• понеделник, 23 декември 2024

Даријан Сотировски побара Правобранителството да го штити државниот имот Градски стадион Тетово од Општина Тетово

Даријан Сотировски побара Правобранителството да го штити државниот имот Градски стадион Тетово од Општина Тетово

Тетово, 17 мај 2024 (МИА) - Даријан Сотировски, актуелен директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, кој е жител на Тетово, преку Фејсбук објави дека повел повеќе граѓански постапки за рушењето на Градскиот стадион во Тетово за што посочува дека претставува уништување на државен имот од страна на Општината.

Поднел претставка до Државното правобранителство како орган повикан да го штити државниот имот, до каде образложил дека незаконска е одлуката на Советот на Општина Тетово околу корисничкото право на стадионот. Тој вели дека сè уште како сопственик на стадионот според имотен лист е државата.

- Владата на Р. Македонија на 19.08.2015 година донела Одлука со која Градскиот стадион во Тетово го доделила на трајно користење на Општина Тетово. На ден 27.09.2023 година Советот на Општина Тетово донел незаконска Одлука бр. 08-12322/67 спротивна на чл. 18 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со која Градскиот стадион во Тетово го доделил на трајно користење на Јавното претпријатие „Тетово транспорт“, иако согласно прекршената одредба надлежност да дава корисничко право на државен имот има само и само Владата. Согласно закон користењето на стварите подразбира само право на нивна непосредна употреба. Корисникот нема сопственост, а со тоа ниту ги ужива правата на сопственик, односно не смее да ја менува или располага стварта која ја користи, уште помалку смее со багер истата да ја руши, или да ја пренесе на друг за тој да ја сруши. Тоа е каубојско самовластие и уништување на државен имот, вели Сотировски во написот.

Согласно чл. 3 од Законот за користење и располагање со стварите од државна сопственост во името на Републиката право да располага со државната сопственост има Владата.

Понатаму вели дека добил писмено произнесување од Државното правобранителство.

- Државното правобранителство ги потврдува моите наводи и утврдува прекршување на Законот. Исто така ме информираат дека започнале иницијатива до Владата и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за заштита на државниот имот. Кога граѓаните би биле гласни, правниците упорни, а институциите внимателни и ажурни не би ни се случувало ова, посочува Сотировски.

Сотировски информира дека поднел Иницијатива за оценување на уставност и законитост на спорната Одлука на Советот на Општина Тетово до Уставниот суд на 26.04.2024 година.

Во април Сотировски поднесе и претставка до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација против Општина Тетово и градоначалникот поради настанот кој беше организиран од локалната власт со цел да се презентира идејата за реконструкција на градскиот стадион на која имаше ревијален натпревар и настап на музичари. Таму образложи дека жителите со македонска национална припадност биле дискриминирани по основ на потекло, национална припадност и јазик. ас/мд/

фото: Општина Тетово/ Даријан Сотировски 

Остани поврзан