• понеделник, 08 јули 2024
МИА Радио флеш

20 мај 2024

– Со чартер-лет од Амстердам денеска на охридскиот аеродром допатуваа првите туристи од земјите на Бенелукс кои организирано преку пакет аранжмани на туристичката агецнија „ТУИ Аркетравел“ ќе летуваат на охридската ривиера.

Со првиот лет сезонава до Охрид допатуваа 138 туристи кои ќе бидат сместени во некои од сместувачките капацитети со кои соработува „ТУИ“.

- Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од полноќ се намалува за 1,50 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) за 1,00 денар по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе биде 83,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 85,50, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 73,00, а Екстра лесното 1 (ЕЛ-1) за 72,50 денари за литар.

За 0,306 денари поевтинува Мазутот М-1 НС  и еден килограм ќе чини 42,629 денари.

- Заложбите на владата на ВМРО-ДПМНЕ се евроинтеграциите, забрзаниот економски развој и борбата против криминалот и корупцијата, истакнал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата, на која присуствувал и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, Мицкоски рекол дека е потребно државата да се стави на брза трака кон ЕУ, но и засилено да се забрза економскиот развој и да се подобри животниот стандард на граѓаните.

- Македонско-српска лингвистичка средба се одржа денеска во Скопје меѓу претставниците од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Институтот за српски јазик од Белград, каде беа презентираа проекти кои се дел од нивните досегашни активности. Соработката меѓу овие два Института трае 70 години, а во најава е и српско-македонски /македонско-српски прирачник, на кој треба да почне да се работи наскоро.

Поточно, во рамки на денешната средба што се одржа во Институтот за македонски јазик, беа презентирани проектите „Етимолошки речник на македонскиот јазик“, претставен од проф. д-р Гоце Цветановски, „Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“, претставен од проф. д-р Лилјана Макаријоска и „Јавниот дискурс во Република Србија“, претставен од проф. д-р Марина Николиќ и м-р Миљана Чопа.

- Првиот заменик претседател во Техничката влада задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и новата француска експертка за ЕУ интеграции Миа Матковиќ, која стана дел од тимот на СЕП.

-Евроинтеграцијата е основа за стабилен и социоекономски развој на државата. Започнатите процеси во преговорите со ЕУ треба да продолжат да ја исполнуваат стратешката цел за полноправно членство, имплементација на Планот за раст на Европската Комисија со големи придобивки за сите граѓани на државата, регионот и Европа, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања за средбата. 

– Ја очекуваме новата Влада на Северна Македонија, да положи свечена заклетва, да ги слушнеме позициите, но првите знаци не се добри, не се охрабрувачки. Ние ги почитуваме меѓународните ратификувани договори, но очекуваме пред и над сè, ова да го стори другата страна, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

На новинарско прашање што доколку другата страна не го стори тоа што го очекува Грција, Маринакис посочи дека откако ќе ја видат официјалната позиција на новата Влада, „ќе постапат соодветно врз основа на националните интереси“.

- Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами денеска од Тетово информира дека добро оди целата процедура за договорање на следната влада. Според него, се разговара за принципите на функционирање на следната влада, се усогласуваат програмите и слично.

Тој на настанот „Отворен ден“ во организација на средните училишта во Тетово изрази надеж дека преговорите како резултат ќе имаат влада која, како што рече, ќе биде компететна, со професионалци, која ќе биде со луѓе кои ќе работат за државата и за граѓаните без разлика на нивната етничка припадност.

 -  Србија во следните 30 години ќе ја отплаќа специјализираната светска изложба ЕКСПО, што треба да се организира во 2027 година во Белград, објави РСЕ.

ЕКСПО е „непрофитна манифестација“ и само со користење на изградениот комплекс како нов саемски простор ќе може да се оправдаат вложените средства, додека рокот на враќање на инвестицијата е најмалку 27,4 години, пишува во „Прелиминарното оправдување студија за ЕКСПО и новиот саемски простор", во кои РСЕ имаа увид.

- Провалници вчeрaвечер упаднале во станот на италијанскиот вицепремиер и министер за транспорт, Матео Салвини, соопшти денеска полицијата.

Разбојниците не успеале да го отворат сефот во домот на Салвини во Рим, јавија италијанските медиуми. Засега не се знае дали успеале да украдат други предмети.

- Папата Франциск (87) ќе ги посети Белгија и Луксембург кон крајот на септември, помалку од две недели по враќањето од 12-дневното патување во Азија, објави денеска Ватикан.

Белгиската бискупска конференција претходно соопшти дека папата бил поканет да присуствува на прославите за 600-годишнината од католичкиот универзитет во Лувен. 

„Неговата Светост папата Франциск ќе отпатува апостолско патување во Луксембург на 26 септември и во Белгија од 26 до 29 септември “, се вели во соопштението.

- Руската нафтена рафинерија во Славјанск, Краснодарската територија, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, изјави денеска безбедносниот претставник на компанијата, Едуард Труднев.

Според локалните власти, шест беспилотни летала ја погодија областа на нафтената рафинерија во Славјанск во раните утрински часови во неделата.

- Две лица загинаа, а 10 се ранети во напад со нож во основно училиште во јужна Кина, соопшти полицијата.

Не е соопштено дали меѓу жртвите има и деца.

Нападот се случил во училиште во градот Гуиси, во провинцијата Џиангси, јави Би-Би-Си.

- Кинескиот претседател Си Џинпинг упати сочувство до Иран, изразувајќи жалост за смртта на Ебрахим Раиси и Амир Абдолахиан, соопшти Министерството за надворешни работи на Пекинг.

Си рече дека Раиси во голема мерка придонел за мирот и стабилноста во Иран и одиграл важна улога во консолидирањето на кинеско-иранското стратешко партнерство, соопшти Министерството.

- Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

- Британската Национална здравствена служба (НХС) денеска го објави извештајот по петгодишната истрага во кој се наведува дека лекарите, владата и НХС го прикривале скандалот со заразената крв и свесно ги изложиле жртвите на неприфатливи ризици.

Во периодот од 1970 до 1991 година повеќе од 30.000 луѓе биле заразени со хепатитис Це и ХИВ со откако примиле крвни продукти и трансфузии. Оттогаш починале околу 3.000 луѓе. Се претпоставува дека се разболеле поголем број пациенти, но дел од нив не се регистрирани.

- Високиот суд во Лондон денеска му одобри на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж право на жалба против екстрадицијата во САД.

Асанж денеска не се појави на суд поради неговата здравствена состојба, но неговите адвокати истакнаа дека тој не треба да биде екстрадиран во САД, каде е осомничен за масовно протекување на доверливи документи, што потенцијално би го загрозило неговото право на слобода на говор.

Остани поврзан