
7 април 2025
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска остварила средба со заменичката генерална секретарка на Обединетите Нации, Амина Џ. Мохамед и се обратила пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија.
Изразувајќи сочувство за трагедијата во Кочани, Мохамед истакнала дека од несреќата, за жал, сите научија голема лекција и сфатија дека може секому да му се случи. Според неа, како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, најдобрата одлука што ја направила државата е што голем дел од повредените биле испратени на лекување во странство. Со ваква голема загуба, посочила таа, ниту една земја не може и не треба да се справува сама.
Скопје- На Попова Шапка утрово е -12 степени, а во Крушево има 24 сантиметри снег, информира УХМР. Висината на снежната покривка е 22 сантиметра во Битола, 18 во Охрид, 14 во Маврови Анови, 12 на Попова Шапка, 7 во Претор, 5 во Тетово, 4 во Берово и 1 сантиметар во Прилеп.
До 08:30 часот се измерени -7 степени во Маврови Анови и Крушево, -6 во Охрид, -5 во Тетово и Претор, -4 во Битола и Берово, -3 во Крива Паланка, -2 во Прилеп и Виница, -1 во Куманово и Штип, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Струмица, 1 во Велес и Демир Капија, 2 во Кавадарци, како и 4 степени во Гевгелија.
Изминатите 24 часа најмногу врнежи имало во Пожаране, 22 литри на метар квадратен, во Крушево наврнале 21 литар, 19 во Охрид и Маврови Анови, 15 во Тетово, 14 во Битола, 13 во Претор, 10 на Попова Шапка, 6 во Виница, 5 во Прилеп, 4 во Берово, 3 во Крива Паланка, 2 во Скопје-Петровец и Скопје-Зајчев Рид, како и 1 литар на метар квадратен во Штип, Демир Капија и Струмица.
Скопје - Од утрово укинати се забраните за тешки товарни возила на повеќе патни правци низ државата кои вчера беа воведени поради врнежите од снег.
Според информациите од Авто мото сојузот на Македонија, сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, а на некои повисоки места во западните и југозападните делови со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурни екипи на Македонијапат.
Укинати се забраните на патните правци Битола - Ресен преку планинскиот превој Ѓавато, Ресен – Охрид преку планинскиот превој Буково, патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан и на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража.
Скопје - Викендов во рамки на сообраќајните контроли низ државата биле издадени вкупно 2.553 платни налози, повеќето по однос на прекршувања на одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информира МВР.
Поради непрописно паркирање биле изречени 545 прекршочни платни налози и 543 прекршоци по основ на неприлагодена брзина на движење согласно пропишаната. Евидентирани биле и 150 прекршоци поради користење мобилен телефон при возење, 340 платни налози за некористење сигурносен појас, како и 20 прекршоци по основ на неносење заштитен кацига при возење мотоцикл.
Во посочениот период дури 252 учесници во сообраќајот се затекнати без возачка дозвола, 104 лица управувале под дејство на алкохол, седум минале на црвено светло, а санкционирани се и 12 пешаци.
Приштина - Десетмина од Србите приведени оваа сабота и недела на Косово се ослободени по сослушувањето доцна синоќа, објави весникот „Коха диторе“. Косовските власти уапсија вкупно 16 лица на 5. и 6 април под сомнение дека собирале информации за потенцијални цели на Косово.
Според косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља, за нив биле пронајдени докази за врски со српското воено разузнавање и нападот во Банска во септември 2023 година. Лицата се приведени во близина на два града во југозападно Косово - четири лица во Ѓаково и 12 во Призрен, а биле во четири автомобили со српска регистрација.
Атина – Во акција на грчката полиција во атински затвор биле пронајдени пиштол и куршуми и уапсени се 20 лица, а според грчките медиуми, групата затвореници планирале бегство и како заложник да земат затворски службеник, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција утрово соопштија дека истрагата во саботата ја спровела Дирекцијата за борба против организиран криминал во затворот Коридалос во Атина, уапсени се 20 затвореници, а пронајденото оружје е испратено до Одделот за криминалистички истраги за лабораториско испитување. Грчките медиуми пишуваат дека уапсените се Грци, Албанци и Турци и планирале бегство од затворот, а акцијата на полицијата била по добиени информации.
Белград - Српскиот премиер во заминување и претседател на СНС, Милош Вучевиќ денеска изјави дека очекува мандатарот за состав на новата влада, Ѓуро Мацут и неговиот кабинет да внесат нова енергија што и е потребна на Србија, јави допсиникот на МИА од Белград.
Вучевиќ рече дека смета дека Мацут ќе биде некој што ги промовира и брани традиционалните и општите вредности и дека не очекува промени во тој дел, туку дека ги очекува во лични и кадровски решенија и нова енергија.
Брисел – Европската Унија во четвртиот квартал од минатата година забележа суфицит во трговската размена со светот од 113,2 милијарди евра, што претставува негов раст во споредба со претходното тримесечје, кога изнесуваше 107,5 милијарди евра, како и споредено со последните три месеци од 2023 година, кога беше на ниво од 102 милијарди евра, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат.
Во четвртиот лански квартал суфицитот на ЕУ во размената на стоки достигна 88,1 милијарди евра, а на услуги 47,4 милијарди евра. Во третиот квартал суфицитот во размената на стоки изнесуваше 86,1 милијарди, а на услуги 38,8 милијарди евра.
Брисел - Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас заминува на нејзината прва посета на Западниот Балкан од стапување на функцијата, во чии рамки од денеска до среда ќе престојува во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
Денеска, на првиот ден од турнејата, Калас во Подгорица ќе има средби со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ. Предвидено е Калас да им средби и со претставници на граѓански организации, а ќе присуствува и на примопредавањето на воена опрема за Црна Гора, финансирана од Европскиот мировен фонд.
Од Подгорица, високата претставничка на ЕУ ќе замине за Тирана, каде утре ќе има средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, како и со министрите за Европа и надворешни работи Игли Хасани и за одбрана Пиро Венгу.
Франкфурт – Водечкиот германски берзански индекс, DAX, падна за околу 10 проценти на почетокот на тргувањето денеска, паѓајќи на 18.489 поени додека инвеститорите продолжуваат да реагираат на огромните глобални царини воведени од администрацијата на Трамп.
Новите царини од 10 отсто за целиот увоз во САД стапија во сила во саботата, со дополнителни давачки за голем број трговски партнери што треба да бидат воведени во среда, вклучително и царина од 20 отсто за увозот од Европската унија. Германската економија, која е базирана на извоз, ќе биде особено тешко погодена од новите мерки, пренесе ДПА.
Берлин – Фридрих Мерц, шефот на германската ЦДУ, кој се очекува да ја преземе функцијата германски канцелар, предупреди дека ситуацијата на светските пазари на акции и обврзници може дополнително да се влоши. - Пазарите се во драматична состојба што се заканува со понатамошна дестабилизација, рече Мерц.
Тој нагласи дека сега „поважно од кога било е Германија што побрзо да ја врати меѓународната конкурентност“, а ова прашање треба да биде во центарот на коалициските преговори на неговата конзервативна опција со социјалдемократите.
Луксембург - Позиционирањето на Европа во услови на променета парадигма во глобалниот трговски систем, ќе биде главна тема на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри задолжени за трговија, информира еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович во изјава при пристигнувањето на денешната министерска средба во Луксембург.
- Мора да се осигураме да ги забрзаме преговорите за слободна трговија со остатокот од светот и да се погрижиме дека овие 87 отсто од трговијата се уште функционираат врз систем заснован на правила, почитувајќи ги механизмите на Светската трговска организација, Меѓународниот монетарен фонд и на сите оние правила кои добро функционираа со децении, рече Шефчович.
Харков, 7 април 2025 (МИА) - Три лица се повредени во Харковската област во последните 24 часа како резултат на руските удари, објави на Фејсбук, Олег Синегубов, шеф на регионалната воена управа на Харков. - Бремена жена и двегодишно дете се повредени во Херсон како последица на руско гранатирање. Мајката го заштитила синот со сопственото тело откако руски проектил го погодил нивниот дом и тие биле затрупани, објави на Фејсбук Олександр Прокудин, шеф на регионалната воена управа во Керсон.
Во Купјанск, руски напад предизвикал пожари на балконите и во становите на деветкатна станбена зграда, кои претрпеле делумна штета. Повредени се 79-годишна жена и 67-годишен маж, соопшти регионалниот гувернер. Во градот оштетени се и покривите на пет приватни куќи, а се запалила и станбена и помошна зграда.
Бангкок – Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар пред 10 дена се искачи на најмалку 3.514, а уште 210 лица се уште се водат како исчезнати, покажуваат податоците објавени денеска од воената влада на Мјанмар. Најмногу жртви се пријавени во и околу Мандалеј, вториот по големина град во земјата, каде што се потврдени над 2.100 смртни случаи.
Напорите за помош се сериозно отежнати од тековните обилни врнежи и ветер, кои ги оштетија шаторите и импровизираните медицински установи поставени од меѓународни тимови. Метеоролозите предупредуваат на зголемени ризици од поплави и лизгање на земјиштето како што се приближува сезоната на дождови, пренесе ДПА.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е отворен за префрлање на американски затвореници во Ел Салвадор, јави ДПА.
Претходно, претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, понуди да ги смести насилните американски престапници во високобезбедниот затворски комплекс во Ел Салвадор, Центар за затворање ториристи- (CECOT), познат по своите сурови услови за престој.-Ако можат да ги вдомат овие ужасни криминалци за многу помалку пари отколку што не чини нас, јас сум за тоа, но би постапил само според законот, рече Трамп запрашан од новинарите.
Манила – Филипинските и американските воздухопловни сили денеска почнаа заеднички вежби со цел зајакнување на оперативната координација и „стратешкото одвраќање“, соопштија филипинските власти.
-Подобрувањето на борбената готовност и ефикасноста на заедничката мисија ќе биде во центарот на оперативната вежба наречена „Cope Thunder“, рече началникот на филипинските воздухопловни сили Артур Кордура на церемонијата на отворање на вежбата. Манила и Вашингтон ја зајакнаа одбранбената соработка откако филипинскиот претседател Фердинанд Маркос ја презеде функцијата во 2022 година. Тој се противи на територијалните претензии на Пекинг во Јужното Кинеско Море.
Дубаи – Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар ги посети Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) каде разговараше за ситуацијата во Појасот Газа со неговиот колега Абдула бин Зајед Ал Нахјан, соопшти синоќа владата на ОАЕ.
ОАЕ и Израел формално воспоставија дипломатски односи во 2020 година, но реципрочните посети на високо ниво не беа чести, особено од почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година.
За време на средбата во Абу Даби, двајцата министри разговараа за „влошувањето на хуманитарната криза во Појасот Газа“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на ОАЕ.
Пекинг – Кинеските власти денеска соопштија дека ќе одржуваат стабилни односи со соседна Јужна Кореја, откако Уставниот суд во Сеул го отповика претседателот Јун Сук Јеол.
- Се надеваме дека Јужна Кореја ќе ја задржи политичката и социјалната стабилност, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан, ветувајќи дека врските со Сеул ќе ја задржат „стабилноста“. Уставниот суд на Јужна Кореја во петокот едногласно го разреши од функцијата претседателот Јун Сук-Јол, четири месеци откако тој се обиде да воведе вонредна состојба во неговата земја ноќта меѓу 3 и 4 декември.