• четврток, 25 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

 18 април 2024

 

Скопје - На патниот правец Берово - Будинарци има одрони од камења каде се зафатени двете коловозни ленти од патот, при што сообраќајот се одвива со наизменично пропуштање на возилата, соопшти АМСМ. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Заради најавените метеоролошки промени со дожд, ветер и снег на повисоките места, ЦУК апелира на внимателност, редовно чистење на локалните одводни канали, да не се фрлаат отпадоци во нив, а таму каде што ги има да се исчистат, бидејќи може да направат брана и да се илее водата од нив. Бидејќи се очекува и силен ветар, истовремено се упатува апел да се внимава на работите што може да „одлетаат“ од градбите во населбите и особено на градбите што се во изградба, на градилиштата, треба да се обезбедат сите работи што заради ветер би паднале и би претставувале опасност за луѓе коишто се во околината.  Ако се престојува на планина препорачливо е да се има доволно гориво во возилото и да се внимава на планинските патишта. Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.

Скопје - Најмногу дожд во изминатото дененоќие наврна во Виница 32 литри на метар квадратен, во Берово 25, Лазарополе 19, Радовиш 16, Штип 15, Охрид 14, а девет литри во Скопје, соопшти УХМР. Три степени под нулата утрово се измерени на Попова Шапка, пет во Скопје, шест во Берово, Охрид, Битола, Штип и Струмица, а девет во Гевгелија. Во текот на ноќта преовладуваше облачно време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини со повремен снег. Наместа дуваше умерен до засилен ветер претежно од северен правец.

Скопје - Во спроведената акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, во текот на цчерашниот ден биле казнети 140 возачи. Како што соопштија од МВР, од нив четири возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 86 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 54 надвор од населено место.

Скопје - Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија денеска ќе останат корисници од селата Волково и Кучково, како и делови од неколку улици во општините Кисела Вода и Гази Баба. 

Скопје - Кампањата за Парламентарните избори почнува денеска  со активности на партиите и коалиците за претставување на изборните програми и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици. Активности ќе има и за тековната кампања за Претседателските избори која ќе трае уште пет дена. 

Скопје - На територија на град Скопје вчера се изречени вкупно 129 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 24 санкции, 12 мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, четири мерки за користење на мобилен телефон при возење.  Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, соопшти МВР.

Скопје - Во Скопје од денеска до 20 април, ќе се одржи првиот меѓународно акредитиран имплантолошки конгрес. На конгресот, како што најавија организаторите, ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од Европа, Америка, Азија и Африка. - Првпат учесниците на конгресот ќе добијат CME европски кредит поени и меѓународно акредитиран сертификат. Претендираме Македонија да биде во тек со глобалните случувања во сферата на имплантологијата и да остане на мапата како релевантна имплантолошка дестинација, вели организаторот Татјана Велиновска Димовска.

Скопје - По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, денеска е овозможен слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците низ државава. Од Министерството за култура соопштија дека птворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќа на Тоше Проески; Археолошки музеј; Национална галерија со сите свои објекти; Музеј на современата уметност; Музеј на македонската борба; Историски музеј во Крушево; Музеј на албанската азбука; Уметничка галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музеј на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музеј на тетовскиот крај; Природонаучен музеј; Музеј на Северна Македонија; музеите во Куманово и во Гевгелија.

Скопје - Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска ќе биде отворено 36. издание на Саемот на книга, кој во седумте саемски дена ќе понуди богата програма со повеќе од 30 промотивни настани и дружби со автори. Посетителите ќе можат да си одберат книги од разновидната понуда на домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од земјава и регионот. На официјалното отворање на Саемот на книга обраќање ќе има министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а покрај претставниците на издавачките куќи на отворањето ќе присуствува и германската амбасадорка Петра Дрекслер. Слоганот на манифестацијата е „Приказна се чита“, со цел да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Скопје - Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје денеска одбележува 25 години постоење. По четврт век постоење, ХОПС има воспоставено три активни дневни центри: Дневен центар за намалување на штети од употреба на дроги, Дневен центар за ресоцијализација на жени во социјален ризик со потреба од ресоцијализација и Дневен центар за рехабилитација и реинтеграција на луѓе кои се соочуваат со зависност. 

Скопје - Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија вечер ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“. На изложбата ќе бидат претставени дела кои се настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 2019 до 2023 година. Составот на авторите е од поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа, и тоа се: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.

Скопје - Петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, годинава ќе се реализира во чест на Мирко Попов, најавуваат организаторите на фестивалот. На конференција за печат што ќе се одржи денеска во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во пресрет на манифестацијата ќе присусуствува тимот на фестивалот Виолета Качакова и Владан Дробицки. На прес - конференцијата ќе бидат и дел од изведувачите: актерот Оливер Митковски, како дел од музичкиот проект „Поетроника“, пијанистката Дуња Иванова и маестро Љупчо Мирковски, под чија диригентска палка ќе настапи Биг Бендот со музика на легендарниот Кире Костов.

Скопје - Познатиот балкански квартет „Destiny Quartet“ вечер во Филхармонијата ќе одржи самостоен концерт. Во рамки на својот настап, „Destiny Quartet“ ќе се претстави со двочасовно концертно шоу со оригинално сценарио, импресивна кореографија и впечатливи визуелни ефекти. Самостојниот концерт на „Destiny Quartet“ е насловен како „Љубов без граници“, што всушност ја доловува и филозофијата на квартетот. Ова, во пракса го демонстрираат со голем број соработки во регионот, меѓу кои гостувањето на концерт на Влатко Стефановски и разработката на познатата народна песна „Јовано Јованке“ со дуото Александар и Дац. Спојувајќи ја музичката разновидност на различни култури, Destiny е квартет на светот. Нивната амбиција и квалитети се веќе видени на различни меѓународни концертни сцени, огромни корпоративни настани низ Европа и приватни забави.

Скопје - Во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ вечер во 20 часот ќе биде отворена изложба на скулптури од керамика на Боро Новаковски - Новак.  На изложбата ќе бидат презентирани ретките сочувани дела на Боро Новаковски-Новак, чија кариера како ќерамичар започнува во средината на 50-тите години.

Скопје - Во Кино „Фросина“ вечер премиерно ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов и продукција на „Скопје Филм Студио“. Како што информираат од продукцијата „Скопје Филм Студио“, филмот е посветен на архитектонско-урбанистичката историја на Скопје со главен фокус на ерата на брутализмот. „Време на бетон“ ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонскоурбанистичка историја.

Загреб - Хрватската демократска заедница (ХДЗ) освои 60, а Социјалдемократската партија (СДП) 42 мандати на парламентарните избори во Хрватска одржани вчера, покажуваат податоците на Државната изборна комисија, по преброени 98 отсто од гласовите. За формирање влада потребна е поддршка од најмалку 76 од вкупно 151 пратеник во Саборот. Гласале 61,99 отсто од избирачите. Право на глас на изборите имаа околу 3,7 милиони луѓе, што е за 127.000 помалку од пред четири години.

Брисел - Во контекст на претстојните европски избори, Европскиот совет ја нагласува решеноста на Унијата и нејзините земји членки внимателно да ги следат и да ги посочат сите ризици кои произлегуваат од дезинформациите, вклучително и со користење на вештачка интелигенција, како и од манипулациите со странски информации и мешањете во изборните процеси, се наведува во заклучоците од првиот ден на Специјалниот самит на ЕУ. 

Брисел - Лидерите на членките на Унијата вечерва има добра дебата за состојбата на Блискиот Исток и се усогласија за осуда на нападот на Иран врз Израел и за воведување санкции кон иранските компании поврзани со развој и производство на дронови и проектили, изјави ноќва претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по завршувањето на првиот ден од дводневниот Специјален самит на Унијата што се одржува во Брисел.   - Со тоа сакаме да упатиме јасна порака. Се заложивме за изолација на Иран, заедно со земјите од регионот, за да го поддржиме мировниот процес. Без сомнеж ја поддржуваме безбедноста на Израел и заедно со земјите во регионот ќе се обидеме да избегнеме натамошна ескалација на насилството, истакна Мишел. 

Брисел - Во Брисел денеска ќе продолжат разговорите во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а се очекува повторно главна тема да биде одлуката на Централна банка на Косово да ја забрани употребата на динарот во Косово. Тоа е петтата рунда од дијалогот за оваа одлука на официјална Приштина. „Одиме со надеж дека ќе најдеме решение за динарот, иако не сум оптимист, имајќи ја предвид неподготвеноста на Приштина да бара решенија преку компромис“, рече Петар Петковиќ, директор на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија.

Киев - Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек пристигна денеска во Киев во посета фокусирана на руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина, итната помош и зајакнувањето на економијата на земјата, јави ДПА. Хабек, кој ја извршува и функцијата министер за економија, е придружуван од деловна делегација. Патувањето доаѓа додека Германија се подготвува да ја одржи следната Конференција за закрепнување на Украина во Берлин на 11 и 12 јуни. Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски се заеднички домаќини на меѓународната средба.

Њујорк – Американскиот магазин Тајм објави листа на 100-те највлијателни луѓе за 2024 година, а во категоријата на највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите. Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.

Џакарта - Аеродромот Манадо е затворен поради ерупција на вулкан во северниот дел на Индонезија, соопштија индонезиските власти. Вулканот Руанг пред два дена почна да исфрла пепел, поради што властите го подигнаа нивото на тревога на највисоко ниво на опасност од цунами по ерупцијата. Меѓународниот аеродром Манадо, што е сто километри оддалечен од вулканот Руанг, ќе биде затворен до вечер. 

Тел Авив - Израел разгледуваше опции да изврши напад врз Иран како одмазда за нападот без преседан минатиот викенд, но потоа ги откажале плановите, јавија израелски и американски медиуми. Иран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили против Израел во текот на викендот во напад што предизвика мала штета бидејќи повеќето проектили беа пресретнати. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе одговори на нападот, што ги поттикна глобалните сили, вклучително и главниот сојузник САД, да повикаат на воздржаност за да се избегне каква било понатамошна ескалација или регионално прелевање од повеќемесечната војна во Газа.

Вашингтон – Претставничкиот дом на САД на 20 април ќе го одржи долгоочекуваното гласање за помош на Украина, Израел и Индо-Пацификот, изјави претседавачот Мајк Џонсон.  Гласањето е по повеќе од два месеци откако пакетот беше одобрен во Сенатот.  Надлежниот комитет претстави закон што ќе обезбеди 60,84 милијарди долари за Украина и регионалните партнери, од кои 23,2 милијарди долари ќе бидат искористени за обнова на резервите американско оружје и објектите.

Вашингтон - Американската влада соопшти дека нема да ја обнови лиценцата за нафта на Венецуела која истекува денеска Според американски медиуми, администрацијата на претседателот Џо Бајден на тој начин одлучила повторно да воведе казнени мерки како одговор на неисполнувањето на обврските од предизборната кампања од страна на претседателот Николас Мадуро. Тој бара трет мандат на изборите на 28 јули годинава.

Њујорк – Агенцијата на Обединети наци за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека некои нејзини вработени и други лица приведени од израелските сили во Појасот Газа биле малтретирани. Во извештајот УНРВА се наведува дека персоналот кој бил приведен, во некои случаи, додека биле на службена должност, биле „држани во изолација и подложени на истите услови и малтретирање како и други затвореници“. УНРВА упати официјален протест до израелските власти поради односот кон притворените вработени во Агенцијата.

Лондон - Следната фаза од судењето на Џулијан Асанж ќе започне во мај, откако американската влада му ги даде гаранциите на Високиот суд во Лондон што ги побара во врска со случајот на основачот на Викиликс во случај тој да биде екстрадиран. Основачот на Викиликс се гони во САД за наводен заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана по објавувањето на илјадници протечени документи поврзани со војните во Авганистан и Ирак.

Каиро - Египетскиот главен град Каиро ќе биде домаќин на третиот турнир од Светската 1 Премиер карате-лига на кои ќе учествуваат и членовите на Макпетрол, Петар Заборски (-75 кг.) и Петар Спасеновски (-84 кг.).  Тие се единствените Македонци кои обезбедија норма за да бидат дел од реномираното натпреварување.  Каратистите на скопскиот клуб се пласираа во топ-32 каратисти на ранг-листата на ВКФ (Светската карате федерација), што беше пресуден услов за учество.

Остани поврзан