• среда, 01 мај 2024
МИА Радио флеш

15 април 2024

- Техничкиот премиер Талат Џафери денеска, во рамки на учеството на конференцијата „Меѓународен форум за жени, мир и безбедност“ во Приштина, оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу. Како што соопшто владината прес-служба, во фокусот беа билатералните односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и можностите за нивно унапредување, во сите области од заемен интерес. Стана збор и за актуелните предизвици на регионален и мултилатерален план, поврзани со безбедносната состојба и економскиот напредок на регионот и пошироко. Премиерот Џафери и Османи заеднички констатираа дека мирното решавање на отворените прашања на Западен Балкан треба да биде апсолутен императив за сите.

 

 - Претседателот на техничката Влада, Талат Џафери, денеска  во Приштина имал средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, во рамки на учеството на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност. Како што информира владината прес-служба, на средбата било изразено задоволство од континуираниот политички дијалог меѓу Северна Македонија и Албанија и од развојот на билатералните односи меѓу двете земји.

 

- Северна Македонија е силно посветена на имплементирањето на агендата „Жени, мир и безбедност“. Како активна земја членка на НАТО, го поддржуваме имплементирањето на оваа политика низ трите основни цели на Алијансата, а го усогласивме и нашиот Национален акциски план со сродните иницијативи, посочи денеска техничкиот премиер Талат Џафери за време на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност што се одржува во Приштина во Косово. Тој потенцираше дека во Северна Македонија суштински се имплементираат трите принципи на интеграција, инклузивност и интегритет во секојдневната работа и во политиката.

 

 -  Осовременет е Календарот за редовна имунизација со деветвалентна ХПВ вакцина-Гардасил 9 која ќе биде достапна за еден месец на вакциналните пунктови. Покрај тоа што преминуваме од четиривалентна на деветвалентна ХПВ вакцина, новина од оваа година е што ќе биде достапна и за момчињата, соопшти денеска на прес-конференција, министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири.  Демири истакна дека со оваа вакцина ќе се понуди поквалитетна превенција од хуман папилома вирус (ХПВ) инфекции, за преканцерозни лезии, како за карцином на грлото на матката.

 

 - Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја и поширокиот регион на Блискиот исток по нападот од саботата на Иран врз Израел. - До сега се пријавил еден наш граѓанин во Амбасадата во Израел којшто бара да се евакуира веднаш поради состојбата. Веднаш му е даден патен лист за да може да ја напушти државата, а исто така од една компанија се јавија на СОС телефонот овде во Скопје за четворица вработени кои се во Израел да ги имаме предвид во случај да се влоши состојбата и да имаат и контактни броеви каде да ги контактираме за да може да ги извлечеме, вели Османи. Тој оценува дека ситуацијата на Блискиот исток е делумно стабилна и се придружи на повиците до Израел да не возврати на нападот на Иран за како што вели, да се спречи влошување на состојбите и спиралата на конфликти.

 

 – Северна Македонија заедно со САД, Германија и други држави е коспонзор на резолуцијата во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година и одбележување на истиот секоја година, соопшти на денешната прес - конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи. Резолуцијата ќе биде претставена на 17 април пред Генералното собрание на светската организација а ќе се гласа на 2 мај. Резолуцијата, како што кажа Османи, меѓу другото се повикува на Повелбата на ОН, Универзалната декларација за човековите права, Конвенцијата за казнување на злосторства од генопцид, на Резолуцијата 827 на ОН во врска со формирање на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија како и на осум пресуди на трибуналот за виновни за злосторства против босамнските муслимани против Крстиќ, Младиќ и Караџиќ, како и одлуката на МСП од февруари 2007 година за одредување на злосторството во Сребреница како геноцид.

 

 - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, остварија работни средби со раководствата на СВР Штип и ОВР Свети Николе, во рамки на серијата посети на Секторите за внатрешни работи низ државата, со цел увид во сработеното во првото тримесечје на 2024 година. Притоа, Бојмацалиев ги посети управните служби, а беше презентирана и опремата во делот на безбедноста во сообраќајот. Бојмацлиев вели дека безбедносната состојба на ова подрачје е стабилна и поволна. Од вкупниот број на кривични дела, од познат и непознат сторител постигната е ефикасност во расветлувањето од 40%, додека процентот на расчистени кривични дела  изнесува 71% .

 

 - Во СВР Штип синоќа во 23.57 часот Ш.Н. од скопско Батинци, пријавил дека му се јавил неговиот син З.Н.. кој издржувал казна затвор во Казнено – поправната установа Затвор Штип и му рекол дека има информации дека во текот на ноќта ќе биде нападнат. Исто така, околу 00.00 часот во СВР Штип, од Казнено – поправната установа Затвор Штип било пријавено дека во затворот бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две групи затвореници и дека имаат сознанија дека кон затворот во Штип патуваат повеќе лица за да и помогнат на едната група.

 

 - Претседателскиот кандидат и лидер на Движењето ЗНАМ-за наша Македонија, Максим Димитриевски на денашната прес-конференција во Скопје истакна дека за него се неприфатливи евентуални предлози за уставни измени кои би се однесувале на избор на шефот на државата во Собрание, како и за бришење на формулацијата „јазикот што го говорат 20 проценти“. -Евентуални предлози за уставни измени кои би се однесувале на бришење на формулацијата „јазикот што го говорат 20 проценти“, именувањето на сегашниот начин на избор на претседател на Републиката, за мене е целосно неприфатлив бидејќи подрива фундаментите на кои почива Охридскиот рамковен договор за кој сметам дека е целосно реализиран. Било какви уставни измени по основ на избор на претседателот во Собрание а не на непосредни избори, за мене како кандидат за претседател и за политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија се неприфатливи. Ниту досега, ниту отсега понатаму ќе се пазариме по било кој основ за било која цена, рече Димитриевски.

 

- Српската економија поради забраната за трговија со домашни производи на територијата на Косово и Метохија, која беше воведена во јуни 2023 година, има загуба од 150 до 200 милиони евра, пишува „Политика“. Бојан Станиќ, помошник директор на Секторот за стратегиски анализи и услуги при Стопанската комора на Србија (ПКС), вели дека властите во Приштина сè уште не се откажуваат од својата политика и дека Србија „само треба да акумулира загуби, бидејќи не може да влијае на можностите“. Поради забраната за трговија со стоки, прекршен е и ЦЕФТА договорот, иако оваа меѓународна организација за се го изнесе своето неформално мислење .

 

 - Веќе имаме регистрирана 41 пријава за училишно и врсничко насилство на платформата која минатиот вторник започна да функционира. Од пријавите осум се од ученици, а 33 од родители, откри министерот за образование на Грција Киријакос Пјеракакис, во интервјуто за грчката телевизија „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина. Минатата седмица, грчката Влада ја промовираше националната стратегија и кампањата за справување со врсничкото насилство во училиштата, како и специјалната платформа „Stop bullying“ преку која родителите и учениците може да пријавуваат насилство, но и да се информираат.

 

 - Според Институтот за статстика, ИНСТАТ, во 2022 година во сообраќајни несреќи во Албанија животот го загубиле 164 лица или 59 лица на милион жители. Оваа бројка е повисока од просекот на Европската унија од 46 жртви на милион жители, покажуваат податоците објавени од Евростат.  - Албанија е на шестото место, права е Романија, која го држи рекордот со 86 смртни случаи на милион жители, а најмал број на загубени животи во сообраќајни несреќи има во Шведска (22). Нема неодамнешни податоци за земјите од регионот, но претходните статистички податоци укажуваат дека нивниот број е помал отколку во Албанија, наведува Ора њуз.

 

- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата влада „станаа егзистенцијална закана за Израел“, изјави денеска лидерот на опозицијата Јаир Лапид, обвинувајќи ги за уништувањето на политиката на одвраќање на Израел. Зборувајќи со новинарите пред состанокот на фракција на неговата партија „Јеш Атид“ во Кнесетот, Лапид истакна дека и пријателите и непријателите на Израел „ја чувствуваат слабоста“ на актуелната влада. - Бев во Вашингтон минатата недела, на средба со целата администрација. Тие се шокирани од оваа влада: недостатокот на одговорност, недостатокот на професионализам, лошото управување, наведе тој, пренесе „Тајмс оф Израел“.

 

– ЕУ нема двојни стандарди кон Техеран и Тел Авив и ги повикува и двете страни на воздржаност и спречување на понатамошна ескалација на состојбата, изјави денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано, посочувајќи дека Унијата ги осуди и последните ирански напади со дронови и проектили врз Израел, како и израелскиот напад врз Амбасадата на Иран во Дамаск на 1 април. - ЕУ сосема јасно и гласно ги осуди нападите врз иранските дипломатски простории во Дамаск и тука на прес-конференција на 2 април, по Велигденскиот викенд, а на 3 април издадовме и соопштение со кое јасно го осудивме овој напад. На него гледавме како на потенцијален ризик за натамошна ескалација и нарушување на дипломатските права, додаде Стано во одговор на забелешка дека ЕУ била остра во осудите на последните ирански напади, а манифестирала воздржаност кон осуда на израелскиот напад врз дипломатската мисија на Иран во Дамаск.  

 

 - Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска го повикаа Израел да избегне натамошна ескалација на конфликтот со Иран, јавуваат светските агенции. Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти. Израел ја отфрли одговорноста за нападот, кој се случи на 1 април. „Сите сме загрижени за можна ескалација. Ситуацијата денес е многу нестабилна“, изјави Макрон за ТВ BФМ и радио РMЦ. 

 

 – Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс од денеска заминува на неплатено отсуство од должноста за да може да учествува во кампањата за избор на нов генерален секретар на Советот на Европа.  Како што соопшти заменичката на главниот портпарол на Европската комисија, Аријана Подеста, Рејндерс ќе биде на неплатено отсуство се до гласањето за избор на новиот генерален секретар во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предвидено за средината на јуни.   

 

- Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денеска соопшти дека е подготвен да склучи мировен договор со Азербејџан врз основа на одредбите од Декларацијата од Алмати од 1991 година. Пашинјан, кој е во официјална посета на Астана, разговараше со претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев за безбедносната состојба и стабилноста на Јужен Кавказ. „Ерменија е подготвена да потпише договор со Азербејџан во рамките на претходно договорените принципи заради стабилноста и мирот во регионот, врз основа на трите принципи кои се веќе договорени меѓу Ерменија и Азербејџан“, рече премиерот на Ерменија, пренесува „Арменпрес“.

 

- Во повеќе од половина од 75-те најсиромашни земји во светот, и покрај нивниот важен потенцијал во суровини и активно младо население, БДП по глава на жител во 2023/2024 година расте побавно отколку во богатите земји, што ја зголемува нееднаквоста, соопшти Светската банка. За една третина од тие земји, БДП по глава на жител сега е понизок отколку пред пандемијата на Ковид-19, се наведува во извештајот што Светската банка го објави денеска за земјите кои би можеле да имаат корист од подароци или заеми на Меѓународната развојна асоцијација (ИДА) - огранок на Светската банка под поволни услови. „Благосостојба на тие земји е неопходна за долгорочниот просперитет на светот. Денешните три економски сили - Кина, Индија и Јужна Кореја беа земјите кои профитираа од заемите од ИДА“, потсети главниот економист на Светската банка, Индермит Гил во изјава.

 

-Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека ќе го предупреди кинескиот претседател Си Џинпинг да не и обезбедува воена поддршка на Русија. Тој ќе посочи дека Русија води освојувачка војна против Украина „и инсистира дека никој не смее да помогне ова да успее. Затоа, ние исто така ги повикуваме сите да не ги заобиколуваат санкциите... и затоа бараме да не се испорачува оружје“, рече денеска Шолц во Шангај. Нагласи дека тоа важи и за стоките што можат да се користат и за цивилни и за воени цели. Кина се смета за најважен сојузник на Русија и постои сомневање дека испорачува таква стока. Шолц утре во Пекинг ќе се сретне со Си и со премиерот Ли Чијанг. 

 

 - Судењето на поранешниот генерал на сириската армија Мохамед Хам поради неговата наводна улога во воените злосторства за време на граѓанската војна во земјата, почнува денеска во судот во Стокхолм. Генералот Хамо, кој сега живее во Стокхолм, е обвинет дека помагал и овозможувал кривични дела со кршење на меѓународното право, што обвинителството го опиша како „тешко кривично дело“ кога против него е покренато обвинение во февруари. Хамо во јули 2012 година пребегна на страната на опозицијата која се бори за соборување на претседателот Башар Асад. Сириските опозициски активисти велат дека тој учествувал во борбите во некогашната бунтовничка населба Баба Амр во Хомс, третиот по големина град во Сирија.

 

 - Сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лунг денеска соопшти дека на 15 мај се повлекува од функцијата, како што претходно имаше и најавено, и дека власта ќе му ја предаде на неговиот заменик и актуелен министер за финансии Лоренс Вонг, соопшти владината канцеларија. Во соопштението се додава дека Вонг, кој има едногласна поддршка од пратениците од владејачката Партија за народна акција (ПАП) во парламентот на оваа островска град-држава, ќе положи заклетва истиот ден. Ли Хсиен Лунг е премиер на Сингапур и претседател на ПАП од август 2004 година. Тој во ноември минатата година објави дека ќе се повлече и го именуваше Вонг за негов наследник. Ли претходно планираше да се пензионира, но мораше да го одложи тогаш поради пандемијата со Ковид-19.

 

- Судот во Њу Делхи денеска му го продолжи притворот на опозицискиот лидер Арвинд Кеџивал до 23 април, што е удар за опозицијата, на која и е потребно тој да ја води кампањата пред општите избори што почнуваат в петок. На 21 март, индиската Агенција за борба против финансиски криминал го уапси Кеџивал, началник на регионот на Њу Делхи и лидер на Партијата на обичниот човек, член на опозициската коалиција „Индија“, која е главен ривал на владејачката партија Баратија Џаната (БЈП) на премиерот Нарендра Моди. под обвинение дека неговата партија речиси две години примила милијарда рупии (11 милиони евра) од добавувачи на алкохол.

 

 - Американскиот производител на електрични возила (ЕВ) Тесла ќе отпушти повеќе од 10 отсто од својата глобална работна сила, се вели во интерниот допис на компанијата. „Додека ја подготвуваме компанијата за нашата следна фаза на раст, исклучително е важно да го разгледаме секој аспект на компанијата за да ги намалиме трошоците и да ја зголемиме продуктивноста“, наведе во дописот, извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск.

 

- Најмалку четири лица се повредени во напад со нож во црква во западниот дел на Сиднеј. Нападот се случил во црквата „Христос Добриот Пастир“ во Вејкли, додека свештеник водел богослужба, која била емитувана на интернет. На местото на настанот излегле неколку екипи на полицијата и итната помош. Меѓу повредените има четворица мажи, за кои се претпоставува дека се на возраст од 60, 50, 30 и 20 години. Меѓу ранетите е и свештеникот. На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа како напаѓачот му приоѓа на свештеникот и го прободува со нож, јавуваат австралиските медиуми. Снимката не е верификувана, а полицијата не потврдила дека се случил овој инцидент.

Остани поврзан