• вторник, 21 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

8 април 2024

 

Скопје – Петти ден од кампањата за претседателските избори, претседателските кандидати преку митинзи, дебати, како и средби со граѓани, ги презентираат нивните програми.

Кандидатот поддржан од СДСМ и Коалицијата и актуелен претседател, Стево Пендаровски, кој ќе ја бара поддршката од граѓаните за втор мандат, ќе одржи митинг во скопските општини Кисела Вода и Аеродром.

Кандидатот за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, денеска ќе ја презентира нејзината програмата во Новаци, Демир Хисар и Битола.

Кандидатот за претседател на државата од Европскиот фронт, Бујар Османи, во општина Шуто Оризари ќе одржи панел дискусија на тема: Еднаквост, консензуалност и социјална кохезија, како и прес-конференција по завршувањето на панелот.

Во Централната канцеларија на албанската Коалиција „Вреди“, кандидатот за претседател Арбен Таравари ќе одржи прес-конференција.

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе ја презентира програмата под наслов „Манифест за Македонија“, во Охрид, Дебрца, Велмеј и Лешани, при што ќе одржи средби со граѓани на Охридскиот кеј, низ охридската чаршија и градскиот пазар, како и ќе изврши посета на неколку домаќинства во село Велмеј и село Лешани.

Билјана Ванковска, кандидат за претседател од Левица ја продолжува претседателската кампања со средби со граѓани во Богданци и Гевгелија.

Скопје - Претседателот на државата Стево Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите ‒ 8 Април, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија. -Дозволете ми да ви го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, и да ви посакам добро здравје, среќа и бериќет. Искажувајќи ја својата почит кон ромската етничка заедница како нераскинлив дел од македонското мултиетничко општество, би сакал  да ви се заблагодарам за вашиот придонес за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина. Токму на овој значаен празник не само за ромската заедница, туку и за сите наши граѓани, би сакал да упатам апел и понатаму ревносно да работиме за решавањето на сите предизвици со кои се соочуваат нашите сограѓани од ромска националност, се наведува во честитката.

Скопје – Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ќе ја посети компанијата „Актива“ во Штип, која од крајот на февруари е внесена во евиденцијата на економски оператори од Северна Македонија кои можат да учествуваат на тендерите на НАТО.  Со членството во НАТО, како што информира Министерството за одбрана, македонските компании добија можност за пристап до пазарот на Алијансата.

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден во контролите во областа на сообраќајот на територија на град Скопје има изречено вкупно 137 мерки, соопштија денеска од МВР. За возење повеќе од дозволената брзина изречени 67 санкции, 14 мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, девет мерки за управување под дејство на алкохол...

Скопје - Во присуство на актери, режисери, дипломати, претставници на политичкиот и културниот живот во земјава, синоќа во Кинотека бил отворен четвртиот Фестивал на грчки филм, што ќе трае до 10 април.  Фестивалот го организираат Амбасадата на Грција и Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ со поддршка од спонзори. Како што информира „Киненова“, присутните ги поздравил Клери Коцидас, шеф на Канцеларијата за јавна дипломатија во Амбасадата на Грција.

Брисел - Меѓународниот ден на Ромите, посветен на најголемото етничко малцинство во Европа, ги слави различностите, ромската култура и уметност, нивниот јазик и придонес во европската историја и општество, наведуваат потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност Вера Јоурова и еврокомесарите за еднаквост и за соседска политика и проширување, Хелена Дали и Оливер Вархеји во заедничката изјава по повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 април. 

Брисел – Предлог-регулативата за воспоставување на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, во прво читање, е главна тема на денешното заседание на Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер). 
Регулативата за создавање на Механизмот е ставена на дневниот ред на денешната седница на Корепер, откако во четвртокот белгиското претседателство со Советот на ЕУ и претставници на Европарламентот во рамки на процесот на „тријалог“ постигнаа политички договор за содржината на законскиот текст. 

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека „сојуз на авторитарните сили“, во кој, според него, се Русија, Иран, Кина и Северна Кореја, сè поблиску соработува против западните демократии. Тој оцени дека соработката на „сојузот“ се повеќе се координира, а како пример го наведе фактот што Русија им дала технологија на Иран и Северна Кореја во замена за муниција и воена опрема.

Тел Авив – Десетици илјади Израелци викендов демонстрираа низ целата земја против владата на Бенјамин Нетанјаху, барајќи посериозни напори за ослободување на заложниците кои Хамас ги држи шест месеци. Само во Тел Авив, како што пренесува Гардијан, на улиците излегле 100.000 луѓе. Извикувајќи „избори сега“, демонстрантите го повикаа Нетанјаху веднаш да поднесе оставка и побараа избори. Локалните медиуми јавија дека едно лице, наводно, намерно со автомобил прегазило тројца учесници во протестите, кои се здобиле со повреди. Полицијата го привела возачот.

Хелсинки – Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека воената акција е единствениот начин за постигнување мир во Украина и оти нема услови за преговори со Русија. - Во конкретниот случај, единствениот начин да се постигне мир е борба, рече Стуб во интервју за Си-Ен-Ен. Тој истакна дека постигнувањето мир е двонасочен процес. Според него, неопходно е двете страни „да ги вкрстат патиштата во некоја фаза, кога ќе се создадат услови“. Стуб изјави дека не знае кога ќе се појават неопходните услови за тоа.

Виена - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) синоќа соопшти дека нуклеарната безбедност не е загрозена по нападот со дрон врз нуклеарната централа Запорожје во источна Украина. Во соопштението за печатот објавено на платформата X, се истакнува дека штетата на шестата единица од централата не ја загрозува нуклеарната безбедност, но дека тоа е „сериозен инцидент со потенцијал да го загрози интегритетот на системот што го содржи радијацијата во реакторот.

Варшава – Националистичката опозициска партија Право и Правда (ПиС) води на локалните избори во Полска, покажаа излезните анкети, што претставува удар за амбициите на премиерот Доналд Туск да ја консолидира власта. Доколку бидат потврдени, резултатите ќе ги уништат надежите на Туск да ја доведе својата Граѓанска коалиција (КО) на првото место на изборите независно од неговите партнери во владејачката коалиција.

Бразилија – Судијата на бразилскиот Врховен суд Александре де Мораес вчера почна истрага против Илон Маск за попречување на правдата во врска со социјалната мрежа Х, се вели во судски документ. Маск ја оспорува одлуката на судијата Мораес да и нареди на неговата платформа за социјални медиуми Х да блокира одредени профили.

Каиро - Во Каиро е постигнат напредок во преговорите за прекин на огнот во Газа и има договор за основните точки меѓу сите вклучени страни, јави рано утринава египетскиот државен ТВ канал „Ал Кахера њуз“, цитирајќи висок египетски извор. Израел и Хамас вчера испратија тимови во Египет на нова рунда разговори за евентуален прекин на огнот во шестмесечниот конфликт.

Кито – Мексиканскиот дипломатски персонал во Кито денеска го напушти Еквадор, два дена откако полициската рација во мексиканската амбасада предизвика прекин на дипломатските односи меѓу двете земји и меѓународна осуда. - Нашиот дипломатски персонал остава сè зад себе во Еквадор и се враќа дома со кренати глави … по нападот на нашата амбасада, напиша на Х мексиканската министерка за надворешни работи Алисија Барсена.

Мапуто – Повеќе од 90 луѓе загинаа откако брод вчера се преврте крај северниот брег на Мозамбик, соопштија локалните власти, пренесе ДПА. Луѓето кои се наоѓале на бродот бегале од епидемија на колера и патувале од Лунга до островот Мозамбик, во близина на брегот на Нампула, јавија локалните медиуми. Рибарскиот брод можел да собере најмногу 100 луѓе, изјави претставник на управата на островот за телевизијата СТВ. Сепак, на бродот имало околу 130 луѓе.

Денвер - Капак на моторот на авион „Боинг 737-800“ на компанијата „Саутвест Ерлајнс“ (Southwest Airlines) во неделата за време на полетувањето од аеродромот во Денвер падна и удри во крилото, поради што американската Федерална управа за авијација (FAA) отвори истрага.  Британските медиуми пренесуваат дека никој не е повреден на летот 3695 на компанијата „Саутвест“,  а авионот безбедно се вратил на аеродромот.  Авионот требало да лета за Хјустон, а во него имало 135 патници и шест членови на екипажот.  „Боингот“ се искачи на височина од 3.100 метри, а потоа се вратил во Денвер, 25 минути по полетувањето.

Истанбул – Турскиот фудбалски гигант, Фенербахче излезе со соопштение по прекинот на натпреварот од Суперкупот на Турција против Галатасарај. Натпреварот што требаше да се одигра вчера заврши по само три минути. Фенербахче истрча со младински тим и по примениот гол, тимот го напушти теренот. Така Фенербахче доживеа службен пораз, а Галатасарај стана освојувач на трофејот.

Њујорк - Иако веќе наголемо се продаваат во САД, објавувањето на мемоарите на Ребел Вилсон е одложено во Велика Британија и нејзината родна Австралија. Книгата „Подемот на Ребел“ (Rebel Rising) беше објавена во САД на 2 април. Во неа, глумицата раскажува како ја изгубила невиноста на 35 години, како холивудските раководители се обиделе да ја спречат да ослабне и за наводното тормозење од британскиот комичар Саша Барон Коен.

Остани поврзан