• недела, 22 декември 2024

Пендаровски и Силјановска-Давкова се оградија од повиците за бојкот, повикуваат граѓаните да излезат на гласање

Пендаровски и Силјановска-Давкова се оградија од повиците за бојкот, повикуваат граѓаните да излезат на гласање

Скопје, 30 април 2024 (МИА) - Двајцата кандидати за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова се на ставот дека граѓаните треба да излезат на гласање на 8 мај кога треба да се одржи вториот круг од претседателскиите избори. И двајцата вечерва се оградија од повиците за бојкот.

На вечерашната дебата на „Клик плус“ на телевизија 21, Силјановска-Давкова рече дека е антиевропски чекор доколку не се случи потребната излезност од 40 проценти во вториот круг од претседателските избори, а Пендаровски рече дека мора да се почитува Уставот, иако смета дека не би требало да има долен праг.

- Доколку не се случи излезноста од 40 проценти, тоа ќе биде уште еден антиевропски чекор, бидејќи Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР по најмалку четири мислења велат дека е тотално нелогично во вториот изборен круг да имате цензус од 40 отсто оти кога одат двајца, еден треба да биде избран со релативно мнозинство, посочи Силјановска Давкова.

Таа додава дека пораките за бојкот воопшто не се во духот на парламентарната демократија.

-Некои пораки што ги слушаме за бојкот, воопшто не се во духот на парламентарната демократија, туку се наспроти парламентарната демократија, бидејќи јасно е дека овие 40 проценти туркаат во политички пазар, во уцени, во спогодби, а ние кандидатите бараме граѓаните да кажат дали сме за претседател подобни и соодветни, појаснува Силјановска Давкова.

Според Пендаровски, не станува збор дали некој кандидат бара или не бара бојкот, туку за уставна одредба што мора да се почитува, а во која се вели дека 40 проценти од гласачкото тело мора да излезе за да има валиден претседател.

- Овде станува збор за, за жал, уставна одредба која мора да се почитува, а која вели 40 проценти од гласачкото тело мора да излезе за да имаме валиден претседател. Јас сум да менуваме Устав и да немаме долен праг, затоа што кој сака да гласа има право да гласа, тоа никому не му е оневозможено, посочи Пендаровски.

Повиците за бојкот, вели, доаѓаат од политичката структура која ја поддржува Силјановска Давкова. Според Пендаровски, треба да се избере претседател на 8 мај бидејќи во спротивно би влегле во политичка криза и неизвесност.

- Од моја страна ниту некогаш било кажано, ниту некогаш помислено, гласачите кои ме поддржуваат да бидат наведувани на така наречен израз на ВМРО-ДПМНЕ - тивок бојкот. На секоја средба со граѓаните, на секој митинг јас велам „Излегувајте и гласајте. Македонија треба да има претседател на 8 мај, затоа што се друго освен тоа е влез во политичка криза, во неизвесност и тоа не ни е потребно. Јас сум првиот кој вели не за бојкот и ургирам сите, и оние кои ме гласаат и оние кои нема да ме гласаат да излезат и да го искористат своето демократско право, додава Пендаровски. бт/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан