Објавен петтиот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“
- Објавен е петтиот том на публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, најново издание на Александар Стеванов – графички дизајнер, наградуван стрип-сценарист и хроничар на македонскиот стрип.
Скопје, 18 мај 2024 (МИА) - Објавен е петтиот том на публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, најново издание на Александар Стеванов – графички дизајнер, наградуван стрип-сценарист и хроничар на македонскиот стрип.
Како што информира авторот, во книгата се истражува и прибележува деветтата уметност на македонско тло, овојпат детално обработена го периодот од 2016 до 2019 година.
На вкупно 64 страници во боја, формат А4, во изданието се опфатени речиси 270 хронолошки единици, кои збирно го осведочуваат овој период како врвна точка на домашното стрип-издаваштво. Опфатени се стрип-албуми и списанија за стрип објавени кај нас, одржани стрип-работилници, фестивали и изложби, гостувања на македонски стрип-автори на манифестациите во странство, како и освоени награди на стрип-фестивалите во земјава и во регионот.
- Станува збор за зафат од капитално значење, изведен за сега, еве и во нејзиниот петти дел, поточно во публикациите со различни дијахрониски опфати: првиот дел опфаќајќи го периодот 1990 – 1999 година, вториот 2000 – 2007, третиот 2008 – 2011, четвртиот 2012 – 2015 година... сѐ додека својот историски проект Стеванов не го доведе до наши дни, пишува истакнатиот писател Томислав Османли во предговорот кон изданието.
Како и претходните четири тома, и овој петти том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ излегува со поддршка на Министерството за култура.
Почнувајќи од наредната недела изданието ќе биде дистрибуирано во библиотеките ширум земјава, најпрво во НУБ „Св. Климент Охридски“, а во скоро време се очекува да има промоција. мд/сст/
Фото: Александар Стеванов