• петок, 17 мај 2024

Куманово продолжува со активности за подобрување на состојбата на деца и лица со попречност

Куманово продолжува со активности за подобрување на состојбата на деца и лица со попречност

Куманово, 4 декември 2023 (МИА) - Во Куманово на ниво на училишта се одбележува меѓународниот ден за лица со попреченост, соопштија денеска надлежните. 

- Општина Куманово презема мерки за подобрување на состојбата на децата и лицата со попреченост. Од неодамна општината во соработка со здружението адаптира простор кој ќе користи за индивидуална работа на деца со попреченост. Просторот е поранешна месна заедница кај основното училиште „Толи Зордумис“, изјави претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска.

Овој простор ќе се користи за давање поддршка на деца на кои им е потребна работа со дефектолог, логопед и, како што појасни Ѓорѓиевска, родителите нема да имаат потреба да плаќаат за услугите кои сега се прилично скапи и ги оптеретуваат семејните буџети на граѓаните.

Скоро сите поголеми училишта во Куманово ја адаптираа инфраструктурата за учениците со тешкотии, соопштија претходно од секторот за образование. Процесот ќе трае, бидејќи во градот има 21 правен субјект и околу 50 училишта. Побавно оди процесот во подрачните училишта во руралните средини. Таму каде што не постои можност за изградба на лифт, кумановските училишта можат да побараат т.н. „гасеничар“.

Процесот на инклузија е долготраен, сметаат надлежните но тоа не треба да ги обесхрабри родителите, семејствата и локалната заедница.

- Како општество, како локална заедница не смееме да дозволиме никој да остане надвор од овој процес. Должни сме како активни чинители да направиме се, да креираме мерки, политики, да се вложуваме за да обезбедиме секој да биде вклучен изјави Ѓорѓиевска.

Во градот функционираат два центри за лица со попреченост.

Во општина Старо Нагоричане, како што информираше денеска заменик градоначалникот, Бобан Цветановски, поделени се хуманитарни пакети за поддршка на семејствата кои имаат дете или лице со попреченост.

- Ова е традиционална активност која се реализира повеќе години по повод денот на лицата со попреченост, изјави Цветановски.ам/цр


Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан