• сабота, 21 декември 2024

Меџити: Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да се огради од изјавата на Силјановска-Давкова

Меџити: Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да се огради од изјавата на Силјановска-Давкова

Скопје, 30 април 2024 (МИА) - Лидерите на здружената албанска опозиција „Влен“ се уште не разговарале дали во вториот круг од претседателските избори ќе и дадат поддршка на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова.

За тоа, како што вечерва изјави лидерот на Демократското движење Изет Меџити, ќе разговараат деновиве, но ја осуди изјавата на Силјановска-Давкова дадена во Куманово и очекува оградување од раководството на ВМРО-ДПМНЕ од ваквите изјави. 

Со таквите изјави, како што посочи, не се подготвени да дадат поддршка за Силјановска-Давкова.

 - Денеска од Куманово има непожелна изјава во однос на УЧК. УЧК е свето за Албанците и мислам дека не треба да се враќаме на тоа. Ние имаме многу работа како да војуваме со корупцијата, како да им обезбедиме подобра иднина на младите, а не да се враќаме на теми кои ги оживуваат старите духови, рече Меџити за дневникот на „Сител“.  

Вели дека има разговори со ВМРО-ДПМНЕ и дека европската иднина на државата е приоритет.

Во однос на распределбата на секторите, Меџити рече дека редно е сектори што досега не се водени од Албанци како Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност, Управата за јавни приходи и Царината да бидат раководени од Албанци. - Тоа го бараме бидејќи сме силно фокусирани на борбата против корупцијата, рече Меџити.

Разликата во гласови од првиот круг на претседателските избори во албанскиот блок, Меџити очекува да се намали за парламентарните избори затоа што вели гласовите на ДУИ не се само од Албанци, туку од девет политички партии. Чисто албански концепт, според Меџити, е „Влен“ и тие ги имаат гласовите само од Албанците. 

- Ахмети првпат беше во ситуација да се спасува со гласовите од другите помали заедници. Ако на тоа се додаде и поткупот на гласови и притисоците, полнење на кутии од шоферот на Садула Дураку... Сето тоа ќе се процесуира од новата власт. Ако се изземат тие гласови, тогаш нивниот резултат е под нашиот. ДУИ не е чист албански концепт и тоа е спротивно на Мајскиот договор, рече Меџити. 

Додаде дека има најава од дијаспората дека ќе дојдат во државата за да гласаат на изборите на 8 мај со цел по 22 години да има промена во албанскиот политички блок. бак/дма/

Фото: Принтскрин

 

 

 

Остани поврзан