• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

Дебар - Централното градско подрачје на Дебар утре седум часа ќе биде без напојување со електрична енергија.

-Утре, 16 април во периодот од 9:00 до 16 часот, ќе има планиран прекин на снабдувањето со електрична енергија во дел од Централното градско подрачје на Дебар, информираше Регионалниот Центар за управување со кризи- Дебар.

Според објавата, струја нема да има Чаршијата (од после градскиот амам), како и улиците "ЈНА", "Лиман Каба" и "1-ви Мај".

- Прекинот е поради планирани технички зафати на електро-мрежата. Ги замолуваме граѓаните за разбирање и препорачуваме навремено прилагодување на дневните активности, се наведува во објавата.

Денеска целиот град без вода е од 9 до 15 часот поради интервенција врз главниот вентил во градскиот резервоар а во исто време и негово генерално чистење.

Прилеп - Основното јавно обвинителство Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата, соопштуваат од Јавното обвинителство на Македонија.

Според информацијата, обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази.

Инаку, пред околу два месеца финансиска полиција почна да го проверува финансиското работење во Болницата. Инаку, новото раководство на општата болница со проширена надлежност во Прилеп, на прес конференција во октомври минатата година рече дека болницата имала наследени долгови од 193 милиона денари и блокирана сметка. Актуелниот директор Кире Јоноски тогаш рече и дека полицијата работи на проверка на сета документација.

Дебар - Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против жител на градот кој користел фалсификувана возачка дозвола.

- Кривична пријава е против У.Б.(50) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Тој, неовластено набавил и подолго време користел фалсификувана меѓународна возачка дозвола, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Според него,  У.Б. тврдел  дека документот "е издаден во САД". 

Струга - Струшката полиција пронашла и одзела хероин кај 15 годишно лице, соопшти денеска СВР Охрид.

- ОВР Струга поднесе кривична пријава против 15 - годишно лице од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, изјави портпаролот Стефан Димоски.

При контрола извршена на улицата „15 Корпус“ во Струга, додаде, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга кај него пронашла и одзела хероин.

Скопје - Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево алармираа за две отворени шахти во општина Аеродром, што претставуваат опасност за граѓаните.

Како што појаснуваат, минатата седмица преку социјалните медиуми биле пријавени две отворени шахти - едната спроти трговскиот центар „Скопјанка“, а другата веднаш по подземниот премин на булеварот „Кузман Јосифовски - Питу“, зграда број 28, пред „Спортлајф“.

Како што наведуваат од ЦУК, веднаш биле информирани надлежните од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на Град Скопје. Оттаму им било кажано дека и двете шахти се во сопственост на станарите и деловните објекти во околните згради.

Објавено е и видео на „Јутјуб“ - каналот на ЦУК, каде директорот Стојанче Ангелов упатува апел за итно преземање мерки околу шахтата спроти ТЦ „Скопјанка“. Тој нагласува дека постои ризик, граѓани да добијат сериозни повреди. 

Штип - Средношколци од средните училишта од Штип, но и од останатите општини од земјата, студенти од факултетите и академиите на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип денеска се дел од настаните Отворен и Кариерен ден. Двата настани ги организираа вработените во УГД-Штип и компаниите од Стопанска комора.

Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски истакна дека на настанов учествуваат над 40 компании од земјава. Средношколците имаат можност полесно да одлучат што ќе студираат, бидејќи директно ќе се запознаат со своите професори, а пак студентите можат да имаат директна комуникација со компании и да се информираат за работните места кои ги нудат.

-Буквално од секаде, имаме навистина огромен број на компании, мислам дека се 40, ученици од цела Македонија, што ми преставува посебно задоволство што факултетот станува интересен за студентите не само од нашиот регион, туку од цела држава, изјави Мираковски.

Целта на Отворениот ден е да се променат статистичките бројки кои покажуваат дека голем број млади по завршување на образованието заминуваат на работа во високо образовните држави.

Елисавета Горгиева-Јовевска од Стопанската комора на Македонија вели дека со високо образование, но и со средно стручно може да се најде добра работа во државата.

Новаци - Отпадот што го има на терен предизвикува голема штета и ние мора да најдеме начин како да се справиме со отпадот. Ова е еден регулиран систем за справување со отпад кој се планира на територијата на цела држава, истакна Ане Лашкоска, заменик министерка за животна средина и просторно планирање, на јавна расправа во Општина Новаци, а во врска со најавената изградба на Регионален центар за управување со отпад во Новаци.

Во изјава за медиумите Лашкоска, посочи дека изборот на локацијата е направен со претходни испитувања и истражувања на ЕБОР со експерти од странство кои констатирале дека се работи за девастирано земјиште и на локација 17 километри оддалечена од Битола.

-Разбирлива е грижата што постои кај населението и таа грижа постоеше и кај нас, а кога дојдовме на власт и кога дојде време проектот да го видиме ние ги се запознавме со сите фази на овој проект и затоа денеска дојдовме во Новаци да го образложиме проектот. Овој проект е започнат во 2019 година, а во 2022 година е постигнат договор со ЕБОР за што во 2023 година е земен кредит од 55 миилиони евра, а има и грант од 31,5 милиони евра кои се дел од овој проект. Грижата на граѓаните е разбирлива и затоа ние сме подготвени да одговориме на сите прашања. Тоа што го имаме на терен предизвикува голема штета и ние мора да најдеме начин како да се справиме со отпадот. Ова е еден регулиран систем за справување со отпад кој се планира на територијата на цела држава. Во североисточниот регион сме во напредна фаза, а сега го решаваме пелагонискиот регион, истакна Лашкоска.

Проектот, како што посочи таа, содржи повеќе фази, а Министерството веќе има обезбедено контејнери и канти за отпад за сите општини.

Делчево - Средното општинско училиште денеска одбележа 101 година од раѓањето на својот патрон Методи Митевски Брицо и 64 години постоење на установата. По тој повод беше организирана Свечена програма со настап на училишниот хор кој се претстави со повеќе музички точки, а беше одржана и модна ревија со креации подготвени од ученици од текстилната струка.

Присутните ги поздрави директорката на училиштето Дијана Цонева, која рече дека денешниот ден е потсетник дека знаењето преку воспитувањето е најважна инвестиција и дека заедништвото, посветеноста и соработката се темели врз кои се гради училиштето. 

Упати благодарност до наставниот кадар и вработените кои секојдневно се вложуваат во себе и воспитно образовниот процес, како и до учениците, родителите, локалната самоуправа и сите соработници.

-Во овие бурни времиња со својот труд докажавме дека образованието е најмоќното оружје со кое може да се промени светот. Заеднички ја градиме нашата визија за модерно училиште во кое учениците и нивната визија се во центарот. 64 години псототење е сериозна бројка во која младоста и искуството се обединуваат, а продуктивноста е на највисоко ниво. Горди сме на постигнувањата на ученциите како и на професиоанлноста и посветеноста на наставниот кадар кој е срцето на училиштето, рече Цонева.

Битола - Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е подготвен за премиерна изведба на претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски. 

Претставата се изведува во период кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на Георгиевски, автор на еден од култните романи „Црно семе“, беше истакнато на прес конференција во Битола.

-Долго време барав место каде би можел да го поставам овој текст и среќен сум што е тоа овој театар. За секој режисер најважно е да најде истомисленици, како што јас најдов тука. Судбината на помалите народи е тешка затоа што нивните приказни не се раскажуваат. Оваа претстава е да се издржи, да останеш свој и покрај сите притисоци, истакна режисерот Андреј Цветановски.

Во претставата закажана за утревечер, ќе настапат актерите Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски, Александар Копања, Марија Цветановска, Петар Спировски, Живко Борисовски и Хари Михајловски.

Куманово -  Здружението на матични лекари од Куманово ја поздравува одлуката за зголемување на капитацискиот бод, соопштија денеска надлежните од здружението. Бодот за матичните доктори од општа медицина и гинекологија се зголеми од 75 на 100 денари или за 33 проценти, додека за стоматологија од 61 на 75 денари со што зголемувањето е од 23 проценти.

Матичните лекари од Куманово сметаат дека со оваа мерка се очекува да се намали одливот на лекари во странство, се создаваат услови за зголемување на платите на за средномедицинскиот персонал и се покриваат трошоците на ординациите.

-Зголемувањето ќе оди во прилог на сите, особено за младите лекари кои ќе сакаат да останат овде и да отоврат ординација. Во Куманово голем дел од матичните лекари се пред пензија. Имаше ординации кои се затвораа поради финансиски проблеми, зголемена е минималната плата а таа чини, ние директно немаме партиципација, а материјални трошоци имаме многу. Ако трошоците пред неколку години беа 12.000, сега се над 25.000 денари, изјави, претседател на здружение на матични лекари Куманово, Фатмир Асани.

Куманово - Дваесет и шестгодишниот кумановец којшто  беше пријавен за исчезнат, сè уште не е пронајден, информираше денеска Секторот за внатрешни работи Куманово.

На 13 април, годинава во 14:00 часот во полицијата, педесет и петгодишниот Н.М.(55) од Куманово пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син С.М.(26), кој имал здравствени проблеми, соопшти полицијата. СВР Куманово презема мерки за пронаоѓање на лицето.

Битола - Општина Битола со 30 проекти аплицира до министерствата за новиот јавен повик за изразување интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти.

Од Секторот за односи со јавност соопштија дека градоначалникот Тони Коњановски ги потпишал проектните апликации, a преку нив Општина Битола има за цел да обезбеди финансиска помош за реализација на приоритетни проекти значајни за граѓаните и локалниот развој.

-Со поднесувањето на овие апликации покажуваме подготвеност, транспарентност и визија за подобра Битола. Ќе продолжиме со интензивна работа на сите нивоа за да обезбедиме што повеќе средства и инвестиции во нашата општина, посочи градоначалникот Коњановски.

Предвидените проекти опфаќаат реконструкција на улици во градот и населените места во општината со обнова на коловозот, реконструкција и промена на канализационата и водоводната мрежа. Проектните апликации вклучуваат и изградба на три спортски сали во основните училишта „Стив Наумов“, „Тодор Ангелевски“ и во ПОУ „Даме Груев“ во селото Долно Оризари, како и 10 спортски игралишта во училиштата, со соодветно осветлување, потоа изградба на атлетски патеки и борилиште во стадионот „Петар Милошевски“ како и два проекти за изградба на објекти на Терариум и нов дел за копитарите во битолската Зоолошка градина.

Остани поврзан