• четврток, 25 април 2024
МИА Радио флеш

9 јуни 2023

- Централниот и Извршниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници на кои тема ќе бидат начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена по вчерашната средба на лидерите на двете партии Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со вршителот на работите во Амбасадата на САД во земјата, Ерик Мајер на Фејсбук објави дека ова е период кога треба да ги донесеме клучните одлуки за забрзување на евроинтеграцискиот процес, бидејќи ЕУ е нашиот единствен пат. 

 - Економијата на Северна Македонија годинава ќе забележи раст од 2,4 отсто, проценува Светска банка во најновиот извештај за глобалните економски перспективи. Економскиот раст во земјава благо ќе се забрза до 2,7 отсто во 2024 година и 2,9 отсто во 2025 година.

 - Во Делчево синоќа и утрово продолжи испумпувањето вода од подрумите на луѓето, како резултат на поплавите од невремето кое вчера попладне го зафати градот.  Доцна синоќа помош на луѓето им пружаа пожарникари од Кавадарци, Кочани, Берово и М.Каменица кои се одзваа на повикот на градоначалникот на Делчево и колегите од ТППЕ Делчево и помогнаа во санирање на последиците од невремето.

– Учебната 2022/2023 година денеска завршува за средношколците, но не и за основците за кои крајот на наставата ќе биде в среда, 14 јуни. Во основните училишта учебната година е продолжена три дена затоа што беше продолжен зимскиот распуст заради заштеда на електрична енергија за греење на училиштата. Второто полугодие од учебната година наместо на 18 јануари почна на 23 јануари. Матурантите, пак, утре  ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен.

- Со свеченост на платото пред Домот на културата „Марко Цепенков“, со врачување на наградите за животно дело и со првата претстава во официјалната конкуренција, вечер во Прилеп ќе биде отворен 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност до 16 јуни ќе понуди богата програма.

- Украинската армија денеска ја демантираше веста објавена од Ен-би-си Њуз (NBC News) дека почнала контраофанзива против руските сили. „Немаме такви информации. И не коментираме анонимни извори“, изјави за британските медиуми портпаролот на Генералштабот на украинските вооружени сили.

- Руски официјални лица и воени блогери објавија дека во текот на ноќта се воделе тешки борби во клучниот регион Запорожје, на југот на Украина, пренесе Би-Би-Си. Тие велат дека украинските војници се обидуваат да напредуваат јужно од градот Орехово, каде заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Малиар вчера изјави дека непријателот е во „активна одбрана“.

- Западните земји направија се за да ја подготват Украина за контраофанзива, изјави американскиот претседател Џо Бајден, додавајќи дека е оптимист. Тој истакна дека САД и нивните сојузници имаат намера да му пружат помош на Киев во обезбедувањето „долгорочна безбедност“. 

 - Русите се обиделе да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата вчерашна посета на Херсон, тврди белорускиот портал Некста. Зеленски вчера пристигна во Херсонската област за да ги посети поплавените подрачја по уривањето на браната Нова Каховка.

- Пентагон не е запознаен со кинеско-кубанскиот план за формирање кинеска шпионска станица за електронско прислушување на територијата на Куба. Портпаролот на Министерството за одбрана, Пет Рајдер, изјави дека не е точен извештајот на „Волстрит журнал“.

- Во Москва денеска почна судењето на Олег Орлов, еден од лидерите на невладината организација Меморијал, обвинет за „дискредитација“ на руската армија, за што му се заканува затворска казна до пет години. Орлов (70), позната личност на Меморијал, организација која доби Нобелови награди за мир и во неколку наврати ја критикуваше руската инвазија на Украина, ги отфрли сите обвинувања против него.

 - Владата на Судан соопшти дека претставникот на Обединетите нации (ОН) во оваа земја, Германецот Фолкер Пертес, е прогласен за персона нон грата. „Владата на Судан го информираше генералниот секретар на ОН дека од денеска г-дин Фолкер Пертес (...) е персона нон грата“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

- Поранешниот американски претседател Доналд Трамп синоќа преку социјалните мрежи изјави дека против него е покренато ново обвинение, за што неговите адвокати биле информирани од администрацијата на актуелниот претседател Џо Бајден. „Коруптивната администрација на Бајден ги извести моите адвокати дека сум обвинет“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.

- Претставниците во американскиот Сенат, Горниот дом на Конгресот, во четвртокот претставија два посебни нацрт-закони за вештачка интелигенција, со оглед на зголемениот интерес за решавање на прашањата поврзани со оваа технологија. Првиот предлог бара транспарентност од американската влада при користење вештачка интелигенција во интеракција со граѓаните, додека вториот предлог бара формирање нова Канцеларија чиј приоритет ќе биде конкурентноста на САД кога се во прашање модерните технологии.

 

Остани поврзан