• петок, 10 мај 2024
МИА Радиофлеш

3 февруари 2023

 

– Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува утре на одбележувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев, соопшти премиерот Димитар Ковачевски, кој апелираше чествувањето во црквата „Св. Спас“ да биде мирно и достоинствено и дека за тоа е задолжено Министерството за внатрешни работи.

 

- Потврдуваме дека платата за јануари 2023 година не е исплатена за вработените во кабинетот и за претседателот на Република Северна Македонија. Образложението кое го добивме од Министерството за финансии е дека во Буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во кабинетот на претседателот и го сметаме за неосновано, соопштија денеска од кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски.

 

- Претседателот е посебна институција, не знам каков колективен договор има. Ќе си седнат со Министерството за финансии, ќе разгледаат колку имаат во буџетот, ќе споредат со Колективниот договор, ќе се договорат и на крај ќе донесат решение како што има решение за сè, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новирански прашања по посетата на „Виталиа“. 

 

- Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на новинарско прашање да даде коментар за усвоената Декларација од бугарското Собрание со која се „осудува антибугарската реторика во Северна Македонија“, вели дека тоа не е во согласност со договорената политика за унапредување на меѓусебните односи.

 

– Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека денеска нема да има средби со лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива – Арбен Таравари и Африм Гаши.

 

– Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 81. седница информираше за извршена редовна проверка на поднесените Изјави за интереси и утврдените прекршувања на забраните од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, при што се утврдени повеќе случаи каде членови на Совети на општини, истовремено извршуваат и други функции.

 

 - Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, во рамките на работната посета на САД  оствари средба со Џејсон Орландо, директор на Канцеларијата за техничка асистенција при Министерството за финансии на САД.

 

 Советот на Народната банка ја донесе Одлуката за објавување извештаи и податоци од страна на банките, со која се вршат позначителни промени за зголемување на опфатот на податоците што ги објавуваат банките и на фреквенцијата на објавите.

 

- Од ноќеска на полноќ цената на дизелот и на екстра лесното масло за домаќинство ќе се намали за два денара, додека на бензините останува иста, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

 

Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година. Признанието традиционално го доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1975 година.

 

- Со низа и свечености и културни манифестации Охрид деновиве ќе ја одбележи 130-годишнината од смртта на великиот поет и преродбеник Григор Прличев.

 

- Предупредувачки протест пред ресорното министерство во Загреб  беше организиран од Синдикатот на медицинските сестри и здравствените работници денеска поради лошите услови за работа и непочитувањето на колективните договори. Хрватскиот стручен синдикат на медицински сестри и медицински техничари и Самостојниот синдикат за здравствена и социјална заштита организираа мирен собир и најавија можност за штрајк доколку управата продолжи да ги игнорира нивните барања, еднострано да носи одлуки и да не ги почитува нивните права.

 

- Нелегалната емиграциска мрежа од Албанија во Велика Британија сè повеќе ја исцрпува земјата од човечки капитал, но дополнително имигрантите трошат големи суми пари, од кои повеќето одат за плаќање на трговците со луѓе, констатира албански „Монитор“.

 

- Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, критикувајќи го неодамнешното затворање на конзулатите на некои западни земји во Истанбул, таквиот потег го нарече „намерен“, додавајќи дека тие земји не споделуваат никакви информации од, како што ги нарекоа, „безбедносни причини“, пренесува Анадолија.

 

- Граѓаните на БиХ в недела ќе имаат можност да гласаат на вкупно 496 избирачки места од 7 до 19 часот, на предвремените избори за градоначалници, односно раководители на општини.

 

– Голема работа е што и Вашингтон и Брисел, иако ги знаат нашите „црвени линии“, го оценуваат пристапот кон дијалогот меѓу Белград и Приштина како конструктивен и одговорен, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

 

– Комплетирани се составите на тимовите за НБА „Ол стар“ натпреварот на 19 февруари во Солт Лејк Сити, откако тренерите во најсилната кошаркарска лига во светот ги избраа имињата на резервистите.

 

- Времето денеска преку ден ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Локално во утринските часови ќе врне слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната од 3 до 10 степени.

 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан