• петок, 26 април 2024
МИА Радиофлеш

3 февруари 2023

 

– Судскиот совет на денешната 429-та седница донесе одлука со која за вршител на должност претседател на Апелацискиот суд Скопје се определува Мери Дика Георгиевска, судија од Апелационен суд Скопје.

 

- Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше телефонски разговор со сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, иформираат од кабинетот на претседателот.

 

 – Граѓаните на 40 општини, во наредните неколку години, преку учество на Форуми во заедницата директно ќе одлучуваат какви проекти да се реализираат во нивното место на живеење.

 

– Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) апелира до граѓаните дека не е потребен адвокат за доставување пријава до ДКСК и дека тоа можат да го направат сами, лично, по пошта или електронски.

 

- Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска беа во посета на компанијата за производство и продажба на здрава храна „Виталиа“ во Скопје. Компанијата годинава одбележува 30 години постоење.

 

- Новинарката и филмска критичарка Гена Теодосиевска е избрана за претседател на четирите жирија на меѓународната филмска критика Фипресци (Fipresci) на 73.Берлински филмски фестивал, што годинава ќе се одржува од 16-26 месецов.

 

 - Во организација на Јавната локална библиотека ,,Илинден" и Општина Делчево промовирана е монографијата „Дејноста на МРО во Пијанец од создавањето до крајот на Илинденското востание“ од роднокрајниот автор Спиридон Митевски. Книгата е посветена на великанот на Македонската револуционерна борба Гоце Делчев, создадена по повод 150 години од неговото раѓање и 120 години од неговото убиство.

 

– Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу денеска изјави дека започнаа номинациите на кандидатите за наградата Жена претприемач од Западен Балкан за 2022 година.

 

 – Турција е блиску до одлука да го одобри приемот на Финска во НАТО следниот месец, додека статусот на шведската апликација за членство во Алијансата останува неизвесен, јави Блумберг повикувајќи се на неименувани извори.

 

 -  Српскиот претседател Александар Вучиќ на седницата за извештајот за напредокот на преговорите со Приштина денеска изјави дека геополитичката ситуација за Србија никогаш не била понеповолна и дека не треба „да се потценуваат потенцијалните закани што доаѓаат од Западот“.

 

- Владата на Данска денеска соопшти дека доделила дополнителни две милијарди дански круни (293,7 милиони долари) за справување со предизвиците во здравствениот систем до 2024 година.

 

-Германската Влада издаде дозвола за извоз на борбени тенкови Леопард 1 во Украина, изјави денеска портпаролот Штефен Хебестрајт во Берлин, без да даде дополнителни детали.

 

 - Новите работни места создадени од американските работодавци се зголемија  за 517.000 во јануари. Растот на новите работни места е изненадувачки силен во услови на агресивни потези на Федералните резерви на САД за  борба со инфлацијата со зголемување на каматните стапки. Стапката на невработеност падна на 3,4 отсто минатиот месец, достигнувајќи го минимумот за половина век. Најновите податоци покажуваат отпорен пазар на труд со ниска невработеност, релативно малку отпуштања и многу слободни работни места, иако повеќето економисти предвидуваат дека ќче има рецесија.

 

– Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја повика денеска Владата да го разреши од должноста претседателот на Агенција за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски поради незаконско работење при распределбата на финансиски средства на спортски федерации и екипи, и „итно да ја замрзне постапката за доделување спортски ваучери која е во тек за 2023 година“.

 

 

 

 

Остани поврзан