дописникот на МИА од Брисел.  

Според овој документ, во кој увид имал бриселскиот портал „Еурактив“, листата на безбедни земји ја сочинуваат Бангладеш, Египет, Индија, Колумбија, Косово, Мароко и Тунис. 

Листата треба преку амандман да биде вклучена во Регулативата за процедурите на азил на ЕУ, која е дел од Миграцискиот пакт усвоен минатата година, и веројатно ќе почне да се применува од 2026 година. 

Париз - Одлуката на Алжир да протера 12 француски државни службеници како одмазда за судските постапки во Франција е „за жалење и нема да биде без последици“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

„Ако Алжир одлучи да ги заостри односите, ние цврсто ќе одговориме. Франција нема да има друг избор освен да преземе слични мерки“, изјави Баро за телевизијата Франс 2. Меѓу 12-те функционери кои Алжир сака да ги протера, некои се државни службеници во Министерството за внатрешни работи.

Лондон - Кина започна дипломатска офанзива во Југоисточна Азија во услови на заострен трговски спор со САД, анализира Би-Би-Си.

Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во Виетнам, каде се сретна со лидерот на Комунистичката партија То Лам и премиерот Фам Мин Чин. Во разговорите, Си повика на заедничко спротивставување на „едностраното малтретирање“ за да се зачува глобалниот систем на слободна трговина, пренесува кинеската агенција „Синхуа“.

За време на посетата, Кина и Виетнам потпишаа 45 договори кои опфаќаат области како синџири на снабдување, инфраструктура и вештачка интелигенција. Си наскоро заминува за Малезија, а во текот на неделата ќе ја посети и Камбоџа. Посетата доаѓа во чувствителен момент за регионот, кој е под зголемен трговски притисок од Вашингтон. САД неодамна објавија 90-дневна пауза за воведување нови царини, кои досега достигнуваа до 49 отсто за извозот од некои земји во регионот, додека на кинескиот извоз во САД веќе е воведена царина од 145 отсто.

Москва - Не е лесно да се постигне договор со САД за ставање крај на војната во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. -Не е лесно да се договорат клучните компоненти за решавање на конфликтот, нагласи Лавров. „За нив се разговара“, увери тој.

Тој оваа изјава ја даде како одговор на прашање во интервју за руски весник. Лавров, сепак, ја пофали администрацијата на Трамп, велејќи дека се обидува да дојде до „основните причини“ на конфликтот, се вели во интервјуто.

Вашингтон - Судија во Федералниот суд во Бостон ја блокираше одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп  да го одземе правниот статус на 532.000 имигранти од Куба, Хаити, Венецуела и Никарагва.

Одлуката на судијката Индира Талвани е најнова со која се оспорува притисокот на Трамп за брзи и масовни депортации кои конкретно ги таргетираат Латиноамериканците. Администрацијата на Трамп на крајот на март објави крај на специјалната програма, која беше спроведена во 2023 година од претходната администрација на претседателот Џозеф Бајден.

Вашингтон - Има добри шанси САД и Британија да склучат „голем договор“ за трговијата поради љубовта на претседателот Доналд Трамп кон Британија и кралското семејство, изјави неговиот заменик Џеј-Ди Венс во интервју за британската веб-страница UnHerd.

Велика Британија беше поштедена од најстрогите мерки во рамките на првично објавената тарифна програма на Трамп, благодарение на фактт што двете земји уживаат добро избалансирани трговски односи. Сепак, британскиот увоз во САД веќе подлежи на царини од 10 отсто, а сектороите за челик и автомобили подлежат на 25 отсто.

Вашингтон - Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стивен Виткоф три дена по средбата со Владимир Путин изјави дека рускиот претседател сака „траен мир“ во Украина. „Можеби сме на работ на нешто многу, многу важно за целиот свет“, рече Виткоф синоќа во интервју за американскиот канал Фокс њуз.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да стави крај на војната во Украина и ја прекина дипломатската изолација што Западот му ја наметна на неговиот руски колега за да разговара за тоа. Неговата администрација одржува одделни разговори со високи руски и украински претставници, но досега тие разговори не доведоа до сеопфатен прекин на непријателствата.

Пекинг - Кинеските власти денеска објавија дека нудат парични награди за апсењето на тројца наводни тајни агенти на американската Агенција за национална безбедност (НСА), осомничени дека извршиле сајбер напади за време на Зимските азиски игри во февруари оваа година.

НСА, една од главните разузнавачки агенции во САД, е специјализирана за прислушување и сајбер шпионажа. Полицијата во Харбин, на североистокот на Кина, денеска објави дека издала налози за претрес на тројца „тајни агенти“ на НСА.

Токио - На азиските берзи денеска цените на акциите пораснаа бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораката на американскиот претседател Доналд Трамп дека може да ги коригира царините за увоз на автомобили.

Азиско-пацифичкиот индекс на акциите MSCI во 7 часот порасна за 0,4 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Утрово јапонскиот индекс Никеи зајакна за 1,1 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,2 и 1 отсто. Во Шангај, пак, тие благо паднаа. Меѓу најголемите добитници утрово беа акциите на производителите на автомобили, бидејќи Трамп вчера рече дека може да ги прилагоди царините од 25 отсто за увоз на автомобили и автоделови од Канада, Мексико и други делови од светот.

Остани поврзан