• среда, 24 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 16 април 2024

 

Тетово - Панел дискусија на тема „Предизвиците и перспективите на пазарот на трудот во Северна Македонија – Транзиција од образование до вработување“, денес во Тетово организираа Универзитетот на Југоисточна Европа и Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларија во Скопје.

Организаторите посочија дека сè уште постои потреба да се работи на транзицијата на образованието според потребните на пазарот на трудот во државата, а показател за тоа се многу работни места за кои нема соодветен кадар.

Предизвиците на пазарот на трудот се постојани и затоа е темата е важна постојано да се истражува, посочи Валон Садики, проектен менаџер во Фондацијата Фридрих Еберт.

-Ние како фондација ги следиме сите случувања и се ангажираме со давање партнерски придонес кон локалните институции во овој случај со Универзитетот, заеднички да пристапиме кон решавање. Прво дискутирање, актуализирање на темите и проблемите, предизвиците и потоа наоѓање на заеднички решенија. На наше задоволство најдовме многу добар партнер, за ова денес да ги дискутираме тие прашања во однос на пазарот на трудот и да се види јазот помеѓу понуда и побарувачка на работна сила во државата и да се седнат бизнис секторот, што тие бараат и образовниот сектор, што тие нудат за да јазот да се намали, истакна Валон Садики.

Според ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети, таму се планира нов седми по ред факултет за технички науки, токму во насока да одговори оваа образовна установа на потребите на пазарот на трудот.

-Нашето искуство е дека фалат кадри од техничките науки, од природно-математички науки, фалат на некој начин тие што се повеќе барани на пазарот со вештините за да може да се научи. Универзитетот е пред подготовка. Вие потоа се усовршувате и на самиот пазар на трудот. Меѓутоа претходно треба да биде изграден профил којшто има таква можност и способности да се усогласи со пазар на труд, истакна Абдулменаф Беџети.

На панел дискусијата учествува студенти, претставници на повеќе установи како Фонд за иновации и технологија, организација на работодавци, Стопанската комора, Агенцијата за вработување. 

Тетово - Шумскиот пожар над тетовско Селце по шест дена е ставен под контрола, информираат од Национален парк Шар Планина. Пресвртот се случил денеска, при што иако пожарот почнал да се проширува кон Ѓермо, ренџерите од паркот и вработени во Дирекција за заштита и спасување успеале да го стават под контрола.

- Пожарот над Селце беше проширен и над Ѓермо. До 12 часот е комплетно ставен под контрола и повлечени се екипите на Националниот Парк и Дирекција за заштита и спасување. Денес гаснеа пет луѓе од паркот и четворица од ДЗС, информираат од Национален парк Шар Планина.

Пожарот почна на 11 април. Вчера и на 14 април дејствуваше и хеликоптерска единица на МВР која фрлаше вода од височина. Во текот на овие денови пожарот го гаснеа и пожарникарите од Тетово со вода во цистерни од теренски возила. Првичните процени на вработените во НП Шар Планина се дека изгорела над 100 хектари букова шума, ливади и пасишта.

На подрачјето на национланиот парк вчера било интервениран и на два други пожари.

Потполно е изгасен пожар над селото Горјане, каде изгореле четири хектари, а над Ломница два хектари приватен имот со ниска вегетација од трева, даб, леска и габер.

Македонски Брод - Во посета на Општина Македонски Брод беше Амбасадорот на Република Полска во Република Македонија, господинот Кшиштоф Гжелчник.

Тој најпрво оствари средба со градоначалникот Жарко Ристески каде разменија мислења и идеи за интензивирање на понатамошната соработка на Општина Македонски Брод со Република Полска.Во рамки на посетата Амбасадорот заедно со градоначалникот продолжија со посета на Домот на културата, каде што ја разгледаа изложбата во чест на полскиот етнолог и социолог, Јозеф Обрембски и продолжија со посета на детската градинка, основното и средното општинско училиште.Потоа ја посетија индустриската зона Барбарос, каде се гради полска инвестиција, за на крај средбата да финишира со положување на букет цвеќе на спомен бистата на полскиот етнолог, Јозеф Обрембски, во населеното место Самоков.

Куманово - ЗКРСМ испрати барање до Владата за промена на новиот закон за средно образование кој ќе обезбеди субвенционирање на занаетчиите при обука на средношколците и обука за занаетчиите за квалитетно изведување на наставата информираа, денеска надлежните од комората.

-Во барањето кое ЗКРСМ го испрати до Владата беше наведено дека треба да инвестираме и во субвенционирање на занаетчиите кои се даватели на практична настава и кои учествуваат во процесот на дуалното образование со одреден дел од средства на месечно ниво. Само на тој начин кога го вреднуваме нивниот труд, работата и посветеност, а од друга страна и нивните трошоци за набавка на материјали потребни за изведување на практичниот дел од наставата на учениците ќе имаме две задоволни страни и краен продукт професионален кадар подготвен за пазарот на трудот. Клучно е да останеме флексибилни и отворени за промени и да ја искористиме шансата да ги унапредиме нашите програми и практики. Верувам дека со заеднички напори ќе успееме да ги постигнеме нашите цели и ќе им обезбедиме на учениците најдобро можно искуство во практичниот дел од образованието, изјави извршната директорка на комората, Јелена Спасова.

Скопје - Нов сквер ќе го разубави платото пред Општина Центар. Станува збор за поставување комунална урбана, т.н. „урбан атрактор“на платото на аголот од ул. „Михаил Цоков“ и ул. „Орце Николов“ пред Општина Центар. Оваа опрема има за цел да го збогати јавниот простор со урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, зеленило и паркинг за велосипеди. Градежните работи за новопланираната инсталација „урбан атрактор“ се започнати и тој ќе се протега на површина од 56 метри квадратни. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека новиот сквер ќе го оживее просторот и ќе биде ново збирно место за одмор и дружба.„Мило ми е што Дебар Маало добива ново урбано катче за граѓаните. Урбаниот елемент на новиот сквер ќе има модерна конструкција, а во неа ќе има урбана опрема за релаксација и одмор на граѓаните од секојдневието. Ова ќе биде простор каде граѓаните ќе можат да одморат, да се социјализираат или да ги паркираат своите велосипеди додека ги завршуваат обврските во околината. Верувам дека ова футуристичко урбано издание ќе го збогати Центар и ќе биде позитивно препознаено од граѓаните“, вели Герасимовски“, вели Герасимовски.„Урбаниот атрактор“ Општина Центар го добива како донација од Стопанска банка. Истиот ќе биде осветлен и ќе има информативна табла за корисниците на овој урбан елемент. Општина Центар ќе продолжи да работи на нови естетски уредувања и нови проекти за граѓаните.

Кавадарци - Општина Кавадарци одобри над два милиони денари за проекти на невладини организации. Во салата на општинската зграда, градоначалникот Митко Јанчев, заедно со претставници на граѓанските организации, денеска ги потпиша договорите за реализирање на проектните активности. 

- Се работи за повеќе приоритетни области за 2024 година, согласно распишаниот јавен повик за прибирање на предлог проекти, наменети за организации, регистрирани на територијата на општината Кавадарци, појаснија од Општината. 

Оттаму додадоа дека финансиски средства од локалниот буџет се одобрени на вкупно 22 организации, со одобрен буџет за финансирање од 2.210.000,00 денари. 

Скопје - Студентите од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, под водство на професорот Сашо Блажевски направија студиска обиколка на градинката Пролет во Центар, која е во финална фаза на градба. Во разговорот со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и со службите на Општина Центар, студентите беа информирирани за проектот и неговата реализација. 

„Се работи за објект наменет за деца од предучилишна возраст единствен во државата по својата големина, современиот дизајн и енергетската ефикасност. Драго ми е што сте овде за да се запознаете со сите решенија и карактеристики на оваа градба бидејќи токму вие како идни планери и урбанисти сте кадар што е многу потребен не само во општината, туку  и во целата  државата“ им порача Герасимовски на студентите од втората година на архитектонскиот факултет на Американ Колеџ.

Општинските служби задолжени за менаџирање на проектот на студентите им ги демонстрираа карактеристиките на објектот. Идните архитекти имаа можност да се запознаат со спецификите на проектот во секторот на греење, енергетска ефикасност, стабилноста и безбедноста на градбата, инклузивниот пристап, итн. Новата градинка Пролет треба да биде завршена наесен, а во моментов се работи во внатрешноста на зградата. Градинка се простира на вкупна површина од 3.276 метри квадратни, со капацитет за згрижување на 150 деца. Ќе има 9 занимални и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето. Во градинката ќе има и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето. Предвидена е и изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо зготвена и здрава храна.

Остани поврзан