• сабота, 18 мај 2024

Ковачевски: Со стратешките инвестициски проекти ќе добие поголеми количини електрична енергија произведена во Македонија

Ковачевски: Со стратешките инвестициски проекти ќе добие поголеми количини електрична енергија произведена во Македонија

Скопје, 5 март 2024 (МИА) – Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека со четирите закони за стратешките инвестициски проекти кои од денеска се на комисиска расправа во законодавниот дом за носење по скратена постапка, ќе добиеме многу поголеми количини на електрична енергија која ќе биде произведена во Македонија, за разлика од сега кога имаме електрична енергија произведена во капацитеи од 1984 година.

Посочи дека експертската јавност е поделена во однос на стратешките проекти, како и дека политичките партии имаат неконзистентни ставови по ова прашање.

– Се работи прво за стратешки инвестиции кои што во моментов во нашата држава не постојат. Дел од експертите се практично за вакви стратешки проекти, дел од експертите се против ваквите стратешки проекти. Политичките партии имаат бил рекол мислења кои што се неконзистентни, на пример претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за еден од проектите, односно за штипскиот проект вели дека е против, а градоначалникот на Штип којшто е од истата партија заедно со претставници од компанијата одеше на лице место и велеше дека е одличен проект, истакна Ковачевски.

Парламентарната расправа треба да се води на стручно ниво, посочи Ковачевски, а за поднесените 40 амадмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека се дел од демократската расправа и како што рече треба да се слушнат мислењата на експертите за да се дојде до решение кое е најдобро.

– Законски решенија кои што се однесуваат на стратешки инвестиции ниту се догма, ниту аксиома, меѓутоа потребни и се на државата со оглед на тоа дека не сакаме да ни се повторуваат сценарија како во енергетската криза кога зависиме од капацитети за електричлна енергија стари по 45 години, рече Ковачевски.

Посочи дека ги почитува мислењата и теоретското знаење на дел од експертите, бидејќи како што рече, некои од нив ништо не работеле

– Не направиле ништо во текот на нивните кариери што ќе ни даде за право дека имаат идеја и визија што треба да се прави. Почитувам секој експерт, го почитувам нивното знаење, но дел од нив не покажале дека нешто направиле во своите долги кариери од 3-4 декади. Сепак, ви кажувам дека го почитувам нивното теоретско знаење, бидејќи добар дел од нив ништо не покажале, рече Ковачевски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски денеска изјави дека пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата ќе ги преземат сите процедурални, демократски и собраниски процедури за да го спречат носењето на законите за стратешки инвестиции во енергетиката, за кои, сметаат дека се криминални и најавија дека ќе поднесат 40 амандмани.

- Очајноста на СДСМ продолжува до последен ден од нивното владеење. Денеска на Комисијата за економски прашања, СДСМ повторно ќе се обиде да ги протурка законите за стратешки инвестиции во енергетиката. Ова се закони со кои се нанесува децениска штета по енергетскиот сектор на Македонија, а служат само за богатење на најтесното раководство на СДСМ, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски. ра/лв/ 

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан