
6 март 2025
Скопје - Со церемонија со високи почести пред претседателот на Собранието Африм Гаши пред зградата на законодавниот дом го пречека претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, кој престојува во официјална посета на земјава.
Јандроковиќ ќе има тет-а-тет средба со претседателот на Собранието Гаши, а по средбата предвидени се разговори на делегациите на двете земји заедно со двајцата претседатели на парламентите.
Според најавата од Собранието, Јандроковиќ ќе се потпише во Книгата на впечатоци и ќе следуваат изјави за медиумите на двајцата собраниски спикери. Потоа претседателот на хрватскиот сабор Јандроковиќ ќе се обрати пред пратениците во рамки на 37. седница.
Скопје - Министерството за финансии денеска од централниот Буџет до Развојната банка ја префрлило првата транша од 10,4 милиони евра, средства наменети за поддршка на домашните компании од унгарскиот заем.
Како што соопштија денеска од Министерството за финансии, трансферот бил реализиран по доставено барање на Развојната банка за повлекување на средствата, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки.
Во Буџетот за 2025 година се планирани 250 милиони евра средства за поддршка на домашните компании со кои ќе се поттикне реализација на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, којшто ќе влијае на поттикнување на економската активност.
Скопје - Избор на вкупно четириесет и седум обвинители во осумнаесет јавни обвинителства е на дневниот ред од 20. седница на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија што ќе се одржи утре со почеток во 10:30 часот.
Најмногу, односно 14 јавни обвинители, треба да се изберат во Основното јавно обвинителство Скопје. Во Основните јавни обвинителства во Велес, Делчево, Кочани, Крива Паланка, Радовиш, Ресен и Струга ќе се избира по еден јавен обвинител.
По двајца јавни обвинители ќе се избираат во Основните јавни обвинителства во Битола, Гевгелија, Гостивар, Кичево и Струмица.
Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во текот на вчерашниот ден почнала исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2025 година.
-Корисниците на парични права кои поседуваат дебитна картичка можат да ја подигнат готовината од банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од 5 март 2025 година, велат од Министерството.
Скопје - Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави повик „Натпревар за успешни иницијативи од Западен Балкан“ на кој вкупно 18.000 евра ќе се доделат како признание на шест иницијативи кои ги поттикнуваат младите да истражуваат и создаваат иновации. Наградите ФИТР ги организира во рамки на европскиот проект POLICY ANSWERS, во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан. Проектот е финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија.
-Овие награди ги вреднуваат, препознаваат и слават извонредните иницијативи фокусирани на младите од Западен Балкан, кои значително успеале да ги вклучат младите (15 – 29 години) во истражување и иновации помеѓу 2020 и 2024 година. Целта на наградите е да се потенцираат успешните приказни за истражување и развој фокусирани на младите од Западен Балкан и да се промовираат можности за учење и професионално усовршување во истражувањето и иновациите, стои во соопштението од ФИТР.
Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев учествуваше на панел сесија на тема “Perspective of Local Government Reform and EU Integration”, како дел од конференцијата SYNERGY, во организација на Western Balkans Fund, а во соработка со Јапонската амбасада во Албанија и International Visegrad Fund. Настанот, кој се одржа во Тирана, беше фокусиран на реформите за унапредување на локалната самоуправа и подобрување на ефикасноста на јавната администрација, информираат од Министерството.
Во обраќањето, Минчев истакнал дека јакнењето на локалната администрација е еден од клучните приоритети на Владата, бидејќи, како што рекол, професионална, ефикасна и автономна локална администрација значи подобри јавни услуги за граѓаните и поголема доверба во институциите.
Скопје - Поради сообраќајна несреќа во прекин е сообраќајот на патот Крива Паланка - Куманово, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.
-На 06 март 2025 година од 10:10 часот на патниот правец Крива Паланка - Куманово, на излез од Крива Паланка, поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин и истиот се пренасочува по стариот пат, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Атина – По последните случувања поврзани со железничката несреќа кај Темпи, еден од двајца Грци, односно 52,5 отсто сметаат дека треба или веројатно треба земјата да оди на предвремени избори, 85 проценти гледаат одговорност кај Владата за трагедијата, додека 67,7 отсто сметаат дека Владата го загуби народниот легитимитет, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „ГПО“ за телевизијата „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.
Над седум од десет анкетирани (71,9 проценти) сметаат дека Владата се обидува да го прикрие случајот, а 21,7 проценти дека се обидува да го расчисти случајот со несреќата, додека 86,2 отсто сметаат дека има кривична одговорност за политичарите.
На прашањето дали имаат доверба во грчкото правосудство, 59,8 отсто одговориле со „не и веројатно не“.
Тирана - Централната изборна комисија на Албанија објави дека за претстојните парламентарни избори, што ќе се одржат на 11 мај, прифатени се барањата на 231.900 албански граѓани кои живеат во странство.
-Од 11 јануари кога почна пријавувањето на Платформата за електронска регистрација (ПЕР) за учество на парламентарните избори, па се до 4 март на полноќ примени се 294.155 барања за регистрација, при што до денес одобрени се 231.900. На 42.033 барањето им е одбиено, додека 20.222 барања се во постапка на разгледување. По регистрацијата соодветните служби во рок од пет дена треба да потврдат дали барањето е одобрено или одбиено, информираа од комисијата.
Одобрената бројка е над двапати поголема од очекувањата, зашто како што претходно информираше комисијата, очекуваше таа бројка да биде нешто повисока од 100 илјади. Гласачите на дијаспората, ќе ги добијат гласачките ливчиња на домашна адреса а поштарината ја плаќа ЦИК. За оваа намена ќе бидат потрошени 12,5 милиони евра.
Букурешт - Романските власти приведоа шест лица обвинети поради формирање организирана криминална група и предавство. Според властите, тие формирале организација од воен тип и преговарале со руски агенти за повлекување на Романија од НАТО.
Романски медиуми јавија дека доказите во случајот покажале дека од 2023 година петмината обвинети формирале организирана криминална група со цел да го нарушат суверенитетот и независноста на романската држава преку поткопување на политичкиот и одбранбен капацитет на земјата.
Од 2024 година, уште еден обвинет се приклучил на организираната криминална група, при што сите членови спроведуваат континуирани, свесни, јавни или конспиративни дејствија насочени кон постигнување на предложената цел, се вели во соопштението на обвинителот на Управата за истрага на организиран криминал и тероризам.
Брисел - На актуелните геополитички промени треба да гледаме како на одлична можност за изградба на Европа на одбраната, со нови ресурси, алатки и инвестиции, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во видео обраќањето на годишниот Форум на Европската инвестициска банка (ЕИБ) што се одржува во Луксембург.
- ЕИБ ќе има важна улога во тоа. Вашата улога беше клучна во дигиталната, енергетската и климатската транзиција, сега вие ќе имате клучна улога за нашата безбедност и одбрана, наведе Кошта во обраќањето, извинувајќи се што не може да присуствува во живо на Форумот поради неговите обврски околу денешниот специјален Самит на ЕУ во Брисел, посветен на поддршката на Украина и европската безбедност.
Кошта нагласи дека од особена важност е дополнително приспособување на практиките за кредитирање на ЕИБ за обезбедување повеќе заеми за одбранбениот сектор, со цел мирот и безбедноста на Европа да станат нова цел на јавните политики на ЕИБ и тие да се усогласат со новите политички приоритети на Европската Унија.
Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска го назначи високиот дипломат од кариера Александар Дарчиев за нов руски амбасадор во САД, со задача да работи на приближување меѓу двете земји.
Руското Министерство за надворешни работи минатата недела објави дека на состанокот на руската и американската делегација во Турција, САД го одобриле назначувањето на Дарчиев, кој досега беше шеф на одделот за Северна Америка на руското МНР.
Русија нема амбасадор во Вашингтон откако претходниот амбасадор Анатолиј Антонов ја напушти функцијата минатиот октомври.
Тел Авив - Науката откри нов дел од имунолошкиот систем којшто може да биде клучен во борбата против бактериските инфекции и отпорноста на антибиотици, објавија истражувачи од Израел.
Научниот труд објавен во списанието „Нејчр“ (Nature) открива дека овој протеазом којшто е комплекс од ензими присутен во секоја клетка на телото, има досега неоткриена и непозната функција - освен што ги разградува старите протеини, може да произведе моќни молекули што ги уништуваат бактериите.
Професорот Јифат Мербл од Институтот за наука „Вајцман“ вели дека ова е револуционерно откритие, бидејќи го менува разбирањето за тоа како телото се штити од инфекции.