• понеделник, 17 јуни 2024

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Скопје, 18 мај 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција поднесе кривична пријава против И.М. (41) од село Буковиќ, општина Сарај, аналитичар во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама по член  247 од Кривичниот законик, а Основното јавно обвинителство  Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка.

Како што информира МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција постапувал по пријава од три оштетени лица и на 17.05.2024 И.М. била фатена во моментот на примање 12 500 евра, претходно криминалистички обработени, кои и биле давани за наводно посредување за добивање социјални станови од Б категорија.

Во врска со делото, извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената, при што се пронајдени сомнителна документација поврзана со кривичното дело, документи за кои постои сомнение дека се фалсификувани, договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.

Исто така, при претрес во нејзиниот дом во село Буковиќ, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени огнено оружје и муниција. 

Лицето е изведено пред судија на претходна постапка, кој определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и забрана за напуштање на град Скопје. 

Според Обвинителството, од април 2023 година, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови. На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12 000 евра за стан и 3 000 евра за посредување и изготвување документација. Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12 500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.

За случајот утрово, преку својот фејсбук профил, информираше и техничкиот министер Панче Тошковски. мч/мд/

фото: МИА архива

Остани поврзан