• петок, 10 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

8 април 2024

 

Куманово - Градоначалникот на општина Куманово и кандидат за претседател  од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска на социјалните мрежи објави дека добил покана да се јави во обвинителството бидејќи е обвинет за кривично дело „неизвршување на судска одлука“.

Од ЈОРСМ за МИА информираат дека не станува збор за обвинение, туку е истрага за поднесена кривична пријава од физичко лице за неизвршување на судска одлука и Димитриевски е повикан на распит.

Димитриевски обвини за притисоци.

- Притисоците не престануваат, туку како и што очекував се интензивираат. Ваквите постапки не ме обесхрабруваат, туку дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем. Ќе има и правда, а ќе има и мир, а непристрасните професионалци ќе добијат шанса да изградат и правен и функционален државен систем, објави Димитриевски на неговиот фејсбук профил.

Претходната недела во Основниот суд се одржа прво рочиште против Димитриевски, за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од две кумановските градежни фирми.

Пехчево - Жителите на пехчевското село Негрево започнуваат иницијатива за обновување на храмот ,,Св Цар Константин и царица Елена".  Иницијативата ја покренуваат ентузијасти кои информираа дека состојбата на храмот кој навршува 166 години постоење е загрижувачка и во фаза на потребна итна интервенција.

-Почитувани пријатели, драги наши сонародници од село Негрево, Се навршуваат 166 години од подигање на Светииот Храм Св. Константин и Елена, во нашето Негрево, а состојбата на храмот во кој започнале нашите животи е загижувачка и е во фаза за итна интервенција. Бидејќи имаме обврска да бидеме Благодарни за животот, како најубав дар од Господа, ја имаме можноста да додадеме вредност. Со искрени намери Ве повикуваме, да се обединиме и да го обновиме ова христијанско светилиште за кое имавме чест да добиеме Благослов при посетата на храмот од неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан и неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички Господин Наум, се вели во објавата на иницијатвниот одбор за обнова на црквата во село Негрево.

Во насока на поддршка на иницијативата, организаторите напоменуваат дека поддршката не мора да биде во парични средства, туку истата може да биде и во градежни материјали, средства за работа, изведба на одредени градежни активности, монтажа, превоз и било каква друга добронамерност. 

-Сите кои сакаат да придонесат во таа насока, ги замолуваме да се информираат, да се координираат со иницијативниот одбор, за да не дојде до удвојување и повторување на набавките. Градежните работи ќе започнат најпрво од санација на кровот и ќе се движат кон обновуваење столарија, фасада, потоа внатрешноста и на крај дворот на црквата. Ве известуваме дека веќе неколку време постои иницијативата, завршени се административни подготовки на јасен и транспарентен начин да можеме да го почнеме процесот за реконструкција на објектот, додаваат иницијаторите. 

Воедно информираат дека под покровителство на Пехчевско Архиерејско намесништво отворена е и посебна трансакциска сметка во Комерцијална Банка со бр. 300030000221825 на која исто така сите хумани граѓани можат да ја искажат својата добра намера во цел на дознака: за реконструкција на црквата во село Негрево За целото времетраење на работите, сите активности како што додаваат од иницијативниот одбор, информациите ќе бидат, транспарентни и достапни за јавноста. 

Делчево - Општина Делчево во соработка со НАЛАС (Мрежа на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа), денеска отпочнува со реализација на Паметен дигитален градски пилот проект „Иновативен систем за нега на постари лица – Далечински мониторинг на пациентите и дијагностика во Општина Делчево“.

Во рамки на проектот, како што информираа од Општината, ќе бидат набавени соодветни уреди за далечински мониторинг за непосредна дијагностика и третман, со соодветна обука на медицински персонал – матични лекари, како и обука за волонтери или даватели на услуги за користење на набљудувачките уреди и процедура на распределување. 

- Со овој повик ги покануваме матичните лекари од Општина Делчево да изразат интерес кон приклучување на проектот. Сите заинтересирани матични лекари на територијата на Општина Делчево за подетални информации и за пополнување на Формулар за учество во проектот можат да го контактираат лицето Наташа Димитровска во просториите на Општина Делчево, истакнаа од Општината.

На тој начин, додаваат, ќе биде подобрен квалитетот на социјалните здравствени услуги за постарите граѓани преку иновативни решенија и дигитализација и ќе се реши проблемот со недостаток на примарни здравствени услуги во далечните области за време на непогодни услови или при неможност за движење.

- Системот ќе го олесни далечинскиот мониторинг на пациентите и дијагностиката, особено насочен на постарите граѓани во оддалечените области.Проектот ќе биде од корист за најмалку 50 до најмногу 200 постари граѓани, додадоа од Општината.

Преку обезбедување опрема во рамки на проектот е предвидено следење на здраствени параметри од дома (ЕКГ, респирации, крвен притисок, сатурација, температура и пулс). Проектот ќе овозможи и самонабљудување и поддршка на дијагностиката без потреба од физички посети на здравствените установи.

Штип - Со подигање на знамето на Ромската заедница и интонирање на химната пред зградата на Општина Штип денеска почна одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Традиционално и оваа година Општина Штип додели вредносни ваучери на најдобрите ученици од Ромската заедница.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов изјави дека Ромската заедница не смее да биде дискриминирана бидејќи се дел од нашето општество.

-Традиционално и оваа година доделивме вредносни ваучери на најдобрите ученици од Ромската заедница кои се дел од образованиот процес, надоградувајќи се и учејќи, докажувајќи се тие придонесуваат за нашето општество, а се надевам дека и по завршување на образовниот процес ќе продолжат по овој пат. Ромската заедница не смее и не треба да биде дискриминирана затоа што тие се дел од нашето општество, од нашето секојдневие, рече Јорданов.

Од Ромските здруженија истакнаа дека прироритет е да се намали јазот во заедницата, да се градат нови политики и да се реалзираат прокети, со што 8 Април ќе продолжи да се одбележува и во наредните години.

Според Хавина Шакирова, доделувањето на ваучарите за најдобрите ученици е поттик за секој млад човек. 

- Ова е поттик за младите да продолжат да се образуваат и да оставаруваат резултати и во иднина. Велат дека на ваков начин се мотивираат дополнително, рече Шакирова.

Ерол Адемов вработен во Општина Штип рече дека треба да се реши проблемот на лицата Роми, бездомници кои моментално живеат во старото Нервно одделение и тоа е еден од најголемите приоритет на надлежните. Во  тековната 2024 година се очекува реализирање на прокетот за изградба на 41 типска куќа, со што лицата сместени во старото Нервно одделение ќе добијат соодветни услови за живот и сигурен кров над глава.

-Еден од најголемите проблеми со кои работиме веќе со децении тоа е проблемот со нашите граѓани кои се бездомници и верувам дека оваа година ова прашање ќе можеме да го решиме. Со проектот кој го имаме заедно со нашата општина, Општина Берово и Зелен институт за сите лица кои живеат во старото Нервно одделение оваа година да успееме да го реализираме овој проект со цел да се изградат 41 типска куќа за овие семејства и трајно да се реши овој проблем, вели Адемов.

Освен решавање на станбеното прашање, се работи на урбанизирање на Ромските населби, нова водоводна и канализациона мрежа, како и дополнително образование на овие лица со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. 

Дебар – Дебарското одделение за внатрешни работи денеска поднесе крвична пријава против 31-годишниот К.Т.  за „уцена“ и „тешка лражба извршена во дом на негов сограѓанин.

-Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „уцена“ и „тешка кражба“,кривична пријава е поднесена против К.Т.(31) од Дебар, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Според него на трети овој месец, по упатени закани и уцени кон 33-годишна жена од Дебар, пријавениот го добил безбедносниот код од нејзиниот дом и откако влегол, одзел повеќе златни и други вредни предмети и пари во различни валути и апоени со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 40.000 евра. 

Охрид – Безбедносната ситуација на подрајето под ингеренции на СВР – Охрид е поволна, со евидентирано намалување на кривични дела и на сообрајќајни незгоди со несакани последици и телесни повреди. Тоа го соопшти дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, денеска беше во работна посета на СВР – Охрид, Езерската полиција и на Граничниот премин „Свети Наум“.

- На состанокот со раководството на СВР – Охрид разговаравме и за тековната оперативна акција – претседателски и парламентарни избори 2024 година. Досега имаме одлична комуникација со сите политички партии и немаме индиции за нарушување на изборниот процес. А така ќе продолжиме во тесна комуникација и со граѓаните и со партиите, се со цел полицијата да биде на терен со нив и да го гарантираме изборниот процес, рече Бојмацалиев.

Тој ја искористи можноста да потсети дека МВР во 2020 година набави нови шест пловни објекти, со средства обезбедени дел од буџетот на МВР дел со донација од Чешката Република, со што е решен уште еден проблем во чувањето и обезбедувањето на граничната линија на Охридското Езеро.

Што се однесува на вчерашниот настан и приведувањето на новинарот Фуркан Салиу, дополнителниот заменик-министер посочи дека ја разбира бурната реакција кај јавноста, воздржувајќи се од дополнителен коментар од она што содржи соопштениото од МВР.

- Во моментов имаме министер од политичка партија која во минатото знаеше да се спротистави на гласните новинари, да затвора телевизии...Сосема оправдано што граѓаните реагираат, јас нема повеќе ништо да додадам од она што е соопштено од МВР. Од денеска за тоа што се случувало, зошто е уапсен и на кој начин новинарот, вклучена е и внатрешна контрола, така што мојот коментар ќе го дадам по извештајот од спроведната контрола, рече тој.

На прашањето на новинарите дали можело и поинаку да се постапи, Бојмацалиев рече дека секогаш постојат повеќе начини да се постапува, а дали тоа бил исправниот начин тоа ќе го покаже внатрешната контрола по случајот.

Дебар - По повод меѓународниот ден на Ромите, 8 април, денеска градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, прими претставници на ромската етничка заедница, а на основци и средношколци за нивниот одличен успех и примерно поведение им врачи пофалници.

- На почеток сакам Вам и на сите припадници на почитуваната ромска заедница да ви го честитам Денот, со желба да ја продолжиме традицијата на заемна почит, етничка и верска толеранција, во која со векови живеат сите жители во нашиот Дебар. Како локална власт ќе иницираме и ќе поддржуваме активности за подобрување на условите во населбите каде што главно е концентрирано ромското население, како и унапредувањето на положбата и нивната интеграција, рече Дука.

Ветувајќи дека како локална власт ќе ја продолжат грижата за сограѓаните Роми, најави дека општината ќе оддели буџет за финансиска поддршка на Ромите кои се школуваат на високо- образовните институции.

Говореше и за реализирани проекти и оние кои се во тек, за подобрување на инфраструктурата во деловите каде што главно живеат припадниците на оваа етничка заедница, напорите за „надминување на сфаќањата дека Ромите се дискриминирани“ и заложбите на сите, со цел „ заедно да одиме напред што е во полза на нашето општество“.

Дука, на 13 ученици, од нив 8 од ООУ „Пенестија“, двајца од ООУ „Саит Најдени “ и тројца од гимназијата „28 ноември“ им врачи пофалници, посакувајќи им да продолжат со одличниот успех и примерно однесување.

Како и изминатите години, по повод Денот, на јарболот пред општинската зграда во Дебар подигнато беше и се вее и ромското знаме.

Во Дебар живеат над 1.200 Роми, бројка која беше два и пол пати повисока, но емигрираа главно во Луксембург, Германија и Италија. 

Прилеп - Со подигнување на знамето на Ромите пред зградата на прилепската локална самоуправа, денеска во Прилеп почна одбележување на Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април. 

Според неофицијалните податоци, во Прилеп живеат околу 5000 Роми кои се носат со предизвиците и потребите на секојдневното живеење. Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат, а за што локалните власти сметаат дека се работи на подобрување, е инфраструктурата, посебно во населбата Тризла и под Марковите кули.

Алмир Сулејманоски од ромската заедница во Прилеп изјави дека денеска имале средба со прилепскиот градоначалникот за да разговараат за актуелните проблеми.

-Инфраструктурата е најголем проблем, но дел по дел се обидуваме да ги решиме. Ние ги предочуваме, а Општината се обидува да ги реши. Во иднина државата треба, пред сѐ, системски да го решава проблемот со ромската заедница преку повеќе проекти кои треба да се реализираат во ромската заедница, а со тоа би се подобрил квалитетот на животот на Ромите, целосно би се интегрирале во системот и би имале подобра услуга во институциите. Многу е битно државата да има волја и желба да го решава секој проблем, изјави Сулејманоски. 

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, во основното училиште „Добре Јованоски“ беше отворена изложба на ликовни дела од учениците и од нивната наставничка Маја Најдоска, создадени во летната училиница. Откриен е и мурал во училиштето, а во текот на денот ќе се одржи спортски турнир во футсал.

Тетово - Дел од вработените во Клиничка болница Тетово и Здравствен дом кои се членови на Независен Медицински Синдикат (НМС) по повод вчерашниот ден на здравјето денеска од 10 до 10:30 часот одржаа протест со барање за подобри услови за работа во јавните медицински установи.

Координаторот на Независен Медицински Синдикат за Тетово Ариф Ибраими во изјава за медиумите посочи дека во градот еден од најголемите проблеми е недостигот на кадар.

-Бројот на вработени не кореспондира со препораките од СЗО како установа сме региситриани за 470 кревети, за кои треба да има тројца вработени по кревет, речиси 1500 вработени за да оптимално се изврши и даде здравствена услуга. Нам ни фалат најмалку 400 вработени за да се изврши оптимална здравствени услуга, изјави Ариф Ибраими.

Независен Медицински Синдикат во повеќе градови одржа протест од кои се истакнаа барањата за трајно решение на над 1.100 здравствени работници и помошно-технички персонал кои се со договор за дело или со решение за времено вработување и други барања. 

Остани поврзан