• сабота, 27 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

21 мај 2024

Прилеп - Сѐ е подготвено за утрешното прегласување на Парламентарните избори на четирите избирачки места, по две  во општините Долнени и Крушево во петтата изборна единица, информираат од општинските изборни комисии.

Во Крушево ќе се прегласува на по едно избирачко место во населените места Јакреново и Бучин: во Јакреново е избирачкото место 1202, а во Бучин 1194. На двете избирачки места вкупно се запишани 767 жители со право на глас.

Денеска своето право на глас ќе го остваруваат 26 болни и изнемоштени лица.

Во Долнени ќе се прегласува на две избирачки места (1470 и 1470/1) каде вкупно се запишани 1290 гласачи. Двете избирачки места се во населеното место Дебреште. Таму денеска можност за гласање имаат вкупно девет болни и изнемоштени лица.

 

Битола - Секторот за внатрешни работи Битола апелира до сите учесници во сообраќајот, а посебно матурантите кои имаат стекнато право за управување со моторно возило, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не консумираат алкохол доколку управувааат возило и да не се управуваат моторни возила без претходно положен возачки испит.

СВР Битола препорачува да се избегнува учество, предизвикување или поттикнување друго лице на тепачка, оддавање на пијанство на јавно место или нарушување на јавниот ред и мир во пијана состојба.

-Предупредуваме дека не е дозволена употреба на огнено оружје и пиротехнички средства, а до сопствениците и вработените во угостителските објекти апелираме да се придржуваат кон пропишаните законски одредби, односно да не се дозволи нарушување на јавниот ред и мир во објектот тепачки, физички напади, гласна музика, оддавање на пијанство и точење алкохол на лица кои се под дејство на алкохол, да не се дозволува присуство на малолетници после 24 часот или точење на алкохол на малолетници и советуваме, нагласуваат од СВР-Битола, навремено пријавување на секој настан на телефонскиот број 112 или 192.

 

Росоман - Сообраќајна несреќа се случила утрово кај Росоман, помеѓу патничко и товарно моторно возило, информираа од СВР Велес.

- Во 07.40 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека кај клучка Росоман се случила сообраќајна незгода, помеѓу патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Р.(45) од Скопје и товарно возило „ивеко“ со бугарски национални ознаки, управувано од А.З.(59) од Прилеп. Во незгодата, возачот на патничкото возило се здобил со телесни повреди констатирани во болницата во Кавадарци, појаснија од СВР Велес. 

Оттаму рекоа дека увидот е во тек, а  сообраќајот се одвива нормално и без застој. 

 

Демир Капија - Нови експонати што говорат за долгогодишната лозаровинарска традиција во демиркаписко, се дел од Музејот во Демир Капија. Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог, појасни за МИА дека се откупени дополнителни етнолошки предмети од локално население, со цел збогатување на музејската винска галерија. Таа подвлече дека со ова е реализиран првиот од четирите проекти од национален интерес, што годинава се целосно финансиски поддржани од Министерството за култура. 

- Музејот ја продолжува својата активност во насока на реализација на проекти, што во голема мера ќе допринесат кон квалитативно збогатување на содржините и ќе го доближат културното наследство од регионот на Демир Капија, поблиску до посетителите. Целта е со прибавување на предмети што се поврзани со винската конзумна култура, да се прикаже долгата и вековна традиција на производство на вино од регионот на Демир Капија, начинот на заштита на виновата лоза, садови за варење на маџун и слично, истакна Тодоровска Митрева. 

Таа појасни дека откупени се предмети од локално семејство од Демир Капија. 

- Долги години наназад, тие претставувале семеен имот. Се користеле за сопствени потреби при обработка и заштита на виновата лоза, за печење ракија и за варење маџун. Се работи за  предмети кои денес не се веќе во употреба, нивното место е заменето со многу помодерни, побрзи и пософистицирани  алатки. Сега се потсетник на минатото, во смисла на една традиција пропратена со ритуали и  локална егзотика, неповторливо  доживување на семејната  лозаровинарска приказна, како трага на времето, не само во овој регион, туку и секаде во Македонија каде што се одгледува виновата лоза, нагласи Тодоровска Митрева. 

Откупени се една бакарна аранија во која со варење на грозјето се приготвувал  најслаткиот и најздравиот напиток, маџунот, надалеку познат како еликсир за оздравување и исцелување на телото, традиционална маказа за кроење на виновата лоза, грбна пумпа за заштита на виновата лоза целосно сочувана со сите нејзини елементи, како и  горен дел од статичен казан за варење ракија изработен од печена глина, преку кој се одвива хемискиот процес на создавање на лозова ракија,  како еден од традиционално најпознатите жестоки пијалоци на овие простори. 

 

Тетово - Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ дава целосна и безрезервна поддршка на синдикалната организација при ЈЗУ Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберкулоза во Лешок во нивните барања да се преиспита идејата или одлуката за припојување кон ЈЗУ Клиничка болница Тетово.

-Станува збор за специјализирана установа која постои како посебен правен субјект повеќе од 46 години. Доколку има некаков проблем бараме да биле решен и надминат во рамки на оваа јавна здравствена установа без оглед дали станува збор за некакви персонални решенија, недостиг на одредени профили на вработени и слично.  Од овие причини како Гранков синдикат ги поддржуваме барањата на синдикалната организација со надеж и верување дека нема да дојде во прашање каква било статусна промена на оваа специјализирана здравствена установа која сосема самостојно со години успешно функционира во рамки на македонскиот здравствен систем, соопшти денеска Синдикатот.

Вработените од Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберкулоза-Лешок минатата недела изразија јавно несогласување со ставот на министерот за здравство Илир Демири во Тетово дека нивната установа треба да се спои кон Клиничка болница Тетово. Тие сметаат дека решението не е во спојување како правен субјект, туку вработување на специјалисти.

Крива Паланка – Кратово неодамна доби младински хостел кој беше опремен со проектот што го реализира средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“ – „Рурален туризам, нова перспектива за младинска мобилност“. Хостелот располага со капацитет за 12 гости, ресторан и конференциска сала.

Проектот е финансиран од Европската унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Србија и Северна Македонија.

- Овој проект се имплементира во партнерство помеѓу нашето училиште, средно училиште „Светозар Крстиќ-Тоза“ од Вучје, Лесковац и здружението „Limitless“ од Белград, со поддршка од Општина Кратово. Покрај опремувањето на хостелот, набавена е и опрема за алтернативен туризам во рурални средини: велосипеди, кајаци, шатори со целосна потребна опрема. Идејата на целиот проект е да се направи интеграција на туристичките потенцијали во Кратово, да се зголеми сместувачкиот капацитет и да се продолжи престојот на туристите, пред сè младите, да имаат исполнето време во Кратово, информира Младен Мицевски, професор по угостителство и туризам во СОУ Митко Пенџуклиски, Кратово.

Креиран е петдневен аранжман за млади со користење на потенцијалите за туризам во Кратово.

 

Кочани - Шеснаесет домашни театарски ансамбли и групи, како и гости од Република Србија ќе се натпреваруваат за една од наградите на 61. Драмски аматерски фетивал на Македонија (ДАФ), што синоќа почна во Кочани.

Под мотото „Знаеме што сме, не знаеме што можеме да бидеме“, фестивалот го отвори градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов нагласуваjќи го значењето на аматерското движење како основа на професионалниот театар и повика актуелните театарски и филмски имињa, кои ја почнале својата кариера од сцената во Кочани, да дадат поддршка во негувањето на драмскиот аматеризам.

-Годинава, кога Кочани слави 100 години од фудбалот во градот, 80 години од загинувањето на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, борците на кои им ја должиме слободата, 100 години од раѓањето на уметникот и хуманист Стево Теодосиевски, Драмскиот аматерски фестивал влегува во својата седма деценија. Кочани знае да ја цени уметноста, знае да создаде историја. Ако беше лесна организацијата ќе ни го земеа, затоа да го чуваме одговорно, да го негуваме и да ја одржуваме традицијата, истакна Папазов во своето обраќање.

Фестивалот го отвори претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. За првпат по повеќе години градот домаќин на ДАФ нема пријавено своја претстава за учество. До 26 мај, публиката ќе може да проследи по три претстави дневно - во пладневниот, вечерниот и ноќниот термин.

Претседателка на Драмскиот аматерски фестивал е Кристина Атанасова Арсова, селектор е Игор Џамбазов, а за најуспешните претстави и за наградите ќе решава жирито што го сочинуваат актерот Пеце Ристевски и режисерите Елеонора Теова и Ненад Витанов. 

Остани поврзан