• среда, 24 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

20 мај 2024 

 

Охрид – Со чартер-лет од Амстердам денеска на охридскиот аеродром допатуваа првите туристи од земјите на Бенелукс кои организирано преку пакет аранжмани на туристичката агецнија „ТУИ Аркетравел“ ќе летуваат на охридската ривиера.

Со првиот лет сезонава до Охрид допатуваа 138 туристи кои ќе бидат сместени во некои од сместувачките капацитети со кои соработува „ТУИ“.

Предвидено е во текот на летната сезона до крајот на септември агенцијата „ТУИ“ да реализира 62 лета до Охрид, со можност за воведување дополнителни летови зависно интересот.

На 12 мај исто така со лет од Амстердам веќе допатуваа и првите туристи кои имаа закупено аранжмани преку агенцијата „Корендон“, која за оваа сезона засега има предвидено да реализира 32 лета од Холандија за Охрид.

Холандските туристи се меѓу најбројните на охриската ривиера, во голем дел благодарение на холандскиот писател А. Ден Доолард која во својот роман „Свадбата на седумте цигани“, кај нас преведен како „Свадба во Охрид”, пишува за неговиот престој во Охрид и неговата богата историја и културно наследство.

 

Струга - Со вклучена звучна и светлосна сигнализација денеска низ улиците во Струга, струшките пожарникари го прославија Денот на пожарникарите - 20 Мај.

Командирот на Територијалната противпожарна единица - Струга, Фети Мазари информира дека покрај денешното дефиле, предвидено е пожарникарите да одржат и вежба за евакуација на луѓе во случај на пожар.

Струшката Пожарна, според првиот човек, располага со доволен број пожарникари и соодветна опрема, а во очекување се да добијат две нови возила за шумски пожари, како и тековна заштитна опрема.

По повод Денот на пожарникарите благодарност за нивната работа и посветеност изрази и градоначалникот Рамис Мерко, забележувајќи пожарникарите дека извршувајќи ја својата должност честопати ги стават своите животи во опасност за безбедноста на граѓаните.

ТППЕ Струга во моментот располага со пет противпожарни возила и триесет и седум пожарникари.

 

Штип – Нашите пожарникари се секогаш овде и се во служба на нашите граѓани во општините Штип и Карбинци, истакна денеска штипскиот градоначалник Иван Јорданов на средбата со пожарникарите во Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, по повод Денот на пожарникарите. Посочи дека како локална самоуправа, согласно децентрализацијата имаат преземено обврски кон пожарникарите. Тој се надева и е убеден, како што вели дека со новата влада ќе биде исправена една неправда, кон Општина Штип во делот на доделување на средствата од блок дотациите.

-Од Министерството за одбрана и од Министерството за финансии недоволен износ на финансиски блок дотации беа трансферени кон Општина Штип за исплата на плати и обврски кон ТППЕ-Штип. Целата обврска досега ја сервисираше локалната самоуправа, кратејќи од други ставки од буџетот на Општина Штип, вели Јорданов.

Тој порача дека овој ден е за гласно да се зборува за состојбите во пожарникарството и укажа на потребата за обновување на опремата и возилата во ТППЕ-Штип. 

 

Крива Паланка – Звукот на противпожарните сирени денес точно во 11 часот одекна низ Крива Паланка, кога по примена дојава за пожар на една од бензинските пумпи во градот сите возила на Територијалната противпожарна едниница се упатија на местото на примената дојава. Ова беше симулација, тактичко-показна вежба во организација на ТППЕ Крива Паланка во знак на одбележување на денешниот Ден на македонските пожарникари, 20 Мај.

Вежбата беше изведена на бензинската пумпа „Мак петрол“, објект кој датира од 1968 година, лоциран на влезот на градот во близина на здравствениот дом Крива Паланка.

-Вкупно 13 пожарникари од нашата единица, со три противпожарни возила, со помош на вработените во бензинската пумпа и припадници на МВР, полициска сообракајна патрола од Крива Паланка се вклучија во тактичко–показната вежба за гасење на пожарот, бидејќи бензинската пумпа нема сопствена хидрантска мрежа  и во случај на пожар се користат хидрантите од самата главна улица. Во објектот нема исталирано дојавувачи за пожар и пријавувањето беше извршено по телефон. Симулиравме ситуација на пожар настанат на пумпата за точење плин на возило. Причина за пожарот е краток спој на електричната  инсталација на возилото. Пожарот е откриен благовремено но од самиот инцидент настанува и неконтролирано итекување на гас. Вака накратко изгледаше она што го приредивме како сценарио за денешната тактичко-показна вежба со која и го одбележавме 20 Мај но и на граѓаните им ги претставивме комплексноста и одговорноста на нашата работа како пожарникари и спасители, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка, кој рече дека речиси секоја година на сличен начин ја претставуваат нивната работа и го одбележуваат празникот на македонските пожарникари.

 

Дебар - Во присуство на поранешни колеги, градоначалниците на Дебар и Маврово и Ростуше, претставници на полицијата и други институции, дебарските пожарникари го одбележаа 20 мај- Меѓународниот ден на пожарникарите.

Командирот на Територијалната противпожарна единица, Џетан Мифтароски, поздравувајќи ги присутните рече дека нивна цел е заштита на населението и имотот на подрачјето на општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, односно подрачјето на Долна Река.

-Подготвени сме и во служба на населението сме 24/7 во трите општини. Никогаш не правиме разлика по никоја основа, никогаш не го делиме населението, интервенираме веднаш по добиена дојава. Апелирам до граѓаните како што ние ги гледаме и се грижиме за нив и тие да го прават истото. Сакам да го нагласам податокот дека до крајот на март имавме само седум интервенции, додека во април и овој месец секојдненвно имаме по две до три интервенции. Вниманието и совесноста на сите е повеќе од потребна, порача Мифтароски.

Тој се задржа и на опременоста, која како што оцени не задоволува, бидејќи возилата со кои располагаат се постари од четири децении и побара од градоначалниците на трите општини да се заложат на овој план.

Градоначалниците на Дебар Хекуран Дука и на Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, честитајќи им го денот, искажаа само пофални зборови за максималната ангажираност на единицата.

 

Тетово -  Во рамки на Општина Јегуновце согласно одредбите од Закон за младинско учество и младински политики се формираше Локален младински совет во Општина Јегуновце. За претседател е избран  Мартин Стојановски, студент на Медицински факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“во Штип.

-Целта на овој совет е унапредување на положбата на младите, развојот на младинскиот сектор, нивното учество во креирање на соодветни младински политики и проекти и донесување на одлуки кои овозможуваат социјален и личен интерес на младите. Локалниот младински совет има советодавна и застапувачка улога за прашањата од младински интерес кон локалната самоуправа. Согласно предвидените активности од  проектот „Потпри се на младите“ финансиран од Европската Унија, здружението ЕЛИТ од Скопје беше задолжено околу техничката помош при реализација на локалниот младински совет, информираат од Локалниот младински совет. Советот е составен од пет члена. 

 

Кавадарци - Лишен од слобода е кавадарчанец кој му се заканувал на градоначалникот, оваа информација денеска ја потврдија од МВР за МИА. 

- Синоќа во 23.35 часот во Кавадарци, полициски службеници од Полициската станица Кавадарци го лишиле од слобода П.Н.(35) од Кавадарци, затоа што агресивно се однесувал кон М.Ј.(43) од Кавадарци и му упатил закани. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, е официјалната информација од СВР Велес. 

Заканите биле упатени во угостителски објект. 

 

Тетово -  Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вели дека знае од медиумите за претставките поднесени од граѓаните околу стадионот, но во Општина Тетово не стигнале документи од институциите.

За поднесената претставка за дискриминација кон Македонците кога имаше организирано манифестација за најава на градежните работи, Касами во еден подолг одговор рече и дека организацијата била моноетничка и дека не била направена дискриминација.

На прашањето дали согледува дека Општината направи дискриминација кон Македонците, одговори со „Не, во ниту еден случај“.

- Тоа беше јавен настан. Доколку би имало интерес и од Македонци да присуствуваат и во делот на организирање и во делот на присуство сигурно дека и нивните барања би биле почитувани. Во секој јавен настан јас во ниту еден момент не правам дискриминација, ги почитувам сите граѓани. Еве во овој денешен настан каде што има Македонци ученици, комуницираме и ги почитуваме и нивните потреби и барања. Таму беше едноставно организирањето од страна на публиката и на тифо групите на Шкендија и согласно тоа беше целото сценарио. Инаку кога би имало такво барање во следните фази сигурно ќе има и процедури за изградба, рече Касами.

На новинарска забелешка дека тоа не треба да биде по барање на граѓаните туку автоматски општината тоа треба да го прави за сите, Касами рече дека согласно публиката се прави организирањето.

 

Велес - По повод 20 Мај - Денот на македонските пожарникари денеска во Противпожарниот дом познат како Пожарна во Велес имаше Отворен ден со граѓаните. Учениците од велешките основни училишта со наставниците и децата од велешките градинки ги посетија припадниците на Противпожарната единица. Тие се запознаа и се ракуваа со пожарникарите, се запознаа со противпожарната опрема и возилата за гаснење пожари со цистерни. 

Пожарникарите им покажаа како функционира опремата, им одржаа кратко предавање да ја чуваат и заштитуваат животната средина и ги предупредија да не си играат со оган и да не палат оган  дома. Ги предупредија да не палат оган на  отворен простор и во шума  затоа што може да се предизвика пожар со несогледливи последици по природата, а некогаш за жал и  со човечки жртви.

Командирот на ТППЕ Велес Диме Јованов потсети дека освен во Општина Велес, делуваат и во соседните две општини, Градско и Чашка, а понекогаш на повик и во други општини и региони во земјава и во странство, кога има големи несреќи и катастрофи.

Појасни дека во моментов работат 32 пожарникари и се добро опремени со 11 исправни противпожарни возила и располагаат со опрема за гаснење на пожари во затворен и отворен простор, како и со опрема за спасување од возила  во сообраќајни и други несреќи.

 

Тетово - Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами денеска од Тетово информира дека добро оди целата процедура за договорање на следната влада. Според него, се разговара за принципите на функционирање на следната влада, се усогласуваат програмите и слично.

Тој на настанот „Отворен ден“ во организација на средните училишта во Тетово изрази надеж дека преговорите како резултат ќе имаат влада која, како што рече, ќе биде компететна, со професионалци, која ќе биде со луѓе кои ќе работат за државата и за граѓаните без разлика на нивната етничка припадност.

-Ние сме свесни дека во една мултиетничка држава и општество како што е Македонија не можат сите министри да бидат Албанци и Македонци. Но што е важно било кој да биде во едно министерство треба да работи за сите граѓани без разлика на етничка и верска и друга припадност. Во оваа фаза имаме разбирање меѓу партнерите кои ја договараат следната Влада дека без разлика кој каде ќе седне на која фотеља, ќе треба да работи за сите граѓани. Ова е многу важно за нас затоа што во минатото иако имаше многу министерства кои беа предводено од Албанците,ниту тие министерства не работеа и доволно за Албанците и за другите и за Македонците и другите граѓани.Значи етничката припадност за нас не е најаважна за да ние го реализираме тоа што го имаме ветено, изјави Касами.

На прашањата дали е познато колку министерски места ќе се распределат меѓу партнерите, Касами потенцира дека кога ќе има краен договор ќе им го соопштат на јавноста.

 

Велес - Македонскиот стрип мајстор Александар Сотировски изминатиов викенд  учествуваше на  традиционалниот Стрип фестивал „ГРАН ФЕСТ“ кој се одржа во Приштина, во Националната библиотека на Косово.

Како што информира Томе Трајков од Стрип Центарот на Македонија-Велес, Сотировски кој живее и твори во Скопје  во почетокот на својата кариера паралелно работел како илустратор и дизајнер во многу рекламни агенции на Балканот (повеќе од 18 години), сè до 2004 година, кога одлучил да се фокусира само на цртање. Во својата 35-годинишна кариера, тој е многу горд што всушност го живее својот сон - илустрирал стотици книги и графички романи, за огромен број клиенти ширум светот и сè уште работи со истиот ентузијазам како и првиот ден.

Инаку „ГРАН ФЕСТ“се организира под идеја и реализација на Гани Јакупи, стрип автор којшто живее на релација Косово-Шпанија. Фестивалот оваа година се организира по четврти пат и во Косово и  е единствен специјализиран стрип фестивал. Како што појасни Трајков од СЦМ-Велес, организаторот традиционално се погрижил да обезбеди реномирани светски стрип имиња со коишто воедно е и пријател и со кои и соработува.

-Вреди да се истакне дека соработката на Гани Јакупи со македонската стрип сцена е започната преку дејноста на Стрип центарот од Велес. Така тој учествува со свое стрип дело во проектот „Нови Балкански пријателства 2024“, финансиран од Фондацијата „ПРИНЦ КЛАУС“ од Холандија, во 2019 е објавен превод на неговата стрип книга „ХАВАНА- .САД“ и , конечно, 2021 година е учесник во тродневниот настан во Велес , како дел од тригодишниот проект „CAN FOR BALKANS” финансиран од програмата КРЕАТИВНА ЕВРОПА, информира Трајков.

 

Скопје - Комплетно опремена спортска теретана на отворено за прв пат добија жителите на Општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко – велосипедската патека во Марино, соопшти Општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакнал дека во рамки на ова фитнес катче, каде младите па и повозрасните жители на општината ќе можат да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес справи.

-Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортската теретана на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, се наведува во соопштението.

 

Скопје - Општина Ѓорче Петров финишираше со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.

При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата каде беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити.

Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со негово завршување, направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.

Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука.

Остани поврзан