• четврток, 09 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

9 април 2024

 

Струга - Предизвиците со кои се соочува енергетскиот сектор, особено компаниите, инвеститорите и корсиниците ќе бидат главна тема на меѓународната конференција „Енергетика 2024“, која ќе се одри од 2 до 4 октомври годинава во Струга.

Конференцијата, како што соопшти Здружението на енергетичарите на Северна Македонија, е посветена на унапредување и проширување на знаењата за методите, политиките и технологиите за производство на електрична енергија и одржлив развој.

- Поканети се сите релевантни енергетски компании, претставници од индустријата, истражувачките центри унивезритетите и останати субјекти, како и експерти од земјава и странство да ги презентираат своите професионални постигнувања, истражувања и искуства и да споделат информации од областа на енергетиката, стои во информацијата.

Конференцијата, додаваат, претставува форум за споделување и размена на искуства и планови на регионално и глобално ниво.

- Со планираните пленарни сесии, дискусии и реферати ќе се овозможи реална платформа за идентификација на соодветните механизми и активности со цел надминување на проблемите во земјата и регионот, како и зајакнување на меѓусебната соработка, посочува Здружението.

На меѓународната конференција „Енергетика 2024“ ќе бидат опфатени повеќе тематски области, меѓу кои: „Енергетски производни капацитети“, „Преносни и дистрибуциони енегретски системи“, „Обновливи извори на енергија“, „ИТ системи и апликации во електроенергетските постројки“, „Уреди и системи за складирање енергија“, ....

Велес - Брзата интервенција на пожарникарите од Територијалната Противпожарна  Единица од Велес утрово спречиле експлозија на цистерната којашто се запалила на автопатот Велес – Градско во близина на бензиската пумпа „Дади Компани“.

Како што соопштуваат од ТППЕ Велес, утрово во 9:08 часот добиле  дојава  за запалениот шлепер цистерна во близина на бензиската „Дади Компани“ , по што веднаш се упатиле кон местото на настанот со две противпожарни возила и пет пожарникари.

- По пристигнувањето пристапено беше кон гаснење на пожарот и поради брзата итервенција не дојде до експлозија на цистерната, велат од ТППЕ Велес.

Оттаму апелираат доколку граѓаните забележат пожар веднаш да се јават на бесплатните телефонски броеви 112 или 193. 

Дебар - Локализирани се пожарите кои беснееја во Дебарско и нема потреба од интервенција од воздух. Активен е само уште еден пожар, од помал обем, во селото Бомово, информираше за МИА, Џетан Мифтароски, командир на дебарската територијална противпожарна единица.

- Со максимални напори во текот на ноќта беа локализирани пожарите во регионот на селото Татар Елевци, Сушица, Бомово и Коњаре. Моментно интервенираме на еден пожар во Бомово. Во регионот на Татар Елевци гореше сува вегетација и ниско стеблеста шума а во останатите села сува вегетација и костенови насади. Интервенцијата ни ја отежнуваше непристапниот терен, додаде Мифтароски.

Според него, во регионот на Татар Елевци зафатена била површина од 30 хектари, додека во Бомово, Сушица и Коњаре околу 20 хектари.

Во гаснењето на пожарите освен пожарникарите биле вклучени и вработени од шумска полиција и од подружницата „Стогово“ на „Национални шуми“. 

Скопје - ЈКП ,,Илинден” од Општина Илинден набави  приклучна механизација за косење и кастрење вегетација-мулчер.

Како што информираат од локалната самоуправа, оваа механизација ќе се користи за чистење на вегетацијата околу патиштата на територија на општина Илинден, со што  значително ќе се подобри безбедноста и прегледноста во сообраќајот. Исто така специјалната механизација ќе се користи и за уредување на нискостеблеста и крупна вегетација.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски направил увид на терен додека се вршело косење на вегетација на неколку локации покрај патиштата на територија на Општина Илинден.Тој потенцирал  дека со оваа механизација значитело ќе се подобри ефикасноста во работењето на вработените во ЈКП ,,Илинден” ,а  наместо досега рачното косење на вегетацијата,сега  се модернизира опремата со машинско косење.

Воедно потенцира  дека со модернизирањето и обновувањето на опремата на јавните комунални претпријатија овозможуваат поефикасна, побрза и поквалитетна комунална јавна услуга за жителите, и се дава  придонес Општина Илинден   да биде една од најчистите општини во државата и регионот.

Скопје - Министертвото за внатрешни работи итно да ги истражи причините и доколку се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, за која укажувавме две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност. 

Ова е реакцијата од Град Скопје, откако претпладнево гореше една од куполите на Универзална сала, а со брза интервенција на пожарникарите, пожарот е ставен под контрола. Во тек беа работи за нејзино реновирање.

- Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме!, реагираат од Град Скопје.  

Во реакцијата се посочува дека две години од Град Скопје укажувале дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, како што подвлекуваат, дека нема шанси никој од Градот да потпише градба и продолжи било каква реализација. 

Советниците во Советот на Град Скопје, потсетуваат дека на седница во јули 2023 година одлучиле Министерството за култура да ја превземе Универзална сала и нејзината реконструкција.

- По неколку месеци мистериозно гори Универзална сала, наместо да се ревидира што правел изведувачот. Универзална сала е на скопјани и на Македонија, а некој се обидува да заташка што правел, за што јавно говоревме две години и бевме напаѓани за истото од центрите на моќ и кеш, стои во реакцијата од Град Скопје.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека засега нема информации што е причината за пожарот.

На Единствениот број за итни случаи112 во ЦУК е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје.

Скопје - По информациите за избувнувањето на пожарот во Универзална Сала градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски веднаш се упати на терен. Пожарот е локализиран и не постои опасност за другите објекти, сподели тој. Герасимовски на социјалните мрежи известува дека според првичните информации во зградата немало никој и апелира да не се шират шпекулации додека да се добијат официјални информации која е причината за настанување на пожарот, информираат од Општина Центар.

-Пожар избувна во Универзална Сала при што веднаш се упатив на терен. Во моментов екипите на противпожарната бригада го гаснат и пожарот е локализиран. Не постои опасност по другите објекти во близината. Според првичните информации немало никој во зградата, вели градоначалникот на Општина Центар.

Герасимовски апелира граѓаните да го избегнуваат овој дел од градот додека трае интервенцијата и како што рекол, да не се шират шпекулации додека да се добијат официјални информации што е причината за пожарот. 

Кочани – Ученички тим од СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани oсвоија прва награда за иновативен проект за еколошко решение за прочистување на воздухот на вториот Bootcamp циклус во Струга, во рамки на програмата „UPSHIFT“ што ја спроведува здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD). Исто така, кочанската гимназија го доби и епитетот нај-UPSHIFT средно училиште како најнаградувано во рамки програмата.

На кампот имаше 10 тимови финалисти со вкупно 50 ученици од средните училишта, кои со своите ментори работеа на иновативни решенија против загадувањето на воздухот и за подобрување на неговиот квалитет.

-Во тимот од „Љупчо Сантов“ беа учениците во втора година Александра Чолева, Михаела Манчова, Сара Јорданова, Марко Костадинов Крстев и Давид Лазаров, под менторство на професорот Борче Алексов. Тие работеа на иновативно решение екосепаро филтер, односно еко дрво кое преку своето стебло и отпадниот сепаратор на сензори ќе го селектира отпадот по категории и ќе спречува појава на стакленички гасови. Исто така, еко дрвото има и решение за подобрување на квалитетот на воздухот преку неговиот воздушен филтрат, кој е составен од ползечко растение врз подлога од зеолит и активен јаглен. Можноста на ова растение да генерира кислород преку процесот на фотосинтеза, како и бенефитите од активниот јаглен и зеолитот во прочистувањето на воздухот обезбедуваат решението да има двојно дејство, истакнаа од СОУ „Љупчо Сантов“.

Наградата што ја добија учениците е во вредност од 120 илјади денари и тие ќе се искористат за натамошно унапредување и развој на решението.

Програмата „Upshift“ се реализира во средните училишта заради поттикнување иновативни идеи кај учениците за решавање проблеми во нивната заедница, а финансиската поддршка ја обезбедуваат УНИЦЕФ, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Амбасадата на Шведска. 

Скопје - Во Првиот центар во земјава за сензорна интеграција и психомоторна реедукација кој неодамна беше изграден во градинката „Пампурче“ во Општина Ѓорче Петров на пракса се студенти од Институтот за специјална едукација и рехабилитација.на Филозофскиот факултет при УКИМ Скопје, а центарот денеска го посетиле нивните професори, проф. др.Оливера Рашиќ Цаневска и проф.др.Горан Ајдински  заедно со  градоначалникот Александар Стојкоски.

Од Општина Ѓорче Петров потенцираат дека  со овој центар, значително ќе им се помогне на децата за полесно интегрирање во основното оразование.

Во склоп на Центарот  има  три простории, секоја просторија е со различна намена, односно сетилна соба, психомоторен кабинет и сензорна интеграција со вкупно 60 елементи за изведување на ваков тип настава.

Градоначалникот Александар Стојкоски информирал дека  посетата била  проследена со размена на меѓусебни искуства и идеи за подобрување на условите во предучилишна, како  и училишна возраст за дечињата со атипичен развој и попреченост.

-Задоволство ми е што професорите од Институтот ни излегоа во пресрет во однос на работата на сензорниот центар, односно што ќе ни помогнат при правилно користење на елементите кај децата, и сето тоа, преку нивни студенти кои ќе го посетуваат центарот на пракса. Тоа ќе биде од голема помош за нас како општина, но пред се за наставниот кадар во градинката кој секојдневно работи со деца со атипичен развој во „Пампурче“, но и во други образовни институции, изјави Стојкоски.

Посочува дека се зборувало и во насока на правилно интегрирање на децата и лицата со попреченост, генерално во образовниот систем, но и во секојдневието, со што што значително ќе им се олесни на родителите, воспитувачите, наставниците и стручниот кадар .

Тој појасни дека поради се’ поголем број дечиња со попреченост во градинките, помошните простории кои претходно се користеле како помали простории за деца со попреченост во градинката „Пампурче“ биле  пренаменети и искористени за изградба на новиот центар.

Штип - Почна реконструкцијата на дел од покривот во штипската Градска бања „Кежовица“, која е дел од ЈП „Исар“-Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека во првата фаза, која чини околу 2,5 милиони денари освен покривот за овој објект ќе се изгради и нова канализациона мрежа, а во внатрешниот дел  ново парно греење за ходниците и соблекувалните во женската и машката општа бања, потоа промена на електрична инсталација и нови клупи и закачалки.

-Втората фаза ќе опфати реконструкција на 11 соби за сместување на гости, туристи. Сместувачкиот капацитет е со 30 легла, а ќе се реконструираат толаетите во собите, како и нови кревети. Сето ова со вкупна вредност нешто помалку од пет милиони денари и е практично тековно одржување на овој објект, вели Јорданов.

Тој истакна дека општината за првпат почна и изработка на Детален урбанистички план(ДУП)околу бањата „Кежовица“. Со изградбата на Водоводна линија два и резервоари во населбите Пребег и Мерите се создаваат услови за развој на бањскиот туризам, односно инвеститорите да имаат услови за изградбата на спа центри, хотели. Новиот ДУП ќе овозможи да се обезбедат маркици, односно парцели за изградба на објекти, кои ќе бидат понудени на продажба.

Велес - Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од селото Извор во Општина Чашка за две кривични дела – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од ОЈО Велес појаснуваат дека постои основано сомнение дека во временскиот период од 2021 до 03.04.2024 година, осомничениот татко со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ги запуштил двете сопствените деца и од користољубие ги навел на питање. Тој ги носел децата на различни локации во Скопје и Велес, ги терал да бараат пари, а потоа паричните средства им ги земал и ги трошел во казино.

Jавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност да се даде во бегство, да го повторува кривичното дело или да влијае врз оштетените деца

Тетово - Драмското студио Тетово најавува две гостувања со претставата „ВАЈ-ФАЈ“, како и почнување со проби за премиера на комедијата „ВИ Спасувач на бракови“. На 17 април Драмското студио Тетово ќе почне да се подготвува за новата театарска претстава.

- Ќе се работи на текст на нашиот прославен драмски писател и текстописец Огнен Неделковски со наслов „ВИ-Спасувач на бракови“. Многу инспиративен текст, се надевам дека екипата на Драмско студио Тетово убаво ќе ја подготви, а премиера е најавена за почетокот на јуни 2024 година, информира Игор Бачоски од Драмско студио Тетово.

Тој воедно информира дека по подолго време за оваа претстава ќе се подготви и авторска музика на која ќе работи групата „Легенда“.

В петок, на 12 април со почеток во 19.30 часот во големата сала во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар за гостиварци премиерно ќе биде изведена претставата „ВАЈ-ФАЈ“ од писателот Мирољуб Недовиќ-Рики, а во режија на Мирко Видоески.

-Публиката во Гостивар ќе има можност да се насмее на згодите и незгодите на две семејства од Тетово кои се посватуваат, а нивните деца се во странство. Текстот е многу актуелен и колку што има хумор во него, сепак остава една доза горчлива насмевка затоа што никого не го остава рамнодушен сето ова што се случува со иселувањето на младите од Македонија, информира Бачоски. 

Ова претстава исто така во мај ќе гостува во Белград на Манифестацијата „Деновите на македонската култура 2024“ во организација на Здружението на Македонците во Белград „МАКЕДОНИУМ“ и Советот на Македонците во Република Србија. 

Остани поврзан