• вторник, 23 јули 2024
МИА Општински пул

20 мај 2024

Скопје - За седум дена санкционирани се 191 возачи, чии возила го попречувало нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот во Општина Центар. 

Како што информираат ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар, во периодот од 13 мај до 19 мај 2024 година со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 102 непрописно паркирани возила.

Куманово - Едно лице го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи вчера на автопатот Скопје-Куманово во атар на Агино село, а две лица се повредени, соопшти денеска МВР.

- Вчера околу 15:00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово, атар на село Агино село, Кумановско, патничко возило „субару импреза“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од шеесет и четиригодишниот И.А. од Куманово, излетало од коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал сопатникот Б.Н. од Куманово, а лекар од Итна медицинска помош Куманово констатирал смрт, соопшти МВР.

Битола - Здружението за истражување на пазарот на труд во функција на мултиетничката толеранција ПРОФИЦИО-Скопје, во соработка со Здружение за регионална соработка „22 Нентори“ од Битола и Кластер за туризам од Крива Паланка почнаа со реализација на проектот - Младите за соживот и мултиетничка толеранција „ЗАЕДНО“.

Целта на проектот кој се реализира во Битола и Крива Паланка е младите и идните креатори на јавното мислење да придонесат кон градење доверба преку јавно застапување и активизам за промовирање на помирувањето, меѓуетничкиот дијалог и дијалогот околу минатото.

Скопје - Со воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе се одбележи Денот на Логистичка база.

На свеченоста на највисоката единица од доменот на логистиката во Армијата ќе присуствуваат началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик-министерот за одбрана, Тирон Јајага, армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата и други гости.

Скопје - Пожарникарите во државава, покрај гаснење урбани пожари, изминатото деноноќие биле ангажирани и за други работи. Четворица битолски пожарникари со едно противпожарно возило од 18.45 до 19.35 часот, интервенирале на извлекување паднат човек во реката Драгор кај месноста „Сали Мост“. Паднатото лице не било повредено. Прилепски пожарникари со едно противпожарно возило од 12 до 13.50 часот, интервенирале на извлекување со пумпи вода од поплавени подрумски простории и дворна површина во селото Сенокос, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Охридски пожарникари пак, од 09.45 до 10.30 часот, имале техничка интервенција на испумпување вода од лифт на улицата „Галичица“ ламела - број 2, додаваат од ЦУК.

Скопје - Во Противпожарната бригада на Град Скопје денеска ќе биде одбележан Денот на македонските пожарникари - 20 Мај.

- На 20 Мај, Денот на македонските пожарникари, им оддаваме поддршка и признание на пожарникарите кои секојдневно даваат максимални напори со цел да го заштитат нашиот град и нашата безбедност. Ја изразуваме нашата благодарност на пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје за нивниот безрезервен придонес во општеството, соопшти Град Скопје.

Скопје - Изминатото деноноќие најмногу дожд наврнал во Берово, 14 литри на метар квадратен, а најмалку во Крива Паланка, Крушево, Маврови Анови и Гевгелија, еден литар на единица површина.

До 08:30 часот се измерени и 8 литри на метар квадратен во Лазарополе, 7 во Штип, 3 во Струмица, како и 2 во Куманово, Битола, Демир Капија и Кавадарци.

Според УХМР, утрово е најсвежо на Попова Шапка и во Лазарополе, 10 степени целзиусови, а максимални 18 степени е во Тетово и Скопје-Зајчев Рид.. Единаесет степени е во Берово, 12 во Маврови Анови, 13 во Крушево и Крива Паланка, 14 во Битола и Охрид, 15 во Прилеп, Виница и Струмица, 16 во Штип, Дебар, Кавадарци и Претор, како и 17 степени во Дојран, Велес, Куманово, Демир Капија, Гевгелија и Скопје-Петровец,  

Битола - Општина Битола успешно ја реализира пролетната акција за чистење и селектирање на отпад „Генералка викенд“, иницијатива на Мен енд Маунтен во соработка со Пивара Скопје и ПАКОМАК.

Во акцијата се вклучија јавните претпријатија, 10 основни и три средни училишта, потоа Оф Роуд клубот „Пелистер“ од Битола, КУД Илинден и дел од граѓаните преку своите месни и урбани заедници, соопштија од тамопната локална самоуправа.

Скопје - Поради водоводен приклучок од ф 80мм на ул. „Милан Марковиќ бр. 7 без вода денеска ќе бидат корисниците од оваа и од улиците „Милан Марковиќ“, „Копачка“, „Пијанец“, „Крчин“, како и дел од улиците „Козле“ и „Леринска“.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:00 часот до завршување на интервенцијата.

Скопје - Тимовите на СТЕМ Академија, Скопје Space Walkers и Space Walkers Jr. се апсолутни победници на Глобалната спортска роботска олимпијада  (ROBOTSPORTS COMPETITION GLOBAL OLYMPIAD) што се одржа на Крит, Грција, во периодот од 26 до 29 април. Тие го освоија првото и второто место во престижната категорија „Пентатлон арена“ во конкуренција на 1450 тимови од 36 земји.

Како што соопштуваат од СТЕМ Академија, оваа категорија е позната по своите предизвици и бараше од тимовите да дизајнираат и програмираат самонаведувачки роботи. Роботите треба да завршат најмалку пет сложени мисии на специјализирано роботско поле. Тимот Space Walkers се истакна со освојување на најголемиот број на поени меѓу сите тимови учесници, покажувајќи квалитет во тимската работа, кои создадоа робот со исклучителни можности и одличен дизајн.

 

Остани поврзан